ИНТЕРВЈУ | Лазарова Трајковска: Луѓето со интегритет се светилници

Интервју со Мирјана Лазарова Трајковска | Судијка на Врховниот суд на Република Северна Македонија, поранешен судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур и поранешен судија на Уставниот судчовекови права во Стразбур и поранешен судија на Уставниот суд

Рубриката „Осамени острови“ низ која ќе продефилираат десетина интервјуа со важни чинители во македонското општество има една цел: да ги претстави на македонската јавност луѓето кои преку својата работа, влијание во општеството и јавните и професионални ставови поставуваат позитивни преседани на интегритет. Да имаш професионален и личен интегритет во нашето општество не е лесна работа. Најчесто си сам, опкружен со океан од непотизам, корупција, нечесност и други дејанија кои разорно делуваат по општественото ткиво. Затоа, идејата на оваа рубрика е да претставиме личности кои успеале да го сочуваат сопствениот интегритет и со тоа поставиле високи стандарди кон кои секој од нас би требало да се стреми. Оваа рубрика е поддржана од фондацијата National Endowment for Democracy (NED). Благодарност до списанието Економија и бизнис за отстапениот простор и подготвеноста на уредништвото да се зборува за оваа тема.


Г. Георгиев: Неодамна се вративте од Париз. Кога Ве прашав што ми прави мојот Париз, ми одговоривте: „Париз не го видов, ама Париз ме виде мене.“ Се шегувавте, се разбира, ама ајде да ја сфатиме шегата сериозно. Што видел Париз кај вас? И што гледаат понекогаш другите кај нас што ние дома не умееме да го видиме?

М. Лазарова Трајковска: Се пошегував кога реков „Париз ме виде, јас не го видов“, затоа што во Париз бев само еден ден, на само еден состанок којшто буквално ми го преокупира денот. Од јули оваа година сум претседател на Советодавниот панел за избор на судии во Европскиот суд за човекови права и моите колеги виделе некој што може да го води тоа тело и да помогне да се зајакне интегритетот на Европскиот суд за човекови права преку проверка на квалитетот на кандидатите. Во Париз бев на брифинг-состанок со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кои вршат интервјуа на кандидатите за судии во Европскиот суд за човекови права.

Г. Георгиев: Кога потоа се враќате во Македонија, се чувствувате ли понекогаш како осамен остров? Јас рубрикава ја нареков „Осамени острови“, но можеби грешам. Можеби постои цел архипелаг на луѓе со интегритет, само што ние од копното не го гледаме.

М. Лазарова Трајковска: Сакам да верувам дека постои цел архипелаг. Јас повремено си препознавам луѓе помлади од мене и луѓе постари од мене, со пократок но подолг стаж, и работен и животен, коишто носат во себе интегритет и коишто можеби се осамени во своите средини, неповрзани едни со други. Сепак, мислам дека влијаат на состојбите онаму каде што се, можеби непризнаени и непрепознаени, но тие се тука. Значи, главната мудрост е да се откријат, да се поврзат едни со други и ете така архипелагот да стане врзан и со копното.

Г. Георгиев: А постои ли таков архипелаг во македонскиот правосуден систем?

М. Лазарова Трајковска: Во рамките на судството има луѓе кои имаат интегритет и кога ќе препознаам такви ги чувам како капка на дланка. Многумина од нив знам дека сигурно се чувствуваат осамено. Кај некои понекогаш чувствувам и резигнираност, вознемиреност, и летаргија, како и кај најголем дел од граѓаните. И убедена сум дека си го поставуваат прашањето: „Што можам јас сам или сама да направам во целата таа ситуација?“

Г. Георгиев: Целиот ваш професионален живот, на различни начини, е поврзан со правото и со правдата. Што всушност значи да се дели правда, и што значи да се дели правда токму во Македонија? И може ли да се дели правда без личен интегритет?

М. Лазарова Трајковска: Да се дели правда подразбира професионалност, етично постапување и еднаков пристап кон странките коишто учествуваат во постапките, но и да се поседува храброст, хуманост, доблест и внимателност при носењето на одлуките. Подразбира судија којшто ќе претставува модел за тие коишто следат после нас, за стручните соработници, за студентите на правните факултети.

Г. Георгиев: Ајде уште малку за ова, бидејќи ми се чини важно. Може ли судијата воопшто да каже дека дели правда како таква, или само го применува правото, надевајќи се дека резултатот ќе биде праведен? Каде е тука етичката дилема?

М. Лазарова Трајковска: Судијата не може механички да го примени законот, без да делува како хуман човек, кој живее во општеството во дадено време, во дадени услови. И тој слуша, гледа, неговите сетила кон општеството се отворени, ги перцепира пораките од јавноста, ги утврдува фактите во конкретниот предмет и на таквите факти го применува законот. Секој случај треба да се анализира во контекст на фактите и само по правилно утврдени факти да се примени законот. При тоа етичката дилема е дали постапувам еднакво во еднакви или слични ситуации и дали има нешто различно и ново што налага да размислувам поинаку.

Г. Георгиев: Добар судија, значи, мора да има чувство за правда? Мора да биде праведен човек?

М. Лазарова Трајковска: Да. Праведноста е дел од интегритетот и неа ја развивате со текот на времето. Правото ви е алатката, праведноста ви е компасот кога ги носите пресудите и одлуките и кога пристапувате кон работата. Бидејќи праведноста подразбира, меѓу другото, и ефикасност во постапувањето, брзина во постапувањето, во рамките на со закон дадените параметри. Залудно е носење и на најдобра одлука ако таа е надвор од времето кога требало да биде донесена. Забавена правда е еднаква на неправда.

Г. Георгиев: Македонија овој септември обележа 35 години државност и независност. Најлесниот одговор е „можевме повеќе“, па затоа би Ве прашал нешто потешко: што навистина моравме да направиме, а не го направивме? И, поконкретно, што моравме да направиме во правосудството? Каде потфрливме како институции, а каде едноставно како луѓе?

М. Лазарова Трајковска: Требаше секој од нас да се труди да биде подобар од она што сме и онаму каде што е. Како граѓани требаше да бидеме погласни во одбраната на граѓанственоста, професионалниот интегритет и нормалното во време кога нè потисна ненормалното. Јас верувам дека граѓаните со интегритет, со професионалност во работењето, влијаат и на колективот, на заедницата. А во делот на правосудството, ние постојано велиме дека сме во реформа а никако да се реформираме. 35 години пишуваме закони, ги менуваме, се дополнуваат законите, меѓутоа во пракса ефектите се исклучително слаби. Правосудството требаше да се одбрани од влијанијата на политиките, требаше да се избори за финансиска независност, за дигитализација, за високо платена стручна администрација.

Г. Георгиев: Во голем дел беа индуцирани реформи од Европската Унија и однадвор. Како ние ги примивме тие реформи? Како некакво туѓо месо?

М. Лазарова Трајковска: Секогаш кога влегувате во некоја нова форма на заедничарење, се бара да го усогласите националното законодавство со тоа на регионалната или на глобалната заедница па тоа што се чини како туѓо треба да го одомаќините. Од 1991 година влеговме во Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ и други организации, и секоја остави трага врз националното законодавство. Најчесто таквите промени се позитивен исчекор. Кога ќе погледнете подобро, придобивките се и во градење на институции кои претходно ги немавме, Сега имаме Државна антикорупциска комисија, имаме институции во областа на јавната администрација, имаме Финансиска полиција која треба да се справува заедно со другите институции со корупцијата. Сепак и покрај промените постојат и голем дел системски опструкции, системски бариери коишто не дозволуваат да заживеат тие институции со полна сила.

Г. Георгиев: Ајде да се обидеме да ја разбиеме таа флоскула: имате одлични закони, немате добра имплементација! Тоа го слушаме дваесет години. Што значи всушност „немате добра имплементација“? Од што зависи таа?

М. Лазарова Трајковска Ние може да имаме на хартија најдобрите закони, но проблемот е во луѓето коишто треба да ги водат институциите што треба да ги имплементираат тие закони. Нам ни требаат луѓе што не се под влијание на политиката, не се кротки и замолчени, туку имаат свој став. Ни требаат луѓе што ќе отворат меѓуинституционален и внатреинституционален дијалог, за да ги видиме недостатоците во практикувањето на законите. Сè додека имаме влијание на политиката во именувањето, во изборот на луѓето коишто ги водат институциите, што треба да ги покажат резултатите, состојбата ќе биде таква. Еден чекор напред, десет назад.

Г. Георгиев: Од еден до десет, колку политиката негативно влијае врз правосудниот систем?

М. Лазарова Трајковска: Ако се навратите децении наназад, откако сме самостојна и независна држава, сите гарнитури и политичари сакале да имаат влијание врз правосудството, а тоа пак самото никогаш не покажа доблест, цврстина, силина да се спротивстави на таквите напори или влијанија од другата страна. Кога, меѓу другото, со уставните амандмани се смени надлежноста на Судскиот совет, политичарите искористија прилика, па ставија одредба дека Судскиот совет ќе ги бира претседателите на судовите. А ние во меѓувреме видовме дека Судскиот совет во извештајот на Прибе беше окарактеризиран како тело коешто е под силно политичко влијание.

Г. Георгиев: А беше претставуван како најважното независно тело што треба да го штити судството…

М. Лазарова Трајковска: Целта беше Судскиот совет да биде заштитник на независноста на судството, а не да ги спроведува насоките на политиката. Две претседателки на Судскиот совет отворено кажуваа за силни влијанија во судството од политиката и од бизнис елити, а тоа е повеќе од цврст показател дека политиката влијае во судството. Другата форма се јавните настапи на политичарите визави судството. Или го кудат или го фалат, Наместо да се расфрламе со пораки преку медиумите, многу подобро е да постои дијалог меѓу извршната, законодавната и судската власт. Таков дијалог не сме имале во последните три децении. Не сме имале видлив конструктивен дијалот и дебата

Г. Георгиев: Меѓу нас кажано, судството одбра да се потчини. Денеска седиме во Врховниот суд, на некој начин на правосудниот Олимп. Последниов период Врховниот суд беше присутен во јавноста преку неколку одлуки што предизвикаа силни реакции. Како јас, како граѓанин, да знам дека една судска пресуда е добра, а уште повеќе — дека е праведна? Особено кога Апелација носи една одлука, а Врховниот суд ја укинува и го враќа предметот на повторно судење. Како тоа да ни го доближите?

М. Лазарова Трајковска: Мислам дека во овој дел сме исклучително лошо поставени како висок суд. Ние со години наназад работиме на транспарентноста. Иако се правени исчекори, тоа очигледно не е доволно, Како резултат на тој застарен пристап кон транспарентноста, ние објавуваме дека е донесена одредена одлука во една-две реченици. Последниот случај на кој укажувате покажува дека тоа е лош пристап. Без кратко правно појаснување, граѓаните, аналитичарите, новинарите и правосудната фела остануваат збунети: кое е рациото зад таква одлука. Од овој пример треба да учиме од подобрите од нас, на пример од меѓународните судови. Таму не се објавува соопштение за карактерот на одлуката додека не се објави нешто како правно резиме или не се објави самата одлука во целина. Не се истрчува така со соопштение без да ја нахраниш јавноста со потребните информации. И најправедната одлука и најдобронамерната одлука, која има за цел да ја исправи грешката на пониските судови, нема да биде разбрана од јавноста. Во овој сегмент, ние имаме уште многу работа.

Г. Георгиев: Имаат ли највисоките судови уште една должност — не само да решат конкретен предмет, туку со своите одлуки да создадат правен стандард кој ќе се спушта низ целото судство? И тоа немам впечаток дека многу го гледаме. Можеби грешам…

М. Лазарова Трајковска: Високите судови, како врховните и апелациските судови, имаат законска обврска да работат на воедначување на судската пракса и да ја гарантираат правната сигурност и стабилност. Кога ќе стигне предмет од кој се гледа дека пониските судови различно постапувале, високиот суд може да укаже кој е правилниот пристап. Меѓутоа, не секогаш такви предмети стигнуваат до високите судови. Но затоа постои можност Врховниот суд да донесе начелен став или начелно правно мислење со кои ќе влијае врз градењето не само на единствена судска пракса туку и на цврсти правни стандарди. Имаме повеќе начелни ставови и правни мислења за воедначување на судската пракса, но тоа не е доволно видливо. Ете, уште еден заклучок дека можеби не умееме добро да ги пренесеме таквите начелни ставови. Тие се објавуваат на веб-страницата на судот, меѓутоа ретко кој граѓанин ќе ја отвори баш веб-страницата за да ги бара.

Г. Георгиев: Да излеземе малку од Македонија. Кога го гледате светот денес, имате ли чувство дека правото и правдата некако ни се лизгаат низ прсти? Не мислам само на војните и конфликтите, туку на поширокото чувство дека правилата важат сè помалку или не важат еднакво за сите. Што се случува со владеењето на правото во светот?

