ИНТЕРВЈУ | Сецуко Кавахара: РАБОТЕЊЕТО СО ЈАПОНСКАТА ЕКОНОМИЈА БИ ДОНЕЛО ЗНАЧАЈНИ ПРИДОБИВКИ ЗА МАКЕДОНСКАТА ИНДУСТРИЈА

Интервју со Сецуко Кавахара, Амбасадор на Јапонија

Амбасадорке Кавахара, во втората половина на ноември нашата земја ќе ја посети јапонска бизнис-делегација. Можете ли да ни дадете повеќе детали за оваа посета? Што очекувате таа да донесе во практична смисла?

С. Кавахара: Да, JETRO (Јапонската организација за надворешна трговија), државна агенција задолжена за промовирање на инвестициите и трговијата, носи делегација од 20 јапонски компании во Северна Македонија, во периодот од 18 до 20 ноември. Ова е трета деловна мисија во вашата земја организирана од JETRO. Повеќето од компаниите учеснички се светски реномирани компании со долгогодишно и богато искуство во меѓународното работење. Тие претставуваат различни сектори, како што се инфраструктурата, енергетиката, машинската индустрија, финансиите и логистиката. Очигледно е дека сите учесници имаат силен интерес за испитување на деловните можности во овој регион. Ќе организираме деловни средби меѓу компаниите и владините претставници, деловни средби меѓу самите компании, како и прием во мојата официјална резиденција, со цел тие да ги идентификуваат потенцијалните деловни можности и да воспостават лични контакти и деловни мрежи. Нашата амбасада тесно соработува со Владата и Стопанската комора на Северна Македонија и искрено се надевам дека нашите заеднички напори ќе дадат конкретни резултати.

Какво е местото на нашата земја во пристапот на Јапонија кон Западен Балкан? Како можеме да ги привлечеме јапонските компании да инвестираат тука и кои фактори ги земаат предвид при донесувањето на таквите одлуки?

С. Кавахара: Северна Македонија е релативно мал пазар, но јапонската индустрија го зема предвид економскиот потенцијал на целиот регион. Особено е значајно што вашата земја се наоѓа во централниот дел на Западен Балкан и може да се смета за крстосница на Коридорите 8 и 10. Задоволство ми е да истакнам дека во тек се неколку клучни инфраструктурни проекти, како што се изградбата на гасоводи со Србија и Грција, изградбата на автопатите на двата коридора, како и зајакнувањето на транспортната мрежа преку железничкото поврзување. Овие проекти го зголемуваат стратешкото значење на земјата. Доколку преку овие проекти се зајакне регионалната поврзаност, Северна Македонија може да функционира како централен енергетски и логистички центар. Тоа ќе привлече големо внимание од јапонската индустрија, чии компании работат на глобално ниво.

Имајќи го предвид сето ова, што, според Вас, треба да направиме за да го олесниме процесот на привлекување јапонски компании кои би сакале да работат во нашата земја?

С. Кавахара: Повеќето јапонски компании донесуваат инвестициски одлуки од долгорочна перспектива. Со други зборови, тие бараат предвидливост во повеќе елементи, како што се политичка и социјална стабилност, ефикасни и транспарентни постапки на државните институции и поволно деловно опкружување. Во оваа смисла, стабилноста на политичкиот, социјалниот и економскиот сектор дополнително би се зајакнала преку сè поголемата интеграција со пазарот на ЕУ. Со други зборови, сметам дека процесот на пристапување кон ЕУ е уште еден клучен фактор. Доколку земјата може да се интегрира во пазарот на ЕУ, потенцијалните економски придобивки од производството на стоки и обезбедувањето услуги на пазарот на ЕУ ќе бидат многу поголеми, бидејќи многу јапонски компании веќе имаат воспоставено цврсти деловни мрежи и синџири на снабдување во земјите членки на ЕУ. Тие, исто така, добро ги познаваат стандардите и регулативите на ЕУ. Покрај тоа, во 2018 година беше склучен Договорот за економско партнерство меѓу Јапонија и ЕУ (EPA), со кој беа укинати повеќето царини и нецарински трговски бариери, а меѓусебните инвестиции беа значително олеснети. Во првите пет години од неговата примена, трговијата со стоки и услуги меѓу двете страни се зголеми за 20 проценти. Ова е показател за големиот успех што договорот го донесе и за Јапонија и за ЕУ. Затоа, можам да потврдам дека процесот на пристапување кон ЕУ ќе отвори значајни можности за Северна Македонија за унапредување на деловната соработка со Јапонија.

Какви потенцијални придобивки би имала македонската индустрија од зајакнувањето на деловното партнерство со Јапонија?

С. Кавахара: Убедена сум дека работењето со јапонската економија може да донесе бројни значајни придобивки за македонската индустрија. Пред сè, Јапонија располага со голема иновативна и технолошка моќ. Добро познато е дека многу јапонски истражувачи кои работат во индустријата и академската заедница се добитници на Нобеловата награда. И оваа година, еден јапонски истражувач ја доби Нобеловата награда за хемија, што го потврдува највисокото ниво на научен и технолошки развој. Во Јапонија се поттикнуваат партнерствата и заедничките истражувања меѓу претпријатијата и универзитетите, а соработката меѓу академската заедница и индустријата стана вообичаена практика. Тоа овозможува најсовремените знаења и технологии да се применуваат во бизнисот. Понатаму, една од најзначајните предности на јапонската индустрија се континуираните напори за зголемување на ефикасноста и продуктивноста, истовремено подобрувајќи го квалитетот. Овој пристап е познат во светот како „Каизен“ (Kaizen), односно дух на постојано подобрување. Всушност, имав можност да посетам неколку македонски компании кои имаат долгогодишни партнерства со реномирани јапонски компании, како што се Toyota или Mitsubishi. Бев многу импресионирана од нивното длабоко разбирање на филозофијата „Каизен“ и од одличната примена на нејзините принципи, што се огледува во дисциплината, прецизноста, точноста и уредноста. Верувам дека филозофијата „Каизен“ може да стане извор на инспирација за македонската деловна заедница и да најде поширока примена, со цел зголемување на продуктивноста и квалитетот на производите.

Стареењето на населението и недостигот од население на работоспособна возраст отвораат сериозни прашања во врска со идниот економски раст и просперитет. Врз основа на искуството на Јапонија, што треба навреме да преземе една земја како нашата, пред демографските притисоци да станат потешки за управување?

С. Кавахара: Јапонија се соочува со истиот предизвик на демографски пад и веќе донесе важни политички одлуки за справување со овој проблем. Иако долгорочна цел ни е да ја зголемиме стапката на наталитет, воведовме различни мерки за зголемување на работната сила во пократок временски период, преку поголемо вклучување на жените и повозрасните лица на пазарот на трудот. Во минатото беше вообичаено жените да го напуштаат работното место по раѓањето на децата, и покрај тоа што имаат високо образование и/или стручно оспособување. За да се надмине овој проблем, низ целата земја беа отворени голем број детски градинки, во кои престојот се овозможува по пристапни цени. Дополнително, времетраењето на родителското отсуство беше продолжено од една на три години. Благодарение на овие мерки, повеќето вработени жени немаат потреба да го напуштат пазарот на трудот. Што се однесува до повозрасните работници, беше донесен нов закон со кој компаниите се обврзуваат да ги продолжат договорите за вработување до 65-годишна возраст, наместо до 60 години, доколку вработените сакаат да продолжат да работат. Многу повозрасни лица сакаат да продолжат со работа и по навршувањето на 65 години, бидејќи сакаат да останат активни и да продолжат да придонесуваат за општеството. Во моментов, повеќе од половина од населението на возраст од 65 до 69 години е работно ангажирано. Со овие мерки, колку толку успеваме да ја одржиме работната сила и покрај намалувањето на вкупното население. Затоа, инвестирањето во здравото стареење, како и во здравјето на целото население воопшто, дополнително ќе ги мотивира повозрасните лица да останат активни на пазарот на трудот.

На геополитички план, како Јапонија се справува со сегашната нестабилност и непредвидливост на глобалното стратешко опкружување? Како се позиционира Јапонија во актуелните околности?

С. Кавахара: Јапонија е високоиндустријализирана земја со ограничени природни ресурси. Таа е и островска држава опкружена со море. Повеќе од 99 проценти од стоките наменети за извоз и увоз се транспортираат по морски пат. Ова е јасна разлика во однос на Северна Македонија, која е континентална земја без излез на море. Затоа, од суштинско значење за нас е да обезбедиме стабилно снабдување со природни ресурси и да ја одржиме глобалната трговска мрежа, особено поморскиот транспорт. Нашата влада вложува значителни напори за да спречи ескалација на воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток, како и да го олесни посредувањето преку дипломатија. Покрај тоа, Јапонија ги презема сите можни мерки за справување со овој огромен геополитички предизвик преку соработка меѓу владата и индустријата. Една од предностите на нашата земја е силната координација меѓу владата и бизнис-секторот во спроведувањето на индустриската и трговската политика. И деловната заедница во Јапонија е обединета околу заедничките цели. Нашата заедничка цел во моментов е диверзификација на синџирите на снабдување, вклучително и на изворите на природни ресурси и на пазарите. Од оваа перспектива, премногу ризично е да зависиме од една земја или еден регион, без разлика дали станува збор за снабдувач или за пазар. За да можеме да се движиме во ваков нестабилен и непредвидлив свет, неопходно е да пронаоѓаме деловни партнери во различни региони, со цел да можеме да ги приспособуваме синџирите на снабдување во зависност од стратешките околности. Во овој контекст, Западен Балкан може да се смета за потенцијален нов партнер. Би било идеално доколку успееме да го претвориме сегашниот предизвик во нова можност за двете страни, преку воспоставување меѓусебна доверба и создавање придобивки за сите вклучени страни.

Ви благодарам за интервјуто.


Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, 01 ноември 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано