АМЕРИКА ПО ВЕСТИТЕ – Десет години од видеосеријалот Soft White Underbelly

АМЕРИКА ПО ВЕСТИТЕ

пишува: Ѓорѓи Јаневски | Авторот е културен работник

Серијалот Soft White Underbelly , создаден од Марк Леита (Mark Laita), е еден од оние ретки медиумски проекти што не само што документираат туку и отвораат простор за длабоко човечко сведоштво. Самото име упатува на најранливото во човекот и во општеството. На прв поглед, концептот е едноставен: луѓе, најчесто од длабоките маргини на општеството, седат пред камера и зборуваат за својот живот. Но, токму во таа едноставност лежи неговата специфичност.

Овој популарен Јутјуб/интернет-серијал ја отфрла традиционалната дистанца меѓу гледачот и субјектот. Во класичните документарци често постои наративна рамка што го води гледачот: монтажа, музика, наратор.

Тука тие алатки се сведени на минимум. Камерата е статична, заднината е неутрална, светлото е меко, а присуството на авторот/соговорникот е речиси невидливо. Она што го прави серијалот навистина посебен е изборот на луѓе. Леита интервјуира зависници, бездомници, сексуални работници, поранешни затвореници, луѓе со трауми, луѓе кои се на длабоките маргини на современото американско општеството. Наместо да ги прикаже како статистика или проблем, тој им дава глас што не е филтриран, не е уреден до стерилност, не е прилагоден за удобноста на публиката.

Токму тука лежи етичката комплексност на проектот. Soft White Underbelly не е „безбеден“ за гледање. Често е непријатен, тежок и вознемирувачки. Но, таа непријатност е суштинска. Во време кога медиумите често ја „омекнуваат“ реалноста, овој серијал оди во спротивна насока. Една од клучните карактеристики на серијалот е начинот на кој ја третира приказната како нешто што припаѓа на субјектот, а не на авторот. Во многу интервјуа, Марк Лeита поставува минимални прашања, понекогаш само насочува, но никогаш не доминира. Ова создава простор каде што луѓето зборуваат со неверојатна искреност. Сведочиме на нешто што ретко се гледа: не перформанса, туку исповед.

И токму тука серијалот станува повеќе од документ, прераснува во архива на човечко искуство. Секоја епизода е како мал универзум, фрагмент од живот што инаку би останал невидлив. Во контекст на дигиталната култура, каде што содржината е брза, површна и брза за заборавање, Soft White Underbelly оди во контра. Создава простор за бавно и за внимателно слушање.

Визуелниот стил исто така игра клучна улога. Марк Леита доаѓа од фотографијата , и тоа се чувствува во секој кадар. Композицијата е внимателна, светлото е контролирано, а лицата се прикажани со голема прецизност. Дел од овој пристап е обликуван и од неговото долгогодишно искуство со студиски портрети каде што субјектот е центар, а сè друго останува во заднина. Визуелниот стил служи за да ја нагласи длабоката хуманост на неговите субјекти. Брчките, погледите, паузите, сето тоа станува дел од наративот.

Интересно е што серијалот функционира и како социјален документ на одредено време и место, со посебен фокус на урбаните периферии на Лос Анџелес и на Америка воопшто. Но, и покрај тој дефиниран контекст, приказните имаат универзална димензија. Темите на траума, на зависност, на љубов, на загуба, на преживување.. или најбаналното фаќање сеир ја надминуваат географијата.

Еден од најсилните ефекти на Soft White Underbelly е тоа што ја руши бинарноста „ние“ и „тие“. По неколку епизоди станува јасно дека границата меѓу „нормален“ живот и живот на маргините е многу покревка отколку што мислиме.

Сепак, серијалот не е без контроверзи. Некои критики се однесуваат на тоа дали ваквото документирање може да биде експлоатација. Дали давањето платформа е доволно или постои ризик од користење на туѓата болка како содржина? Ова се важни етички прашања кои се суштински поврзани и со филмската документаристика. Лесни одговори не постојат.

Она што е можеби највредно во овој проект е неговата способност да создаде простор за слушање. Во свет каде што сите зборуваат, но ретко кој навистина слуша, да седиш и да проследиш нечија приказна без да ја прекинеш и без да ја филтрираш е речиси радикален чин. Во таа смисла, серијалот има и терапевтска димензија не само за луѓето кои зборуваат туку и за оние кои гледаат. Гледачот е принуден да се соочи со сопствените предрасуди, стравови и граници на емпатија. Тоа не секогаш е лесно искуство, но понекогаш може да биде длабоко трансформативно.

Во поширок медиумски контекст, овој формат е некаде меѓу документарец, портретна фотографија и орална историја. Тоа е форма што сè уште се развива, но веќе има силно влијание врз начинот на кој размислуваме за документарното раскажување.

Конечно, исклучителноста на Soft White Underbelly не доаѓа од неговата продукција, ниту од неговата популарност. Таа доаѓа од нешто многу поедноставно и многу поретко: искрена човечка присутност. Во тие тивки, често болни, но длабоко вистинити разговори, се наоѓа нешто што медиумите ретко успеваат да го фатат − чувството дека навистина гледаме и слушаме некого.

И можеби токму затоа приказните од серијалот остануваат со нас долго по гледањето. Не како информација, туку како искуство. Не како приказна за „другите“, туку како огледало во кое, ако сме доволно искрени, ќе препознаеме дел од нас самите.


Економија и бизнис, 01 април 2026г

Ѓорѓи Јаневски
Авторот е културен работник

Најчитано