Бизнис

САД ИЗГУБИЈА 50 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ПОРАДИ ПОЛИТИКАТА НА ТРАМП ЗА ГРЕНЛАНД И ЗА МИГРАНТИТЕ, најголем пад на туристите од Данска и Канада

Бројот на странски посетители кои патувале во САД во 2025 година се намалил за 4,2 проценти, што е прв годишен пад од пандемијата на Ковид-19 и спротивно на светските трендови од 4 процентен раст на глобалните меѓународни патувања во претходната година.

Ерик Хансен, виш потпретседател на Американската туристичка асоцијација, истакнува во коментар за ФТ дека намалувањето на бројот на туристи  е огромно, бидејќи станува збор за пад од околу 11 милиони меѓународни посетители, што значи околу 50 милијарди долари изгубени трошоци.

„Дури и еден процент што го губиме значи милијарди долари и стотици илјади работни места“, предупредува Хансен.

Во текот на изминатата година Белата куќа им го отежна или оневозможи на одредени патници да дојдат во САД. Администрацијата на Трамп им забрани на посетителите од повеќе од десетина земји од причини за национална безбедност и ги суспендираше визите за 75 земји, вклучувајќи ги Бразил и Тајланд.

Администрацијата на САД  го засилија надзорот и проверките на социјалните медиуми на потенцијалните посетители, студенти и жители. Според царинската и гранична заштита на САД, пребарувањата на електронски уреди на границата се зголемени за 18 проценти во фискалната 2025 година, а предложена е и нова регулатива што би ги принудила посетителите од десетици земји да поднесат петгодишна активност на социјалните медиуми.

Агресивните политики на Трамп кон традиционалните сојузници, како и неговата реторика за имиграцијата, дополнително ги обесхрабрија потенцијалните посетители. Од туристичкиот сектор  предупредуваат дека САД губат пазарен удел и дека врските меѓу патувањето и трговијата слабеат, а перцепцијата за намалена отвореност ги одвраќа посетителите. 

Минатата година од Западна Европа намалувањето  на бројот на посетители е за 3,7 проценти. Со циркусот на Трамп околу Гренланд, не е ни чудо што најголемиот пад на патувањата во САД беше од Данска - бројот на посетители од оваа земја се намали за 23,5 проценти, додека Германија забележа пад од 11,3 проценти. Германија е рангирана на петто место меѓу водечките туристички пазари за САД со 1,8 милиони посетители годишно. Околу сто илјади помалку Французи, патувале во САД. 

Политиката на Трамп најмалку ги попречи Италијанците - со 1,2 милиони пристигнувања од оваа земја, САД остварија раст од 5,3 проценти. Источноевропските земји од оваа листа остварија зголемување на туристичкиот сообраќајот кон САД за вкупно 2,5 проценти, главно од Русија и Украина, но ова се номинално ниски бројки (под 200 илјади пристигнувања од двете земји). 

Намалувањето на бројот на Канаѓани што ги посетуваат САД беше особено изразено, со пад од речиси 30 проценти во третиот квартал во 2025 година.

Анализите веќе покажуваат значителен пад на побарувачката од Европејците за патувања во САД ова лето, додека американските туристички претставници веруваат дека Светското првенство во фудбал ова лето ќе донесе 30,5 милијарди долари приходи, како што предвидува ФИФА.

Според податоците од водечка агенција за воздухопловство, резервациите на авионски билети од Европа до САД за јули 2026 година се намалија за 14,22 проценти во споредба со претходната година. Најголемите падови се забележани од Франкфурт (-36%), Барселона (-26%), Амстердам (-23%), Париз (-21%) и Атина и Минхен (двете -19%). 

Кога станува збор за побарувачката за патувања до американските градови домаќини на Светското првенство во јуни, резервациите на авионски билети од Европа се намалени за 5 проценти во споредба со минатата година, а од Азија се намалени за 3,6 проценти, пренесува  Блиц.


 

Фото Економија и бизнис 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано