МЕГА ИНТЕРВЈУ | Азески: Државата со поголем БДП, компаниите со поголем профит, граѓаните со повисок стандард – ова е целта на комората

Мега интервју со Бранко Азески, претседател на СКСМ

Транспарентност во работата, силен маркетинг, добар пр, директна поддршка на компаниите (вакцини, струја, цнц машини, проекти, саеми за бизнис средби, конзорциуми), форуми, дигитализации, зелени агенди, центар за циркуларна економија, вештачка интелигенција – како успеавате работата на комората да ја прилагодувате секогаш на потребите на бизнисот?

Б. Азески: Ако не го следиш трендот, излегуваш од игра. Тоа не е ново правило. Ние постоиме за фирмите, за членките на Стопанската комора. Тие имаат потреби, ние ги следиме, се прилагодуваме на новите текови на работење и излегуваме во пресрет, бизнисот да ја врши својата функција. Живееме во 21 век, во ера на дигитализација, на вештачка интелигенција, тоа ги влече процесите да се движат со многу голема брзина. А тоа е истата патека по која чекори и бизнисот. Не случајно добиваме меѓународни награди во континуитет.

Господине Азески како сето може да биде признаено од релевантни светски организации (награда од Обединетите Нации – Агенцијата за развој (UNCTAD) за општествена одржливост, Светска трговска организација за дигитален шампион на процесите и издавање е-документи на македонските компании во надворешно-трговското работење, Еурочембрс за најдобар корпоративен сајт), а на домашен терен понекогаш тоа не се препознава.

Б. Азески: Е тоа е „балкански специјалитет“, кој се вика завидлк. Јас сум одлучен против тоа да не се борам и без потреба да не губам време. Тоа значи, РАБОТА, РАБОТА И САМО РАБОТА, следење на трендовите, градење кадри и секојдневни иницијативи.

Седиштето на UNCTAD – Агенцијата за развој на Обединети Нации во Женева

Но, за воља на вистината и дома на домашен терен сме добиле признанија како што е Орденот на заслуги за Комората и Признание за претседателот на Комората, од претседателот на државата, по повод сто годишнината на коморското делување.

Со сите овие признанија кои ги добивате во континуитет како гледате на амбиентот во кој делуваат компаниите. Има ли потенцијал за нивен раст, за извоз?

Б. Азески: Потенцијали има многу, но има и бариери. Далечни пазари значат скапи транспортни трошоци и без регионално обединување и омасовување на производите нема конкурентност. Пазари со потенцијал за извоз има и на Блискиот исток, во дел од земјите на ЕУ каде не сме присутни. Но, разни форми на деловни пречки и интереси, го кочат развојот и освојувањето на нови извозни дестинации.

И ако на сè ова се додаде дека Македонија со години има повеќе нерешени проблеми кои го кочат економскиот развој, тогаш имаме само едно нешто што треба да го направиме – брзи реформи, со брзо темпо, без отстапки, за да опстанеме во светот кој брзо се менува.

Нашата визија е да имаме што поголем број конкурентни членки кои што ќе работат глобално. Комората работи во таа насока и со цел нејзините членки да направат поголем профит. Ние како организација сме природен партнер на јавниот сектор и единствено во партнерство може да ја постигнеме заедничката цел – економски просперитет. Коморите во секоја развиена демократија секогаш биле значаен фактор во државата. Според многумина аналитичари, местото на коморите е веднаш до најрепрезентативните државни институции – Парламентот и Владата.

А што треба да реформираме?

Б. Азески: Најмалку две работи – што побрзо да станеме правна држава и да ги совладаме принципите на пазарната економија. Дефинитивно ако сакаме конкурентни компании, иновативни и креативни, со потенцијал за раст и развој, мора да се обезбеди фер конкуренција, еднаков третман на компаниите на пазарот. Преведено на јазикот на бизнисот значи дека бараме конечно решавање на проблемот на корупцијата и сивата економија.

Бараме нов закон за јавни набавки каде домашните компании ќе имаат предност, најмодерен систем на статистичка евиденција како основа за градење економските политики, смалување на готовината во промет, електронска фактура итн.

Дали визијата за економски раст во услови на светска криза е шанса за напредок или не?

Б. Азески: И во вакви услови на работење домашните бизнисмени не се откажуваат од креирање производи и услуги за странски пазари бидејќи само со извоз може да се градат силни брендови, конкурентни продукти, а растот на извозот ја покажува моќта на економијата која сака да се развива.
Во Комората, целата инфраструктура за извозни активности е поставена. Македонија има одредени компаративни предности, има неискористен, силен извозен потенцијал и ако активно се работи со компаниите, може да се постигнат конкретни резултати. Имаме јасен концепт како да ги поддржуваме компаниите, имаме предлог програма која, ако се имплементира во одредени сегменти, може да даде резултати, особено во делот на извозната промоција, на подобрување на извозната конкурентност.
Не случајно меѓународните настани, проектните активности, се во фокусот на работата на Комората бидејќи преку овие две форми, активно ги вмрежуваме компаниите за изнаоѓање нови партнерства, нови пазари, поттикнуваме извозни активности на фирмите, работиме на иновативниот и претприемачкиот дух.
Македонската извозна политика треба да се насочи од класично субвенционирање на производството кон активна и системска поддршка на компаниите во освојувањето странски пазари, зголемувањето на конкурентноста и создавањето поголема домашна додадена вредност.

Фокусот не треба да биде само на тоа колку извезуваме, туку и што извезуваме, на кои пазари и колкава економска вредност останува во Македонија.

Предизвиците се: како на најбрз начин да се достигнат целите на економскиот развој. Има еден пат, преку странски инвестиции – регионални, или глобални и отворање на нови пазари. Процесите на регионалното, европското и глобалното интегрирање се динамични категории кои бараат постојано набљудување, стратешко приспособување и брза реакција, институционален капацитет на јавниот и на приватниот сектор и претприемнички нерв. Она што за Македонија сега е надворешен пазар, набргу ќе стане внатрешен пазар.

Колку Коморскиот инвестициски форум и регионалната соработка помогнаа во раст на меѓусебните трговски односи и креирање политики, економски амбиент кој го препознава регионот како целина?

Б. Азески: Коморскиот инвестициски форум (КИФ) има значајна улога во трансформирањето на регионалната соработка од политичка декларација во конкретна економска агенда, и градење на вистински интегриран заеднички регионален пазар, кој ќе се заснова на примената на четирите слободи, на кои се заснова и единствениот пазар на ЕУ, а регионот ќе треба многу поактивно да се избори за повеќе договори за слободна трговија, по примерот на ЕУ, САД и други.

Од аспект на Стопанската комора, регионалната економска интеграција е особено важна затоа што нашите компании не треба да го гледаат Западен Балкан како шест одделни пазари, туку како заеднички регионален пазар, кој ќе мора да се усогласи со европските правила и постепено да се интегрира во Единствениот европски пазар како поврзани процеси.

КИФ има посебна улога токму во процесот на поголема регионална економска соработка. Коморите се најблиску до компаниите и најбрзо ги идентификуваат проблемите што ја ограничуваат регионалната трговија. Преку заеднички настап, тие можат тие проблеми да ги претворат во конкретни препораки до владите и до европските институции. На тој начин, бизнис-заедницата не е само корисник на регионалните политики, туку преку КИФ станува активен партнер во нивното креирање.

Кои се најзначајните институции каде што членува СКСМ?

Господине Азески често може да се види некоја вест дека сте настапиле на некој значаен економски форум дома или надвор од државата!

Б. Азески: Редовно практикувам да одам на тие форуми, затоа што на едно место сретнуваш многу луѓе и разменуваш мислења, градиш мрежи. Најдобро се чувствувам на Копаоник Бизнис форумот, каде долги години наназад сум панелист и добар партнер на организацијата. Исто така секоја година учествувам на Виенскиот економски форум, Конференцијата за економија на Црна Гора, а на почетокот на следната година се надевам прв пат ќе предводам и делегација на престижниот економски форум во светот, Давос. Неколку пати сум бил и на Кран Монтана форумот, а има и други разни форуми во светот каде сум престојувал.

Луѓето кои ве познаваат тврдат дека коморската работа ја познавате одлично, но и многу работите, просто како да сте насекаде. Ќе ве види човек на седници на институции, па ќе прочита ваша колумна, па во посета на регионалните комори, на промоција на книга, на меѓународни посети, на што се должи тоа?

Б. Азески: На младата екипа која ме опкружува на која ние повозрасните сакаме да им бидеме ветер во грб. Јас цел живот создавам кадар. Често во јавноста кажувам дека нема успех на ниедно поле, ако нема јасно поставена цел, потребен кадар но и пари. Без тоа нема бизнис. Кадарот на Стопанската комора на Македонија е гарант на нејзиното постоење, иднина а не ѕидовите на зградата на Димитрије Чуповски бр. 13. Вториот мотивирачки фактор е константната криза во која живееме. Да не можеш да земеш здив од проблеми. Еден на еден, друг на друг, како што напишал Кочо Рацин – мислиш дека ги намалуваш а тие се множат. Сето тоа е предизвик.

Што ќе издвоите од денешниот ден од вашата работа (кога го правиме ова интервју)?

Б. Азески: Тоа е нешто што не можам да го кажам а ќе го кажам за Економија и Бизнис, бидејќи Економија и Бизнис е со мене и јас со него скоро три децении и со полн респект ќе објавам дека денеска во 17:00 часот присуствував на еден собир на македонските градежници и раководството на Бехтел и Енка на кој се разговараше за вклучувањето на македонските компании во проектите – автопатите Тетово – Гостивар – Кичево и Прилеп – Битола. Имаше околу сто претставници на наши фирми и сите зборуваа отворено за сегашната соработка која не ја оценија баш најдобро и дадоа предлози за решавање на проблематичните ситуации. Од сега натаму секој месец ќе се држат состаноци во Комората на кои ќе се анализираат состојбите. Комората доби признание од сите, за идејата и подготовката на настанот.

Каква е вашата агенда до крајот на годината?

Б. Азески: Мојата агенда до крајот на годината предвидува неколку значајни настани кои ќе започнат на крајот на октомври на Собранието на Асоцијацијата на Балкански Комори (АБЦ) и ќе разговараме за нетарифните бариери на Балканот, потоа продолжувам во Брунен Швајцарија, таму ќе го конституираме новиот Бизнис Клуб помеѓу западноевропските и западнобалканските компании на наши иселеници. После тоа ќе присуствуваме на конференцијата за трговска марка која ќе се одржи во Белград и на саемот за транспорт и логистика во Сараево. Значајна ќе биде и конференцијата на почетокот на декември во Комората за односот на индустријата и екологијата заедно со УНДП.

На база на вашето искуство кои пораки би ги испратиле во името на најголемата бизнис организација?

Б. Азески: Често пати ми го поставуваат ова прашање и секогаш одговарам исто. Секој од креаторите на економските политики да се држи до своите надлежности, да партиципира максимално додека се остварат темелните вредности, кои во себе содржат компромисна енергија која на Балканот е и тоа како потребна, затоа што поделбите кај нас се по сите основи. Јас верувам дека идните генерации, ќе ги надминат сите тие поделби, и ќе изградат држава во која сите ние ќе живееме подобро, граѓаните со поголем стандард, бизнисот со поголем профит.


Разговараше: Кирко Бошкоски
Економија и бизнис, 15 октомври 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано