Во Штип годинава намалена е продажбата на нови и стари станови за околу 30%. Драган Каров вработен во општина Штип вели дека досега се склучени 207 купопродажни договори. Но, годинава во Штип расте бројот на нови одобренија за градење на станбени згради, а во катастарскиот систем ќе влезат во 2027 година.
-Претходната година имало повеќе згради коишто се впишани во катастарот, а оваа година има повеќе одобренија, но тие згради ќе се впишат во некој од наредните години, па тогаш ќе има поголема препродажба на станови-вели Каров.
Тој посочува дека годинава во споредба со лани цената на становите бележи зголемување од 10%.
-Просечната цена бележи зголемување за околу 10%, односно и старите и новите станови се продаваат за повисоки цени. Досега од предметите пристигнати во општината, цената на становите препродадени е околу 13 милиони евра, од кои осум милиони евра се за нови станови. Највисоката постигната цена на договор е околу 1.500 евра за метар квадратен за нов стан-изјави Каров.
Анализите на општината покажуваат дека во 2025 година се продадени 315 станови, а годинава се склучени 207 купопродажни договори, а новите одобренија за градба најавуваат дека во 2027 година ќе има поголем избор на нови станови и во централното градско подрачје, но и низ штипските населби.








