ФРАНЦИЈА И ГЕРМАНИЈА СЕ КООРДИНИРААТ ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕЦБ, кој има поголема поддршка од двајцата сериозни кандидати од Шпанија и од Холандија

Франција и Германија водат интензивни разговори зад сцената во Брисел со цел да се постигне договор за наследникот на Кристин Лагард како претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), но и за распределбата на уште две важни позиции во раководството на таа институција, објавува BFMTV.

Преговорите меѓу Париз и Берлин добија на значење откако Лагард на крајот на октомври објави дека ќе се повлече пред крајот на нејзиниот мандат, почнувајќи од 7 февруари следната година, со што започна трката за избор на нејзин наследник. Преговорите меѓу Франција и Германија не се поврзани само со изборот на претседател на ЕЦБ, туку и со пополнувањето на уште две места во Извршниот одбор на таа институција.

Според француските медиуми, францускиот претседател Емануел Макрон сака да влијае врз изборот на идниот шеф на ЕЦБ, така што одлуката за таа важна позиција ќе се донесе пред претседателските избори во Франција во 2027 година, кои, според анкетите на јавното мислење, ги води крајнодесничарскиот Национален собир.

Процесот на избор вклучува неколку формални чекори предвидени со европските договори.

Прво, Еврогрупата треба да препорача кандидат, по што ќе следат консултации со Европскиот парламент и Управниот совет на ЕЦБ, кои ќе дадат мислења пред конечната одлука од страна на шефовите на држави и влади на Европската Унија.

Првата фаза од постапката е веќе завршена, бидејќи собирањето кандидатури беше завршено минатата недела. Претседателот на Еврогрупата и грчки министер за финансии, Киријакос Пјеракакис, во понеделник изјави дека се примени две многу квалитетни кандидатури.

Станува збор за Клаес Кнот (59), кој беше на чело на Централната банка на Холандија од 2011 до 2025 година, и Пабло Хернандез де Кос (55), кој ја водеше Централната банка на Шпанија од 2018 до 2024 година, а од минатата година е директор на Банката за меѓународни порамнувања со седиште во Базел.

И двајцата кандидати имаат значително искуство во монетарната политика и добро го познаваат функционирањето на ЕЦБ, а важен фактор во изборот ќе биде нивната способност јасно да комуницираат со финансиските пазари.

Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц разговараат за можен договор што би вклучувал распределба на сите три функции, така што двете најголеми економии на еврозоната ќе ги усогласат своите интереси и ќе постигнат заеднички став за идното раководство на ЕЦБ.

Елисејската палата вели дека целта е да се постигне заедничка визија не само за имињата на кандидатите, туку и за идните задачи и приоритети на Европската централна банка.

Портпаролот на германската влада изјави дека дискусиите за идното раководство на ЕЦБ се во тек, но дека досега не е донесена никаква одлука.

Според извори запознаени со преговорите, Франција ја информирала Германија дека го поддржува изборот на Пабло Ернандез де Кос за претседател на ЕЦБ. Ставот на Германија за можната распределба на функциите засега е помалку јасен.

Се очекува договорот, доколку Париз и Берлин го постигнат, да може да биде потврден на самитот на Европската унија на 26 и 27 ноември во Брисел.

Изборот на новото раководство на ЕЦБ претставува едно од најважните кадровски прашања за еврозоната, имајќи ја предвид улогата на таа институција во водењето на монетарната политика, контролирањето на инфлацијата и зачувувањето на стабилноста на заедничката европска валута, пренесува Б92.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано