Вести
Последниот објавен текст на Тихомир Јанчовски
Економија и бизнис | печатено издание | 01 февруари 2026г.
Зимски записи
Јануари е и зима е, и неколку луѓе што ги знам се преселија на оној свет. Ми се чини дека луѓето најмногу умираат ова време од годината. Среде зима или среде лето, кога е најстудено и најтопло. Починаа Васе Рингов, Драган Б. Костиќ, Зоки Панкер и Мижи. Бог да ги прости и лесна им земја.
Има денови кога и мене ми доаѓа да кренам раце и да оставам сѐ. Да ги спуштам ролетните, да ги навлечам завесите и да си легнам. Поразен. Така, во темница и зад затворени врати се вежбаме за времето што ќе го поминеме в гроб. Мислиме дека душата не го напушта телото со умирањето, инаку зошто би оделе на гробишта и би палеле свеќи над нечии останки што гнијат? Оваа морбидна гимнастика е oпштоприсутна во животот на секој што бил длабоко разочаран барем еднаш, а има ли таков што не бил? Се надеваме дека спиењето ќе ја избрише тежината што нѐ притиска, и тоа е надеж во преродба, или воскресение. Во обновено постоење со реновиран дух и варосани ѕидови што светат. Секое заспивање е мала смрт, и секој кревет е ковчег без капак, и тоа не е ништо страшно.
Трендот во светската и домашната политика да се ставаат шупци на највисоки места е општоприсутен, затоа е светски, и Балканот не е исклучок, туку поскоро најсилна поткрепа и најшколски пример за потврда на правилото. Овде, дури и релативно добриот кога ќе дојде на власт набрзо полудува, и прави такви гафови и грешки што сите го сметаат за будала. Или манијак. Или крадец, криминалец. Остај друго, и Е. Таков станува (може им ставаат нешто лошо во пијачката?). И со големо задоволство луѓето од народот би ги ставиле во затвор или би ги стрелале на плоштад. само да можат. Ама, не можат. Политичарите, од која било партија што владее или владеела, се свесни дека припаѓаат на исто трло и се бранат меѓу себе, и носат закони што ги штитат и им дозволуваат неказнето да излезат од секој обид за нивно законско казнување и разобличување. Се крева малку прашина, може и повеќе, поминува време, работите за заташкуваат, прашината слегува, ѓубрето што го направиле оди под тепихот, луѓето си легнуваат на брашно (и тоа е прашина), забораваат... и карванот си врви. Кучињата се заморуваат и престануваат да лаат. Државите денес се големи згради кои само стареат и не се реновираат, сѐ погрди и постари се од година во година, оти реновирањето нивно се вика војна или револуција. Одвреме-навреме, се прогласува по некоја внатрешна револуција, ама тие се мали и неуспешни, не се реновирања туку само кречења во една или повеќе бои... оти мајсторите што ги прават се неуки и се само молери, и делуваат по лоша рецепта што им е дадена од друга, веќе реновирана и навидум цврста, многу поголема зграда... или цел кварт. Инаку, овде последиве години имаше две такви, на портокалово и шарено... и ете, видовме колку променија. Само удрени четки, ништо повеќе.
На човек, ако му е лошо, нема да му стане подобро со тоа што ќе ја промени кошулата. Треба да се лекува. Ако е тешко болен, му треба операција. Тешка и болна. Има операции од кои човек не се разбудува. Особено ако е стар, истрошен, или ако срцето му е преслабо да ја издржи анестезијата. Нека тера колку ќе тера, може да умре на операција. И старите куќи се тешки и скапи за реновирање, полесно е да си направиш нова. Не е поарно, оти на старата си навикнал и си врзан за неа... ама полесно е, па фаќаш магла и гледаш да заборавиш. Или одиш некаде под кирија. Во зграда со многу празни станови што чекаат такви како тебе да ги наполнат. Нема врска што се празни, стерилни и по ист калап, и што се осеќаш како странец во нив. Важно, цевките не пукаат, нема лебарки, кровот не прокиснува, вратите убаво дихтуваат и можеш лесно да ги спуштиш новите ролетни, да ги навлечеш завесите, да се затвориш однатре... и да си легнеш.
Местото не спасува. Само носи краткотрајна промена, потоа се враќаш во себе и пак си Ти. А, од себе не се бега, како ни од љубов, а љубовта кон себе е голема. Најголема. Камо и другите да можеш да ги сакаш така. Светов би се сменил, навистина.