ИНТЕРВЈУ | Петровска Митревска: Жените земјоделки заслужуваат моќ да одлучуваат и можности да успеат

Интервју со Билјана Петровска-Митревска координторка во Национална федерација на фармери

Тие произведуваат храна, развиваат семејни стопанства и го одржуваат животот во руралните заедници. Сепак, зад нивниот секојдневен труд често остануваат непрепознаен придонес и ограничени можности за економска самостојност. Во пресрет на Меѓународниот ден на руралните жени, 15 октомври, разговараме со Билјана Петровска Митревска, проектна менаџерка во Националната федерација на фармери, за тоа што им е потребно на жените земјоделки за да напредуваат, зошто регионалната соработка е важна и што носи претстојниот настан во Струмица. Во фокусот е и иницијативата поврзана со Регионалната конференција во Корча, која ја отвора темата како застапувањето за правата на руралните жени да се преточи во конкретна поддршка.

Што треба да промени одбележувањето на Меѓународниот ден на руралните жени и какво значење има Меѓународната година на жените земјоделки?

Билјана Петровска-Митревска: Меѓународниот ден на руралните жени треба да го направи видлив придонесот што тие секојдневно го даваат во производството на храна, развојот на семејните стопанства и животот на заедниците. Нивната работа во земјоделството се преплетува со грижата за домот и семејството, а тој труд не секогаш е соодветно препознаен. Затоа 15 октомври е можност нивните искуства да се слушнат и да се отвори разговор за решенија што ќе им донесат подобри услови за работа и економска самостојност.

Дополнително значење има тоа што Обединетите нации ја прогласија 2026 година за Меѓународна година на жените земјоделки. НФФ се приклучува кон кампањата со приказни и активности посветени на нивната видливост и положба. Сакаме јавноста да ги запознае нивното знаење, идеи и претприемачки дух, а институциите да ги препознаат условите што им се потребни за развој.

Кои предизвици најмногу ги ограничуваат руралните жени и што во практиката значат еднаквите можности?

Билјана Петровска – Митревска: Најголемите ограничувања за руралните жени се пристапот до земјиште, финансии, информации, советодавни услуги и пазари, но и недостигот од достапни здравствени и социјални услуги и нееднаквата распределба на обврските за грижа во семејството. Иако жените активно учествуваат во земјоделството, нивниот труд често останува економски невидлив. Жените се 23,91% од носителите на земјоделски стопанства и 53% од членовите на стопанствата, а само 18,76% се индивидуални земјоделки. Дополнително, 18.634 рурални жени се неплатени семејни работници, што директно влијае врз нивниот приход, социјалната и пензиската сигурност и економската независност.

Затоа, еднаквите можности не значат само да постои одредена стратегија, програма или мерка, туку жените реално да можат да ја користат. Тоа значи пристап до ресурси, финансии, знаење и пазари, можност да развиваат сопствено стопанство и да одлучуваат за приходите и иднината на својот бизнис. Прашањето не е дали руралните жени работат – тие несомнено работат. Прашањето е дали нивниот труд им обезбедува права, приход, сопственост, економска независност и моќ на одлучување. 

Затоа, еднаквите можности во практика значат еднаква можност да се има ресурс, да се има знаење, да се има пристап до финансии и пазар, но и да се има право да се одлучува. Тоа значи жената да може да управува со земјиштето и другите ресурси, да развива сопствено земјоделско стопанство или бизнис и самостојно да одлучува за приходите и иднината на својата работа. Неопходни се практични обуки, достапна финансиска поддршка, технологии што ја олеснуваат работата и услуги прилагодени на реалните услови во руралните средини. Но, еднаквите можности значат и жените да бидат вклучени во креирањето на политиките што директно ги засегаат.

Зошто е важна Регионалната конференција во Корча и што ги поврзува руралните жени од земјите на Западен Балкан?

Билјана Петровска-Митревска: Регионалната конференција „Зајакнување на руралните жени во Западен Балкан – Од застапување до имплементација“се одржа на 29 септември 2026 година во Корча, Албанија. Таа беше организирана од „Јас жена“, во рамки на активностите на Регионалната платформа за подобрување на економскиот и социјалниот статус на руралните жени од Западен Балкан, со поддршка од Шведска и We Effect. Конференцијата беше важна затоа што создаде простор руралните жени од регионот да зборуваат со еден заеднички глас, да ги споделат своите искуства, предизвици, но и решенија. Иако доаѓаат од различни земји, нивните предизвици се многу слични: ограничен пристап до земјиште, финансии, земјоделска поддршка и пазари, недоволна социјална заштита и услуги, како и недоволно учество во донесувањето одлуки. Она што ги поврзува е желбата заекономска независност, еднакви можности и поголемо учество во креирањето на политиките што директно влијаат врз нивниот живот, работа и развојот на руралните заедници.

Особено значајно е што конференцијата не заврши само со споделување на предизвиците, туку резултираше со заеднички препораки и конкретни приоритети за делување. Преку Регионалната платформа покажуваме дека кога руралните жени од Западен Балкан се поврзуваат и дејствуваат заедно, нивниот глас станува посилен и може да придонесе кон конкретни промени.

Како пораката „од застапување до спроведување“ може да се преточи во конкретни мерки кај нас?

Билјана Петровска-Митревска:  Пораката „од застапување до спроведување“ кај нас треба да значи конкретни мерки што ќе донесат реална промена во животот и работата на руралните жени. Веќе имаме основа преку Мерката 115 – Поддршка за активни женски членови во земјоделските стопанства, која треба да се продолжи и зајакне, но финансиската поддршка да се поврзе со практични обуки, пристап до пазари и развој на бизнисот. Особено важно е да воспоставиме траен законски механизам за социјална заштита на жените земјоделки при мајчинство и боледување, бидејќи економската независност не може да постои без основна социјална сигурност. Поддршката мора да стигнува до руралните средини, обуките да бидат практични и достапни, а советодавните услуги навистина да им помагаат на жените во развојот на нивните стопанства и пласманот на производите. Исто така, институциите треба директно да ги вклучат руралните жени во планирањето, спроведувањето и следењето на мерките. На крајот, успехот не треба да се мери само со бројот на доделени грантови или реализирани обуки, туку со тоа дали поддршката навистина го зголемила приходот, сигурноста, знаењето и економската самостојност на жените земјоделки.

Што подготвува НФФ на 15 октомври во Струмица и каква порака носат признанијата за жените земјоделки?

Билјана Петровска-Митревска: НФФ ќе го одбележи Меѓународниот ден на руралните жени во Струмица, под мотото „Жените земјоделки – лидери на одржливото земјоделство и руралниот развој“. Настанот се организира со поддршка од ФАО, Шведска и We Effect. Предвидена е панел-дискусија „Од ресурси до резултати: Како да обезбедиме еднаков пристап до знаење и иновации за жените земјоделки“, како и доделување признанија на четири успешни жени земјоделки и на локална граѓанска организација. Признанијата го прават видлив трудот што често останува во рамките на семејството или локалната средина. Зад едно стопанство стојат знаење, секојдневна работа и преземање ризик. Со споделувањето на овие приказни покажуваме дека жените имаат значајна улога во развојот на земјоделството и можат да бидат пример за младите. Истовремено, сакаме да разбереме што им помогнало да напредуваат и како тие можности да станат подостапни за други жени.

Која е вашата порака до институциите и до жените што својата иднина ја гледаат во руралните средини?

Билјана Петровска-Митревска:  Мојата порака до институциите е дека промените се можни кога институциите и граѓанскиот сектор работат заедно и кога руралните жени се дел од процесот, а не само корисници на мерките. Во делот на родовата еднаквост во земјоделството веќе постои соработка и затоа можат да се видат видливи резултати, како што е поддршката преку мерката за активен женски член во земјоделското стопанство од Програмата за рурален развој и Програмата за социјална сигурност на регистрираните земјоделство за остварување на правото на мајчинство.Особено е важно руралните жени да бидат директно вклучени во процесите на одлучување и на локално и на национално ниво, бидејќи најдобро знаат со какви предизвици се соочуваат. Националната федерација на фармери во моментов има околу 250 рурални жени членки, кои активно се вклучуваат во овие процеси и претставуваат важен глас на жените од руралните средини. Само преку партнерство меѓу институциите, граѓанскиот сектор и самите жени можеме да создадеме рурални средини во кои жените ќе имаат еднакви можности, економска независност и реална можност да влијаат врз својата иднина.

Повеќе од истиот автор

Најчитано