МЕГА ИНТЕРВЈУ | Горан Марковиќ: Вистинското технолошко лидерство се мери со вредноста што ја создаваме за луѓето

Мега интервју со Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком
Горан Марковиќ Главен извршен директор на Македонски Телеком

Од првиот мобилен повик пред 30 години до 5G+ и вештачката интелигенција, Македонски Телеком е дел од најголемите технолошки промени во земјата. Денес компанијата отвора ново поглавје – со поинтелигентни мрежи, нови дигитални услуги и амбиција да ја движи следната ера на дигиталниот развој. Но, за Горан Марковиќ, главен извршен директор на Македонски Телеком, вистинското лидерство не е само во технологијата. Разговаравме за дигиталниот оптимизам, AI и новите можности, за довербата на корисниците, одговорноста кон општеството и зошто најголемата трансформација на една компанија започнува од луѓето и културата.


Годинава одбележувате 30 години мобилна телефонија во Македонија. Кога ќе погледнете наназад, што Ви е најинтересно во оваа приказна?

Г. Марковиќ: Kога ќе погледнам наназад, за мене ова не е само приказна за технологија, туку приказна за луѓето. Генерации наши колеги ја граделе мрежата, ја развивале компанијата и ги носеле новите технологии во Македонија. И генерации корисници кои ни ја давале својата доверба. Телеком беше дел од секоја голема промена – од првата мобилна мрежа, преку оптиката, дигиталната телевизија и 5G, до новата ера што ја отвораме со 5G+.

Од друга страна, ме фасцинира брзината со која се менува технологијата. Порано беа потребни години за една иновација да стане дел од секојдневието. Денес тоа може да се случи за неколку месеци, а со AI промените ќе бидат уште побрзи.

Токму тоа е највозбудливо – зад нас се декади во кои променивме многу, а пред нас е иднина во која можностите се поголеми од кога било.

Во годината на овој јубилеј ја воведувате првата 5G+ мрежа во Македонија. Што е толку значајно во оваа технологија и што конкретно ќе добијат корисниците?

Г. Марковиќ: 5G+ е нова ера во мобилните комуникации. Ако досега зборувавме за зголемување на брзините, сега отвораме пат за персонализирани услуги. Клучно за оваа мрежа е Network Slicing, што овозможува приоритетен пристап и загарантиран квалитет на мрежата. На пример, земате slice за важен деловен видеоповик, или треба да се вклучите во живо, да споделите видео итн. Имате одличен квалитет, не ве интересира колку е оптоварена мрежата, имате свое парче мрежа. Оваа технологија отвора пат за телемедицина и пренос на медицински податоци во реално време, користење дронови за надзор и мониторинг, паметни фабрики со автоматизирани процеси и далечинско управување со машини… многу нови решенија што допрва ќе ги развиваме.

Денес речиси сè што правиме зависи од поврзаноста и очекуваме беспрекорно искуство. Но, што сè е потребно за такво искуство?

Г. Марковиќ: Толку е природно да сме постојано поврзани што најчесто и не размислуваме за тоа. Сè додека нешто не престане да функционира. Мрежата е животна артерија на дигиталното општество. Преку неа работат компании, функционираат институции, учат деца, комуницираат семејства. Ќе ви дадам еден пример. Ова лето имавме многу концерти, фестивали и настани по повод независноста на Македонија, проект кој го поддржавме. За сите да имаат беспрекорно искуство, отидовме и чекор напред, нашите тимови работеа на терен цело лето, поставуваа дополнителни капацитети и ја зајакнуваа мрежата. Покривме 32 големи настани во 14 градови, со повеќе од 320.000 посетители. Луѓето се забавуваа, снимаа, разговараа и споделуваа видеа во истиот момент. Без да знаат што сè е потребно за тоа да функционира. И не треба… Технологијата станува сè посложена и сè помоќна, но искуството за корисникот треба да биде сè поедноставно. Токму тоа е нашата работа – целата таа комплексност да остане зад сцената, а корисникот на наједноставен начин да ги почувствува придобивките.

Веќе 25 години сте дел од Дојче Телеком. Колку е важна таа поврзаност во време кога иновациите се случуваат со огромна брзина?