М. Лазарова Трајковска: Минуваме низ време на глобална криза, која не е само политичка, туку е економска но и силно правна. Тоа може да го видите и во работата на меѓународните и на регионалните судови. Многу критики се упатени кон Меѓународниот кривичен суд па и кон Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Во криза се голем дел од овие институции и помалку или повеќе некои од нив прават напори да се справат. Европскиот суд за човекови права е веројатно сеуште е најпозитивен пример.

Г. Георгиев: Светилникот? Сè уште?

М. Лазарова Трајковска: Сè уште е светилникот иако и тој е на ветрометина на критики од многу држави. Токму затоа беше донесен Протоколот 15, кој инсистира на принципот на супсидијарност и на пренесување на тежината на постапките пред националните судови пред да стигнат во Стразбур. Судот во Стразбур сè уште има цврсти механизми за функционирање и развивање дијалог со државите членки. Судот донесе пресуди од големо значење и за Европската Унија во заштитата на човековите права — за тероризмот, корупцијата, трговијата со луѓе и мигрантите. Не само поради тоа што бев дел од тој суд како судија и како претседател на секција, но и како национален судија, ве уверувам тој суд е сè уште патоказот кој ни помага.

Г. Георгиев: На сите овие предизвици доаѓа нов вирус во правосудството — ако е вирус. Вештачката интелигенција веќе навлегува и во правото, можеби подраматично отколку што сега разбираме. Арсен Дедиќ во една песна вели дека тоа е „нешто што истовремено радува и плаши“. Што Вас ве радува, а што Ве плаши кога ќе помислите на вештачката интелигенција и правдата?

М. Лазарова Трајковска: Токму така „нешто што истовремено радува и плаши“. За жал, македонското правосудство како сè уште да е на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Немаме ни целосна дигитализација на предметите, сè уште работиме во хартиена форма а камо ли да ја внесеме и ВИ. Од колеги од други држави знам колку ВИ се користи во истражување судска пракса, подготовка на записници, решенија и технички акти. Знам дека сепак скепсата, и стравовите се големи и мислам дека во тој дел сè уште е рано да се прифати вештачката интелигенција како црна кутија која треба да дели правда.

Г. Георгиев: Сакате да кажете дека не може алгоритам, не може компјутер да дели правда?

М. Лазарова Трајковска: Европската комисија за ефикасност на судството вели дека интегритетот на судијата не го чини само неговата професионалност, знаење, искуство, затоа што имате многу судии коишто го носат тоа во себе, туку и хуманоста, доследноста, принципиелноста за некои работи, чувството за моментот во кој се носи одлуката и како таа ќе биде перципирана од јавноста. Така што мислам дека хуманата димензија на судијата не може да ја замени алгоритам и во тој дел и во иднина ќе требаат судии.

Г. Георгиев: Конечно, што е за Вас интегритет? Како го дефинирате?

М. Лазарова Трајковска: Интегритет е збир на квалитети коишто го одликуваат еден човек, и тој подразбира личност со силно изградени етички и морални квалитети, а тоа е важно особено во судската професија. Интегритетот во судството подразбира интегритет и во приватниот живот. Судијата не престанува да биде судија по излегувањето од судницата. Тој мора да внимава и на начинот на однесување во средината каде што живее, каде што го минува слободното време. Луѓето со интегритет се светилници. Не само во судството, туку во сите општествени сфери. Мора да трагаме по тие луѓе, да ги чуваме, да ги штитиме, но и да им дадеме видливост.

Г. Георгиев: На крајот на денот, кога ќе останете сами со себе, по што знаете дека во професионалниот живот сте постапиле исправно? Како си го наоѓате мирот? Како си велите: „Океј, јас добро постапив“?

М. Лазарова Трајковска: За мене е важно да бидам во мир со себе во делот на професионално донесените одлуки Јас ги мерам одлуките внимателно и мислам дека тоа мора да биде така во нашата професија, Можам да ви кажам дека се чувствувам во мир сама со себе после завршен тежок ден. И се разбира, свесна сум дека над Врховниот суд не е синото небо. Над Врховниот суд е Европскиот суд за човекови права, и треба да се прифатат критиките коишто доаѓаат од тој суд и од нив да се учи. Бидејќи, како што рековте, ќе дојдат некои други луѓе после нас на кои ќе го пренесеме она што сме го стекнале. Конечно, над сето ова е и моралниот суд кој секој од нас го носи во себе.

Г. Георгиев: Ви благодарам за разговорот.
Разговараше: Гордан Георгиев

Економија и бизнис, 01 октомври 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано