Автомобилската индустрија се наоѓа во најголемата структурна трансформација во последните децении, а конкуренцијата од Кина дополнително го зголемува притисокот врз европските производители. Ова во интервју за „Економија и бизнис“ го истакна Виктор Мизо, главен извршен директор на КОСТАЛ Македонија и потпретседател на Групацијата КОСТАЛ.
Според него, кинеските компании веќе бележат силен продор на европскиот пазар, а клучните предности ги изградиле преку вертикална интеграција, државна поддршка и јасна индустриска стратегија. Истовремено, електрониката и софтверот имаат сè поголема улога во вредноста на современите возила.
Мизо посочува дека до 2030 година германската автомобилска индустрија ќе ја намали побарувачката за работна сила за околу 12 проценти, односно бројот на вработени ќе се намали од околу 770.000 на 680.000 лица. Според него, во новата индустриска реалност брзината станува речиси подеднакво важна како и квалитетот.