Г. Марковиќ: Поважна од кога било. Дојче Телеком е највредниот телекомуникациски бренд во светот. А зад тој бренд стои огромен екосистем на знаење, иновации, технологии и експерти. Брзината со која една компанија учи и воведува иновации станува огромна конкурентска предност. Кога сте дел од таква групација, не почнувате од нула. Користите искуства од други пазари, развивате решенија заедно, разменувате знаење. А од друга страна, ние сме оператор со длабоки корени во Македонија. Во изминатите 25 години вложивме повеќе од една милијарда евра во инфраструктура, технологии и услуги. Но, нашиот придонес не се мери само преку инвестициите. Ние создаваме вредност за акционерите, придонесуваме за развојот на економијата, инвестираме во заедницата, поддржуваме спорт, култура, образование. Тука се нашите корисници, нашите луѓе и нашата одговорност кон општеството. Тоа е многу моќна комбинација – да имате интернационална сила, а истовремено да создавате вистинска вредност во земјата во која работите.

Вештачката интелигенција e дел од нашето секојдневие. Колку длабоко ќе ги трансформира компаниите и што ќе значи тоа за телекомуникацискиот сектор?

Г. Марковиќ: AI е револуција и досега невидена трансформација! Го менува светот. За компаниите отвора огромни можности – автоматизација, поголема продуктивност, нови бизнис-модели… Особено е интересно дека помалите пазари, како што е Македонија, со масовна едукација и примена може да држат чекор со многу поразвиените пазари. Ова е огромна шанса за македонските компании, за целата земја. Се менува и нашата улога како телекомуникациски оператор. Мрежите стануваат поинтелигентни, предвидуваат проблеми, оптимизираат ресурси и овозможуваат нови услуги. А зад развојот и широката примена на AI стои моќна дигитална инфраструктура. Улогата на Телеком станува многу поширока. Ние тука локално веќе работиме на агенти, глобално преку Дојче Телеком соработуваме со OpenAI. Не сме веќе компанија што обезбедува само поврзаност, туку компанија што прераснува во дигитален лидер што поврзува луѓе, компании, институции, уреди и цели дигитални екосистеми.

Омразата и насилството на интернет стануваат сè поголем проблем, особено кај младите. Каква е одговорноста на Телеком во создавањето побезбеден дигитален свет?

Г. Марковиќ: Нашата одговорност не завршува со конекцијата. Ако сме лидери во технологијата, мора да бидеме лидери и во одговорноста.

И ова за мене не е само корпоративна тема. Јас сум родител и знам колку е тешко да се најде рамнотежа меѓу слободата децата да го истражуваат дигиталниот свет и потребата да ги заштитиме. Тие растат со можности, но и со ризици што ние ги немавме на нивна возраст.

Затоа сме посветени на борбата против омразата на интернет. Поттикнавме национална иницијатива заедно со Министерството за образование и наука, а преку партнерство на Фондацијата Телеком за Македонија и УНИЦЕФ го развиваме младинското движење #НетБезХејт.

Но нашата улога во општеството е многу поширока. Само оваа година, од Т Арена и Галичка свадба, националниот ракометен тим, е-спорт заедницата до дигитални програми за млади, проекти за дигитално образование и многу други иницијативи придонесуваме за развојот на многу сегменти од општеството. Телеком е дел од ова општество, од неговата традиција, секојдневие и иднина.

Сателитското поврзување директно со мобилните телефони станува сè поактуелно. Каде е Телеком во оваа приказна?

Г. Марковиќ: Многу се зборува во последно време за сателитското поврзување, иако тоа е корисно само за недостапните области, каде што не е возможно да се постави мрежа. Ние уште на почетокот на годината го најавивме партнерството на Дојче Телеком со Starlink за сателитско поврзување со кое е планирано постепено воведување на услугите од 2028 година на повеќе пазари, меѓу кои и Македонија.

Истовремено, Дојче Телеком, заедно со Оринџ, Телефоника и Водафон, започна иницијатива за развој на сателитските мобилни услуги, за да се зајакнат безбедноста, независноста и отпорноста на критичната комуникациска инфраструктура. Ваквите иницијативи и партнерства се важни, но најважен е развојот на сопствената инфраструктура.

Технологијата се менува со огромна брзина. Колку треба да се менува самиот Телеком за да остане лидер?

Г. Марковиќ: Најголемата трансформација што ја правиме не е технолошка, туку културолошка. Можете да купите нова технологија, да воведете AI, да изградите најсовремена мрежа. Но не можете едноставно да купите нов начин на размислување. На тоа треба да се работи, а најголемиот предизвик за една успешна компанија е да не дозволи успехот од минатото да ја направи премногу комфорна.

Затоа градиме компанија со повеќе доверба, транспарентност и едноставност. Со побрзи одлуки, поотворена комуникација и простор за учење и развој. Средина во која луѓето се охрабрени да истражуваат, да пробуваат нови работи и да учат од искуството. Брзината на иновациите зависи и од брзината со која учи и се менува самата компанија.

А каков лидер сте Вие? Што сметате дека е најважно во водењето на луѓето во време на толку брзи промени?

Г. Марковиќ: Не верувам во лидери што ги имаат сите одговори. Верувам во луѓето и во нивната способност да учат, да се развиваат и да се менуваат. За мене лидерството значи да им дадете простор на луѓето да го покажат најдоброто од себе. Да ги охрабрите да размислуваат поинаку, да предлагаат и да преземаат одговорност. Да не чекаат иницијатива од менаџерите, туку самите да создаваат и преземаат иницијатива и тоа го поттикнувам.

Во големите компании понекогаш трошиме премногу време обидувајќи се однапред да предвидиме сè. А додека ја завршиме анализата, светот веќе се променил. Затоа верувам во култура на учење наместо во страв од грешка. Не е целта никогаш да не згрешиме, туку брзо да научиме и да продолжиме понатаму. На крајот, лидерството не е да ги имате сите одговори, туку да создадете тим што заедно ќе ги најде најдобрите решенија.

Ако повторно разговараме за десет години, каков Македонски Телеком би сакале да видите?

Г. Марковиќ: Ќе продолжиме да ја развиваме дигиталната инфраструктура, што е особено важно за развојот на општеството, економијата за националната конкурентност. Ќе имаме поинтелигентни мрежи, ВИ ќе биде дел од речиси сè што правиме, ќе нудиме услуги што допрва ќе ги развиваме. Но, технологијата не е цел сама по себе. Сакам да останеме Телеком што го става човекот во центарот и секоја иновација ја претвора во реална вредност за корисниците. Компанија што секој ден ја заслужува нивната доверба.
Исто толку важно е да бидеме уште поедноставна, поотворена и побрза компанија. Место каде што луѓето сакаат да работат, да учат, да создаваат и имаат простор да растат. Затоа што технологијата ќе продолжи да се менува, а наша најголема сила ќе бидат луѓето и способноста постојано да учиме и да се менуваме.
Она што не смее да се промени е нашата суштина – да ја заслужиме довербата на луѓето, да отвораме нови можности и да бидеме дел од напредокот на Македонија.

За крај на ова интервју и едно лично прашање. Доаѓате од Црна Гора, а кариерата ве носи во Европа и пошироко. Како го оценувате животот во Македонија? Море не можеме да обезбедиме, но сепак…

Г. Марковиќ: Морето е близу, на само неколку часа. А Македонија има нешто друго што многу брзо ме освои – луѓето, топлината, непосредноста и чувството дека сте дома.

По толку години работа и живот во различни земји, научив дека домот не е само место на мапата. Домот е таму каде што вие и вашето семејство се чувствувате добро. А ние тука навистина се чувствуваме како дома.

Има и една интересна случајност. Како дете живеев на улица што се викаше „Гоце Делчев“. А денес сум тука, во Македонија. Можеби навистина ништо не е случајно.

Кариерата ме водеше низ различни земји и веројатно ќе продолжи да носи нови предизвици. Но за мене никогаш не било најважно каде ќе биде следната позиција, туку што ќе оставам зад себе. Сакам времето што го поминувам тука да има вистинска вредност – за луѓето со кои работам, за Македонски Телеком и за Македонија. И кога еден ден ќе погледнам наназад, би сакал да знам дека сум оставил нешто добро зад себе и дека мојот придонес имал вистинско значење.


Разговараше: Кирко Бошкоски
Економија и бизнис, 01 ноември 2026г

Повеќе од истиот автор

Најчитано