ЕВРОИНТЕГРАЦИИ | Тилев: „Една Европа, еден пазар“: геополитичкиот и економскиот контекст на новата европска интеграција

пушува: Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања

Европскиот геополитички и економски проект на почетокот на 2026 година влезе во фаза на длабока реконфигурација поттикната од она што го нарекуваат политичките аналитичари „перманентна криза“, односно состојба на постојана несигурност која трае од 2008 година наваму. Започна со економската и со финансиската криза, следена од мигрантската криза, а потоа уште понагласено од воената агресија на Русија врз Украина, од тензиите и од војните на Блискиот Исток (Иран, Либија и земјите од Голфскиот Залив), како и од растечкото економско ривалство меѓу Соединетите Американски Држави и Кина. Во овој контекст, Патоказот „Една Европа, еден пазар“ (One Europe, One Market Roadmap), објавен од страна на Европската комисија, а потврден на неформалниот Европски совет во април 2026 година, претставува егзистенцијален одговор на предизвиците што се закануваат да го маргинализираат европскиот економски модел. Без единствениот пазар, поединечно, која било земја членка на ЕУ, па дури и најмоќните, нема да можат да ѝ се спротивстават ниту од економски ниту од безбедносен аспект на конкуренцијата на економските гиганти САД и Кина, како и на потенцијално силната Индија и на агресивна Русија.

Основата на Патоказот „Една Европа, еден пазар“ и натаму е моделот на единствениот пазар кој, иако успешен во отстранувањето на физичките граници, остана фрагментиран во дигиталната, во енергетската и во финансиската сфера. Како што во нивните клучни извештаи од 2024 година истакнаа Енрико Лета, во делот на единствениот пазар, и Марио Драги во делот на конкурентната способност на ЕУ, Европа повеќе не може да си дозволи да функционира како збирка од 27 национални пазари доколку сака да го финансира својот социјален модел, да ја спроведе зелената транзиција и да ја зајакне својата одбрана. Овој Патоказ го означува преминот од „нецелосен единствен пазар“ кон „еден пазар за обединета Европа“, каде што интеграцијата се третира како инструмент на моќ и на суверенитет, а не само како економска поволност.

Патоказот „Една Европа, еден пазар“ ги операционализира овие грижи преку пет стратешки столбови кои треба да бидат целосно испорачани до крајот на 2027 година.

Првиот стратешки столб се однесува на поедноставување на правилата и на борба против административната фрагментација. Еден од најголемите внатрешни непријатели на европската економија е регулаторната комплексност. Институциите на ЕУ се обврзаа на структурно намалување на бирократските пречки преку промена на самата филозофија на законодавството. Клучниот механизам за ова е претпочитањето на регулативите (Regulations) пред директивите (Directives). Директивите често се извор на фрагментација бидејќи оставаат простор за земјите членки да ги толкуваат и да додаваат национални специфики, што резултира со практика каде што националните бирократии наметнуваат дополнителни правила кои не се бараат директно со правото на ЕУ. Со користење на регулативи, ЕУ обезбедува дека истите правила ќе се применуваат директно и униформно кај сите нејзини членки. За да се забрза овој процес, Патоказот предвидува ревизија на постојните закони во клучните сектори, и тоа во делот на: вештачка интелигенција и податоци, корпоративни и прекугранични даноци, енергетски стандарди и регулативи и пазар на капитал и банкарство.

Овие пакети се важни и за македонските компании кои извезуваат на единствениот пазар бидејќи унификацијата на правилата значи дека исполнувањето на стандардот во една земја членка автоматски гарантира пристап до целиот континент без дополнителни национални бирократски барања и услови.
Вториот стратешки столб се однесува на воспоставување на интегриран единствен пазар и на единствен европски модел на компанија (EU Inc). Интеграцијата на пазарот за услуги останува една од најголемите „незавршени работи“ на ЕУ. Иако трговијата со стоки е високо интегрирана, бариерите во услугите и воспоставувањето бизниси сè уште дејствуваат како невидливи царини. За да се реши ова, Патоказот се фокусира на „клучните најштетни десет“ бариери, структурни пречки идентификувани од самите бизниси кои го кочат единствениот пазар на ЕУ. Овие бариери се и политички и бирократски товари што ги попречуваат европските компании да се натпреваруваат со гигантите од САД и од Кина. Десетте главни пречки кои се обидува Патоказот да ги отстрани се: претпочитање на национални правила наместо европски, фрагментиран пазар на капитал, прекумерна бирократија, разлики во даночните системи, бариери во услугите, дигитална фрагментација, проблеми со јавните набавки, недостаток на мобилност на работната сила, енергетски острови и слаба имплементација на законите. Доколку овие бариери не се отстранат, ЕУ ризикува драстично да заостане додека светот се движи кон вештачка интелигенција и нови технологии.

Најрадикалниот предлог во оваа насока е воведувањето на единствен европски модел на компанија (EU Inc [или т.н. 28. правен режим]). Ова е факултативна опција за европските компании, која им овозможува на основачите да ги заобиколат 27-те различни национални закони за трговски друштва и да се регистрираат брзо и едноставно преку 28. унифициран режим. Наместо да мора да ангажираат скапи правни тимови за секое ново проширување на своите бизниси во друга земја на ЕУ, компаниите ќе можат да користат еден унифициран корпус на правила за регистрирање, за управување и за ликвидација. Овој режим е дизајниран да биде особено привлечен за иновативните стартапи и скалапи (scale-ups) кои имаат потреба од брз раст низ целиот континент. Основачите можат да регистрираат компанија во рок од 48 часа преку единствена платформа на ЕУ со минимален почетен капитал од само 1 евро. Наместо скапи нотарски процедури и физичко присуство, целиот циклус, од основање до евентуална ликвидација, се одвива дигитално. Овој нов систем би бил клучен прв чекор кон создавање на европски еквивалент на Делавер (Delaware)-моделот во САД, кој обезбедува брза, едноставна регистрација и не создава непотребни бирократски товари за новите стратап компании.

За македонските стартапи и скалапи (scale-ups), ова е од суштинско значење. Преку „раната интеграција“ во рамките на Планот за раст за Западен Балкан, понудата од ЕУ за нас е активна од 2025 година при што Македонија може да стане дел од земјите каде што овој режим е препознаен и е прифатен. Тоа би значело дека македонски претприемач може да основа европска компанија (EU Inc) во Скопје, а таа компанија да има ист правен третман во ЕУ како и локалните фирми со што се елиминира потребата од отворање ќерки фирми во секоја земја членка посебно. Исто така на овие компании им се овозможува оданочувањето на акциите за вработените да се одложи до моментот на нивна продажба, што е клучен инструмент за привлекување и за задржување на ИТ-таленти во земјава.

Во рамките на овој столб на реформи се предвидува и ревизија на правилата за јавни набавки преку новиот Закон за јавни набавки на ЕУ (Public Procurement Act), планиран за втората половина на 2026 година. Јавните набавки претставуваат околу 14 % од БДП на ЕУ, но досега тие беа недоволно користени како стратешка алатка. Новата регулатива ќе овозможи давање предност (!) на европски производи во стратешките сектори, со користење на ознаката „Произведено во Европа“ (Made in Europe). Ова е одговор на нелојалните субвенции од трети земји и потребата за градење отпорни синџири на снабдување. Се воведуваат критериуми кои нема да ја вреднуваат само цената при јавните набавки, туку и одржливоста, безбедноста и европскиот придонес (EU added value). Кина веќе вложи приговор на овој дел од Патоказот.
Третиот стратешки столб е воведување нова трговска политика со индустриски акцелератор и концептот „Произведено со Европа“ (Made with Europe). Патоказот се обврзува на спроведување на трговските договори, но и на користење инструменти за борба против економски притисоци и нелојални трговски практики. Централно место во оваа мерка зазема Актот за забрзување на индустрискиот развој (Industrial Accelerator Act − IAA), со кој се воведува нов концепт на „индустриски зони“ (Industrial Acceleration Areas), каде што стратешките проекти како што се енергетски интензивни индустрии, технологии со нето нула емисии, автомобилската индустрија и критичните суровини ќе имаат корист од драстично скратените процедури за издавање дозволи и приоритетен пристап до инфраструктура.

Дополнително критериумот „Произведено со Европа“ е дизајниран за да вклучи и партнери со кои ЕУ има договори за слободна трговија, како составен дел од европските синџири на вредност, што е критично за интеграцијата на Западен Балкан во европските индустриски синџири, вклучително и на Македонија. Но, за тоа и реално да се случи, македонските металуршки капацитети мора итно да инвестираат во „зелени“ технологии за да го задржат пристапот до ЕУ-тендерите, мора да се искористи можноста за привлекување нови инвестиции во ТИРЗ-зоната за производство на делови за електрични возила кои ќе се сметаат за „Произведено со Европа“ и треба да се обезбеди интеграција на македонските рудници и капацитети за преработка во европските безбедносни механизми.

Притисокот од кинескиот извоз на евтини електрични возила и американските субвенции (IRA) ја принудија ЕУ да воведе поригорозни контроли на странските инвестиции. Инвестициите од трети земји над 100 милиони евра во сектори каде што тие контролираат над 40 % од пазарот сега се предмет на строга проверка. Македонија, како дел од оваа економска сфера, мора да ги усогласи своите политики за привлекување на странски директни инвестиции (СДИ) со овие нови европски безбедносни критериуми.
Четвртиот стратешки столб го сочинуваат енергетската сувереност и декарбонизацијата. Енергијата е „Ахиловата петица“ на европската конкурентност. Додека цените на енергијата во САД се стабилни благодарение на домашните ресурси, европската индустрија е изложена на несигурноста на глобалните пазари. Патоказот „Една Европа, еден пазар“ предвидува создавање на вистинска енергетска унија. Институциите се обврзуваат на реализација на „енергетски автопатишта“ (Energy Highways), на ревизија на пазарот на електрична енергија и на лансирање на „пакет за европски мрежи“ за отстранување на административните тесни грла кои, во моментов, го кочат поврзувањето на нови соларни и на ветерни централи на мрежата.

За Македонија ова значи конкретна реализација на проекти финансирани преку Глобалната порта (Global Gateway). Ветерниот парк „Богданци“ и новите соларни капацитети веќе се гледаат како регионални извори кои придонесуваат за стабилноста на југоисточното крило на Унијата. Ревизијата на пазарот на електрична енергија, планирана за оваа година, ќе овозможи македонските индустриски гиганти да потпишуваат долгорочни договори за купување енергија директно со европски производители, заштитувајќи се од несигурноста на берзанските цени.

Петтиот стратешки столб се фокусира на дигиталната трансформација и на ВИ-суверенитетот на ЕУ, но и на нашиот регион и на Македонија. Во жестоката трка за превласт во вештачката интелигенција, Европа се стреми да биде и регулатор, но и моќен играч. Патоказот предвидува еволуција од „ВИ-фабрики“ кон „ВИ-гигафабрики“ (AI giga-factories) почнувајќи од јуни 2026 година. Преку иницијативата Инвестиции во вештачка интелигенција (InvestAI), Комисијата планира 20 милијарди евра за поддршка на овие капацитети со цел да се создадат барем пет вакви центри низ ЕУ.

Македонија тука зазема стратешко место преку својот прв Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“. Стациониран на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ, Центарот „Везилка“ е официјална „ВИ-антена“ поврзана со грчкиот суперкомпјутер „Фарос“, со буџет од околу 6 милиони евра, кофинансиран од ЕУ преку Програмата „Хоризонт Европа“ и од национални средства. Мора да сториме сè за ВИ-центарот „Везилка“ да не остане само академска институција, односно Центарот мора да се искористи пред сè за автоматизација на државната администрација.

Паралелно со физичката инфраструктура, ЕУ напредува и кон дигитална валута на централната банка (CBDC), односно дигитално евро кое ќе се лансира до 2029 година. Дигиталното евро ќе обезбеди европска алтернатива на доминацијата на американските картични системи како Visa и Mastercard. Токенизацијата на финансиите е, исто така, дел од оваа визија. Ова би ги поставило темелите за вистинска унија на пазари на капитал, каде што дигиталните средства ќе можат слободно да циркулираат низ целиот континент.

Македонија на Патоказот „Една Европа, еден пазар“ треба да гледа како на механизам за опстанок во светот на геополитичка нестабилност. Патоказот ќе ни овозможи да бидеме дел од „европскиот економски систем“ доколку покажеме сериозен и навремен интерес за тоа. Наша основна задача е да ги отстраниме административните слабости, да ги надминеме политичките поделби и да обезбедиме активна дипломатија, кои како предуслови во синергија треба да ни ја обезбедат оваа историска шанса за функционално зачленување во најнапредниот пазар на планетава, пазарот на Европската Унија, и реално да се случи.


Економија и бизнис, 01 јуни 2026

Најчитано