БИЗНИСОТ НЕДОВОЛНО ГИ КОРИСТИ ЕЛЕКТРОНСКИТЕ УСЛУГИ ШТО ИМ СЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ, ФОРМИРАЊЕ НА КООРДИНАТИВНО ТЕЛО ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА

Владата, Стопанската комора и Министерство за дигитализација треба да функцинираат врз една симбиоза за забрзување на процесот на дигитализацијата во приватниот сектор. За таа цел формирано е координативно тело меѓу владата и комората која ќе се среќава еднаш месечно  и ќе ги согледува тековните процеси и за да се забрза користењето на електорнските услуги за бизнисот. Ова беше речено на денешната средба со претставници на бизнис-секторот во Стопанската комора.

Како што рече претседателот на Стопанската комора Бранко Азески,  повод за оваа јавна дебата е да се види до каде сме со процесот на дигитализација на бизнисот, како прво и приоритетно прашање.

-Исклучително ја ценам искреноста да се признае јавно дека во првата година, сепак не беа создадени условите за институционализацијата и имплементација на дигитализацијата. Сега сме во состојба да констатираме дека можеме со една агенда  да направиме чекор напред.  Без дигитализацијата не можеме да одиме напред во конкурентноста на надворешните пазари и развивање на бизнисот во земјата. Можеме да заклучине дека сме на една линија и заеднички да продолжиме во остварувањето на тој процес во подобрување на извоз  и размена на стоки и сето она што значи развој за нашата држава и за нашите граѓани, рече Азески.

На Националниот портал за електронски услуги се достапни околу 360 услуги, од кои приближно 110 се наменети за правните лица, но компаниите сè уште недоволно ги користат дел од електронските услуги што можат да им заштедат време и ресурси, истакна денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Андоновски ги презентираше можностите за користење на електронските услуги, дигитализацијата на лиценците и регистрите, поддршката преку европските дигитални иновациски хабови, како и новите програми за финансирање иновативни проекти и развој на решенија засновани на вештачка интелигенција.

Националниот портал uslugi.gov.mk овозможува правните лица да поднесуваат барања и да добиваат услуги во име на компанијата што ја претставуваат. За пристап е потребно средство за електронска идентификација, соодветно ниво на електронски потпис и избор на компанијата при најавувањето. Порталот комуницира со постојните државни регистри преку платформата за интероперабилност, на која се приклучени повеќе од 90 институции. Андоновски најави дека во подготовка е и регистар на овластувања, преку кој компаниите ќе можат да овластуваат и други лица да ги користат електронските услуги во нивно име, а не само одговорното лице. Можноста ќе се однесува на вработени, нотари, адвокати и други овластени претставници, при што компаниите ќе можат да ги следат и да ги повлекуваат овластувањата.

Истото решение се планира и за физичките лица, кои ќе можат да овластат друго лице да презема документи и да завршува постапки во нивно име.

Сепак, додаде тој, кај дел од услугите наменети за правните лица се забележува помала употреба, иако тие се достапни електронски.

-Поентата е дека приватниот сектор не ги користи услугите што му стојат на располагање за правните лица. Тоа е изгубено време, ресурси и енергија и од ваша и од наша страна – ние да дигитализираме преку 2000 постапки, а вие и понатаму да одите на шалтер или да чекате редица за нешто што може целосно електронски да се заврши, истакна Андоновски.

Тој се осврна и на проектот за смарт-лиценци, кој предвидува целосно електронска постапка, следливост на предметите и единствен официјален запис за издадените лиценци. Три електронски регистри и шест услуги за издавање и обновување лиценци се достапни во рамки на процесот на дигитализација на административните постапки, со што се овозможува следливост на барањата, електронска комуникација со институциите и јавна проверка на издадените лиценци преку QR-код.

– Поднесувањето на компанијата е електронско, го испраќаат до институцијата, со единствени идентификатори на предметот, архивски број и статус на процесот. Овластените службеници ги проверуваат документите, ви бараат дополнувања каде што тоа е потребно, а решенијата ги добивате кога постапката ќе биде завршена, во електронското сандаче, објасни министерот.

Како што посочи, документите се електронски потпишани и заверени со QR-код, преку кој може да се провери нивната валидност. Издадената лиценца потоа е достапна во јавен регистар, што овозможува проверка на податоците без да се потпирате само на хартиена копија или на електронски документ во PDF-формат.

Во моментот се достапни три електронски регистри и шест услуги, а Андоновски најави дека во текот на наредната недела, во соработка со Министерството за економија, ќе бидат промовирани дополнителни услуги поврзани со угостителската дејност.

Меѓу нив се услугите за продажба на алкохолни пијалаци, како и за различни видови угостителски објекти, меѓу кои кафулиња, ноќни клубови, дискоклубови и угостителски објекти со отворен простор, како и објекти за сместување и нивна категоризација.

На презентацијата посебно внимание беше посветено на дигитализацијата на услугите за извозниците на вино и земјоделски производи, вклучително и тутун. Според анализата направена во соработка со Стопанската комора, сертификатите за извоз на вино и за квалитет на земјоделските производи се меѓу најкористените услуги во бизнис-секторот, со приближно 20.000 трансакции годишно за двете услуги.

Андоновски рече дека административниот дел од постапките е дигитализиран, од поднесувањето на барањето до евиденцијата и добивањето на конечниот документ, додека физичките проверки, земањето мостри и лабораториските анализи остануваат неопходни таму каде што се предвидени.

Тој, сепак, изрази загриженост поради слабата употреба на електронските услуги откако биле ставени на располагање.

-Целосно се достапни, но, за жал, досега нема значителен интерес за нивно користење. Можно е компаниите да не се доволно информирани, поради што е важно Министерството и Стопанската комора заеднички да работат на промовирање на овие можности, рече Андоновски

Министерот говореше и за тоа дека компаниите можат да добијат поддршка за дигитална трансформација и преку европските дигитални иновациски хабови, меѓу кои се ИнноФејт и ДигитМак, во кои се вклучени универзитети, експерти, компании и стопански организации.

Преку овие хабови, бизнисите ќе можат да тестираат дигитални технологии и решенија засновани на вештачка интелигенција пред да инвестираат во опрема, да изработуваат прототипови, да добиваат специјализирани обуки за вработените и менаџерите, како и да се поврзуваат со домашни и европски партнери и потенцијални финансиери.

Андоновски нагласи дека советувањето, тестирањето и обуките се достапни бесплатно преку овие програми, а поддршката е наменета особено за малите и средните претпријатија што немаат доволно ресурси самостојно да ги истражуваат и воведуваат новите технологии.

Андоновски најави и нов циклус поддршка за иновациски проекти преку Агенцијата за иновации, со вкупна вредност од околу 25 милиони евра во рамките на европскиот проект „Competitiveness and Business Facility“, за периодот од 2026 до 2030 година.

Како дополнителна можност за домашните компании, Андоновски го посочи проектот „Везелка.мк“, насочен кон развој на голем јазичен модел на македонски јазик базиран на вештачка интелигенција.

Проектот може да им помогне на стартап-компаниите и малите и средните претпријатија да развиваат апликации и нови дигитални производи на македонски јазик, да ги автоматизираат процесите и да ја подобрат комуникацијата со клиентите.

Преку соработката со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), компаниите ќе можат да побараат процена на подготвеноста за развој на прототипови и пилот-проекти, техничка поддршка и пристап до знаење и пресметковни ресурси преку поширокиот европски технолошки екосистем.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано