Дигитализацијата сама по себе не е решение за високата корупција, за чие сузбивање се задолжени други институции, но може да го олесни и забрза работењето на администрацијата, да ја зголеми транспарентноста и да го намали просторот за произволно одлучување. Нејзините ефекти особено можат да дојдат до израз кај помалите случаи на корупција, преку автоматизирање на административните постапки и намалување на директниот контакт меѓу граѓаните и службениците, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој денеска пред компаниите членки на Стопанската комора ги презентра достапните дигитални услуги, решенија и можности што им стојат на располагање на компаниите.
Андоновски посочи дека многу од секојдневните административни постапки со кои се соочуваат граѓаните можат да се поедностават преку дигитални решенија и автоматизација. Меѓу нив се постапките поврзани со државјанството, издавањето изводи од матичните книги, запишувањето деца во градинка и други услуги што бараат комуникација со повеќе институции.
Кога станува збор за буџетот и за работата на институциите, според него, дигитализацијата овозможува поголема ефикасност, транспарентност и контрола на процесите, со што постапките можат да се завршуваат побрзо и поправедно.
Тој нагласи дека пред институциите претстои уште многу работа за унапредување на процесите, при што треба да се земат предвид и искуствата на државите што веќе применуваат целосно дигитализирани и безбедни решенија.
– Имаме уште многу работа пред нас и многу процеси што треба да ги унапредиме. Сакам да отворам и прашања поврзани со искуствата од странство, каде што веќе постојат целосно дигитализирани и безбедни решенија. Еден таков пример е мобилната апликација, која овозможува полесен пристап до електронските услуги и документи, рече Андоновски.
Осврнувајќи се на технолошкиот развој, министерот посочи дека промените се случуваат постојано, а особено забрзано со развојот на вештачката интелигенција. Според него, државата мора навреме да размислува за сопствените технолошки капацитети и за начинот на кој ќе ги обезбедува ресурсите потребни за дигитална трансформација.
Како прва важна тема, Андоновски го посочи прашањето за дата-центрите и потребата од градење заеднички национални капацитети, наместо секоја институција самостојно да развива и одржува сопствена инфраструктура.
-Првата теза што сакам да ја истакнам е дека секоја институција има свој дата-центар, но треба да размислуваме за градење заеднички национални капацитети – рече министерот.
Тој информираше дека на оваа тема биле водени разговори со експерти од партнерски организации од странство, при што треба да се земат предвид искуствата на земји како Естонија, но и актуелните случувања во светот, вклучително и војната во Украина, која трае подолго од очекуваното.
Според Андоновски, потребно е да се напушти пристапот во кој секоја институција го развива и го затвора својот мал технолошки систем, а наместо тоа да се инвестира во заеднички национални ресурси и капацитети. Во спротивно, одржувањето на одделни системи може да стане исклучително скапо, додека пристапот до потребната технологија може да биде ограничен од различни причини.
– Пораката е дека не треба секој да го гради и да го затвора својот мал технолошки свет, туку треба да развиваме национални ресурси и капацитети. Во спротивно, сето тоа може да стане исклучително скапо, а пристапот до потребната технологија може да биде ограничен од различни причини, нагласи Андоновски.
Како втора клучна тема, тој ја издвои потребата од развој на суверена вештачка интелигенција, во услови кога глобалната трка во оваа област се забрзува, а развојот и користењето на технологијата стануваат сè поскапи.
Андоновски посочи дека државата не треба да се потпира исклучиво на глобалните технолошки компании, бидејќи нивните производи не мора секогаш да одговараат на специфичните потреби на македонскиот јазик и на општеството.
Како пример ги посочи алатките за вештачка интелигенција, меѓу кои и ChatGPT, кај кои не може да се очекува дека секогаш ќе ги препознаваат сите јазични специфики и ќе нудат најсоодветни преводи и решенија на македонски јазик.
-Втората теза е дека, како што трката во развојот на вештачката интелигенција се забрзува и технологијата станува поскапа, сè повеќе мораме да разговараме за суверена вештачка интелигенција – истакна Андоновски.
Токму потребата од соодветни решенија за македонскиот јазик, како што појасни, ја наметнува идејата за развој на сопствени капацитети во областа на вештачката интелигенција. На краток рок може да се користат постојните модели и услуги, но долгорочно е потребно да се работи на развој и обука на модели што ќе се темелат на македонскиот јазик, со инфраструктура и пресметувачки ресурси достапни во земјата.
Министерот предупреди дека не може со сигурност да се предвиди како ќе се развиваат глобалните технолошки компании, какви политики ќе применуваат и под кои услови ќе ги нудат своите услуги во иднина. Затоа, според него, државата не треба да се потпира на претпоставката дека пристапот до овие технологии секогаш ќе биде бесплатен или лесно достапен.
– На краток рок можеме да користиме постојни модели и услуги, но на долг рок мораме да работиме на развој и обука на модели базирани на македонскиот јазик, со инфраструктура и пресметувачки ресурси што ќе бидат достапни во нашата земја – рече Андоновски.
Тој посочи дека можеби во следните десет или петнаесет години ќе има бесплатен пристап до одредени алатки, но не може да се претпостави дека таквите услови ќе останат непроменети засекогаш.
Според него, развојот на заеднички национални технолошки капацитети и сопствени модели за вештачка интелигенција е важен за долгорочната достапност на технологијата, за подобрување на дигиталните услуги и за приспособување на решенијата кон потребите на граѓаните, институциите и домашните компании.
фото МИА








