Над 500 маскирани учесници продефилираа на традиционалниот маскенбал во Куманово

Кумановскиот градски плоштад денеска беше исполнет со музика, креативност и разиграна атмосфера, откако над 500 маскирани учесници продефилираа на традиционалниот маскенбал во Куманово.

На манифестацијата учествуваа деца од седумте објекти на ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“, ученици од основните училишта „Магдалена Антова“, „Браќа Миладиновци“ и „Вера Которка“, како и ученици од општинските средни училишта и ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“ – Куманово. Учесниците се претставија со вкупно 14 групни маски, изработени со голема креативност и труд.

Настанот беше организиран од Општина Куманово и Фондацијата за култура и спорт, под покровителство на Општината.

Манифестацијата ја отвори секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, која истакна дека ваквите настани имаат значајна улога во негувањето на културните вредности и заедништвото меѓу граѓаните.

-Овој традиционален настан претставува вистински празник на креативноста, детската радост и заедништвото. Преку ваквите манифестации ги негуваме културните вредности и ја зајакнуваме поврзаноста во нашата заедница- изјави Сларидис Јаневска.

Овогодинешното 22. издание на маскенбалот имаше ревијален карактер, а на сите учесници им беа доделени благодарници за учество и придонес во манифестацијата.


Фото: МИА и Општина Куманово

Повеќе од истиот автор

Најчитано