Ѓорѓиевска од АЛКА: Прекуграничниот туризам отвора нови можности за економскиот развој на Крушево и Елбасан

Крушево е познато меѓу параглајдеристите од целиот свет, а Фунар кај Елбасан го развива својот потенцијал како дестинација за авантуристички туризам. Прекуграничниот проект „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“, финансиран од Европската Унија, вложува во туристичката инфраструктура од двете страни на границата и во знаењата на луѓето што треба да ја претворат во деловна можност и соработка, сопствениците на сместувачки објекти, угостителите, водичите и малите претпријатија.

За тоа што туризмот носи на локалната економија, зошто одржливоста е добар бизнис и што можат да очекуваат локалните претприемачи, разговаравме со Елизабета Ѓорѓиевска, проектна менаџерка и одговорна за мониторинг, евалуација и учење (MEL) во Центарот за одржлив развој АЛКА, кој е партнер во проектот заедно со Општина Елбасан и организацијата Тјетер Визион, како и ко-финансирано од страна на Министерство за локална самоуправа. Носител на проектот е Општина Крушево.

Како е поделена одговорноста меѓу партнерите и која е улогата на АЛКА во поврзувањето на проектните инвестиции со потребите на локалните бизниси?

Елизабета Ѓорѓиевска: Носител на проектот е Општина Крушево, а АЛКА учествува како партнер во неговото спроведување. Општините се грижат за инфраструктурните активности, а ние, заедно со Тјетер Визион од Албанија, работиме на поддршката за луѓето и бизнисите, поточно реализираме обуки за претприемачи и институции, прекугранична мрежа и промоција. Нашата задача е да се погрижиме новите локации освен инфраструктура, да станат и дел од туристичка понуда која луѓето ја знаат, ја користат и од неа заработуваат. Сето тоа е можно благодарение на поддршката од Европската Унија, која финансира 85% од проектот а останатиот дел од македонската страна е Министерство за локална самоуправа.

Преку кои конкретни механизми вложувањата во туристичка инфраструктура можат да се претворат во поголеми приходи за локалните компании и домаќинства?

Елизабета Ѓорѓиевска: Во помалите места туризмот е една од ретките дејности што носат пари однадвор и ги оставаат во местото. Кога еден посетител престојува во Крушево или во Фунар, кај Елбасан тој плаќа сместување, јаде во локален ресторан, најмува водич и купува домашни производи. Тие пари одат директно кај локалните семејства и фирми. Проектот создава нови причини туристите да дојдат и да останат подолго, а тоа е најдиректниот начин да се зајакне локалната економија. Проектот е финансиран од Европската Унија преку Програмата за прекугранична соработка ИПА III Северна Македонија – Албанија, што ни овозможува инвестиции кои општините сами тешко би ги направиле.

Кои инфраструктурни и пазарни ограничувања досега го кочеа растот на туристичките бизниси во Крушево и Елбасан и како проектот ги адресира?

Елизабета Ѓорѓиевска: Крушево е веќе етаблирано како дестинација за параглајдинг, планински велосипедизам и други авантуристички спортови. Сепак, растот на интересот не беше проследен со соодветен развој на инфраструктурата и туристичката понуда. Ограничената сезона, недоволната промоција на малите туристички бизниси и слабата прекугранична поврзаност го ограничуваа нивниот развој. Во Крушево, недостигот од простор на полетувалиштата во главната сезона влијаеше и врз безбедноста, додека во Фунар кај Елбасан беше потребна дополнителна инфраструктура за авантуристички и еко-туризам.

Претходниот заеднички проект, реализиран од 2022 до 2024 година, постави основа преку подобрување на инфраструктурата и развој на заедничка туристичка понуда. Преку прекуграничниот проект „Крушево и Елбасан, патување во природа и авантура“, ги надградуваме овие резултати со подобрена инфраструктура, нови туристички активности и посилна поддршка за локалните бизниси. Целта е подолга туристичка сезона, поодржливо работење и поконкурентна заедничка дестинација.

Кои категории мали претпријатија имаат најголем потенцијал да остварат корист од проектот и како туристичката потрошувачка се пренесува кон другите локални дејности?

Елизабета Ѓорѓиевска: На двете страни на границата има повеќе од 80 угостителски објекти, од хотели, апартмани, семејни куќи за издавање, ресторани, како и повеќе од 100 мали фирми што се дел од туристичкиот синџир на пазарот. Тоа се првите што ќе ги почувствуваат придобивките од поголемиот број посетители. Тука се и спортските клубови поточно параглајдерски, планинарски, велосипедски, воедно и туристичките агенции, занаетчиите и производителите на домашна храна. И, секако, жителите, кои ќе добијат уредени простори и нови можности за работа.

Каква побарувачка создава параглајдерството за сместување, угостителство и локални услуги и како подобрените услови за летање можат да го зголемат тој економски ефект?

Елизабета Ѓорѓиевска: Секоја година во Крушево доаѓаат околу 2.000 параглајдеристи од странство, а во август 2026 година градот беше домаќин на две значајни меѓународни натпреварувања, Европското првенство и Светското јуниорско првенство во параглајдинг. На Европското првенство учествуваа 130 натпреварувачи од 38 земји, а репрезентацијата на Македонија го освои второто место, потврдувајќи го меѓународниот натпреварувачки потенцијал на земјата и Крушево како врвна дестинација за параглајдинг. Овие настани носат меѓународна видливост и директна побарувачка за сместување, храна, превоз и други локални услуги. Развојот на двете полетувалишта на Црн Врв е важен чекор за обезбедување повеќе простор и побезбедни услови за летање, одржување натпревари од светски ранг и привлекување нови посетители.

Како новата понуда може да ја продолжи сезоната и да создаде услови за постабилно вработување?

Елизабета Ѓорѓиевска: Тоа е една од главните цели. Бизнис што работи три месеци тешко вработува луѓе на неопределено време. Затоа проектот додава содржини што не зависат само од летото, туку СРЦ „Гумење“ ќе добие простор за настани и фестивали, а во Фунар се гради авантуристички парк и обележана патека од 15 километри до кањоните Допај. Пешачење, велосипедизам, култура и храна можат да ги пополнат пролетта и есента, кога денес многу објекти се полупразни.

Кои знаења и вештини им недостигаат на малите туристички бизниси и како обуките и менторството ќе им помогнат да ги намалат трошоците и да ја подобрат понудата?

Елизабета Ѓорѓиевска: Обуките во Крушево и Елбасан се наменети за локални туристички бизниси, со по 20 учесници, од кои 10 ќе добијат дополнителна менторска поддршка. Фокусот е на практични решенија за енергетска ефикасност, циркуларна економија, намалување на отпадот и поголема употреба на локални производи.

Крушево бележи напредок во одржливиот туризам и е препознаено како една од 100-те зелени дестинации. Дел од локалните туристички бизниси се насочени и кон сертификација со ознаката Good Travel Seal, меѓународна сертификациска шема за одржливост во туристичкиот сектор.

Преку обуките и менторството, учесниците ќе работат на намалување на трошоците и отпадот, подобрување на туристичките услуги и исполнување на критериумите за квалитет и одржливост. Целта е секој бизнис да се приближи до стандардите за одржливо работење и да ги зајакне своите капацитети за исполнување на условите за сертификација со Good Travel Seal.

Како одржливото работење може да придонесе за намалување на трошоците и зајакнување на конкурентноста на туристичките бизниси?

Елизабета Ѓорѓиевска: Голем дел од одржливите практики носат и конкретни финансиски придобивки: помала потрошувачка на електрична енергија, помалку фрлена храна и поголема употреба на локални производи. Истовремено, сè повеќе гости, особено од Европа, бараат одговорни и одржливи туристички понуди. Природното и културното наследство на Крушево е значаен потенцијал што локалните туристички бизниси можат да го претворат во конкурентска предност преку квалитетни, автентични и одржливи услуги.

Каква прекугранична вредност може да создаде поврзувањето на Крушево и Елбасан во заедничка туристичка понуда, особено во пристапот до пазари и трошоците за промоција?

Елизабета Ѓорѓиевска: Поголем пазар и поинтересна понуда. Еден турист полесно ќе дојде ако може во едно патување да лета во Крушево и да ги види езерото и кањоните кај Фунар, или традицијата и културните објекти во Елбасан. Преку проектот се гради прекугранична мрежа од околу 40 чинители, тоа се клубови, туристички агенции, фирми и здруженија, со заеднички календар на настани. Тоа значи заеднички пакети, заедничка промоција и помали трошоци за секој поединечно. Токму тоа е и смислата на програмата на Европската Унија за прекугранична соработка што го финансира проектот.

Што треба да преземат локалните претприемачи уште сега за проектната поддршка да ја претворат во долгорочни партнерски можности и по завршувањето на финансирањето?

Елизабета Ѓорѓиевска: Да се вклучат од почеток. Инфраструктурата сама по себе не носи заработка, туку ја носат луѓето што ќе понудат сместување, храна, водење и доживување. Нека дојдат на обуките, нека се приклучат кон мрежата и нека ја споделуваат кампањата #KrushevoElbasanJourney. Проектот трае до јуни 2028 година, но целта е ова да продолжи долго потоа, со посилни бизниси и повеќе посетители на двете страни на границата.

(комерцијална објава)

Повеќе од истиот автор

Најчитано