Татко, мајка, сестра, брат. Тоа е насловот на вашиот нов филм. Се прашувам што е семејството за вас?
Семејството е еден вид произволна работа во која сте родени и очигледно е многу разновидна. Тоа е сомнителна работа, но сите ние имаме едно затоа што во спротивно, без размножување, не постоиме. Хетеронормативно идејата за семејство е еден вид економска структура.
Дали семејната рамка беше интересна бидејќи можевте да ја деконструирате?
Тоа е многу набљудувачки филм кој не сака да суди. Понекогаш ми се допаѓа смешен, површен дијалог. Сметам дека разоткрива. Ги сакам паузите меѓу работите. Повеќе ми се допаѓаат мали случајни детали отколку драматични ситуации. Значи, филмот е еден вид вежба за истражување на тие недраматични состојби. Додека го снимав, го третирав како да правам три цветни аранжмани бидејќи е многу деликатен. Ако поместите еден лист, ќе видите цвет со различна боја. И филмот е многу суптилен. Нема акција. Нема насилство. Нема голотија или секс. Всушност, нема драма, знаете.
Семејните фотографии се насекаде во вашиот филм. Што ви се допаѓа кај нив?
Ми се допаѓаат затоа што не се намерно уметнички. Тие доловуваат момент што е еден вид чувство. Лишени се од естетско внимание. Јас и мојот брат фотограф и експериментален филмски автор често патувавме во Кливленд за да го посетиме нашиот болен татко. Тоа беше период кога аналогните апарати стануваа застарени и сите имаа телефони и дигитални камери. Таму има многу места каде што луѓето донираат работи. Имаше контејнери со стари апарати на продажба. Со брат ми ги разгледувавме и гледавме дали има филм во нив. И ако имаше, го вадевме и практично го крадевме. Потоа го развивавме тој филм направен од случајни непознати луѓе. И беше фасцинантно да ги гледаме овие фотографии од луѓе што не ги познаваме: семејни фотографии, луѓе во нивните дворови кои пијат евтин шампањ од шише, луѓе кои ловат риба, деца кои си играат со играчки. Лошо осветлени, лошо кадрирани. И навистина сакавме само да ги истражуваме овие случајни откритија.
Зборуваме за семејство. Кои би биле вашиот татко, мајка, брат и сестра во филмскиот свет?
Клер Дени (Claire Denis) ми е сестра на некој начин бидејќи започнавме заедно. Таа беше мој асистент режисер во „Под удар на законот“ (Down by Low, 1986), но мислам дека ме надмина како режисер со нејзината прекрасна способност да создава различни видови филмови. Мислам дека мојот брат е Аки Каурисмаки (Aki Kaurismäki). Еднa од моите најомилени сцени е во „Сенки во рајот“ (Shadows of Paradise,1986), љубовна приказна меѓу касиерка и ѓубреџија. Тие се во кревет заедно, пушат цигара. Не ги гледате како водат љубов. Аки е многу внимателен во врска со тие работи. Во еден момент таа вели: „Дали ова значи дека ќе ме сакаш засекогаш?“ Има долга пауза и тој вели: „Да“. И потоа уште една долга пауза. Крај на сцената. Срцекршачки е совршено.
Татко? Па, јас бев асистент на Николас Реј (Nicholas Ray) во последните две години од неговиот живот и знам дека во реалниот живот Ник не беше многу добар татко, но во занаетот тој беше еден вид татко за мене бидејќи ме научи дека за да снимаш филмови мора да бидеш еден вид дилетант, мора да бидеш заинтересиран за многу работи.
Другиот татко за мене беше Сем Фулер (Sam Fuller). Бевме пријатели и често се дружевме. Ник Реј е можеби најголемиот режисер романтичар на Холивуд од таа ера, а Сем е висцерален, директен, цврст и тврдоглав режисер. Јас не сум ниту едното ниту другото, но она што го научив од нив е толку важно и незаборавно.
Што е со твоите актери, Џим? Дали ги сметаш за семејство?
Актерите се како мои деца, на смешен начин. Јас сум многу татковски и заштитнички настроен. Сакам да ми веруваат. Не одам во друга соба за да гледам на монитор. На сетот сум со нив, го набљудувам секое снимање и сум првиот што им зборува. Мојот филмски сет мора да биде многу безбедно и фокусирано место.
Ме фасцинира како вашите ликови комуницираат или не комуницираат − тишините, разговорите, несмасноста.
Едноставно не ми се допаѓа сè да биде уредно и намерно. Ги сакам празнините меѓу нештата − во музиката, во говорот, во секојдневниот живот. Ми се допаѓаат паузите.
Тоа е некако очигледно затоа што сум направил филмови како „Ноќ на Земјата“ (Night on Earth, 1991) со луѓе во такси во моментите што вообичаено се исфлрени во монтажа. Или „Кафе и цигари“ (Coffee and Cigarettes, 2003), серија вињети за недраматичните моменти од животот − кога правите пауза, кафе, цигара.
Кога бев помлад често одев во Јапонија. Бев опседнат со јапонскиот филм пред да постојат ДВД-уредите. Многу филмови од Мизогучи или од Нарусе не беа достапни во САД. Купував видеокасети во Јапонија и ги гледав повторно и повторно, честопати без превод, не разбирајќи јапонски. И сфатив дека приказната е раскажана во очите, во гестот, во движењето. Пропуштив дел од дијалогот, но никогаш суштината.
Најлошата рецензија што некогаш сте ја добиле?
Беше на француски, ја обожувам. Одеше отприлика вака: „Француската интелигенција се однесува кон Џармуш на начин на кој глувонемите родители би се однесувале кон своето дете. Тој има 33 години, на иста возраст како и Христос кога бил распнат. Можеме само да се надеваме на истото ова за неговата филмска кариера.“ (Смеа.)
Адаптирано од извор: TALKS – The Podcast (Ентони Вакарело за Saint Laurent Rive Droite)
Економија и бизнис, 01 мај 2026
Подготви: Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник












