АНАЛИЗА: Европската Унија во расчекор меѓу способноста да се реформира и желбата да се прошири

Европската Унија во расчекор меѓу способноста да се реформира и желбата да се прошири

пишува: Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања

При посетата на Скопје (8 јули 2026 година), Комесарот за проширување, Марта Кос, очекувано ги повтори познатите пораки за тоа дека: единствен услов за отворање на кластерот Фундаменти се уставните измени, ЕУ не може да даде гаранции дека нема да има нови барања или вета во текот на пристапните преговори, Преговарачката рамка не може да се менува и преземените обврски од наша страна во 2022 година треба да се исполнат. Позициите од наша страна исто така останаа непроменети, односно дека за нас нема план „Б“ поради што остануваме посветени на остварување на стратешката цел за полноправно членство во ЕУ, но исто така и дека бараме политичка потврда за немешање на билатералните идентитетски прашања во пристапните преговори и дека сме подготвени за пристапни преговори под истите услови како и за другите земји кандидатки. По однос на Реформската агенда и реализацијата на голем дел од планираните чекори заклучно со јуни 2026 година, од двете страни е потврдено дека таа се спроведува со солидно темпо и дека покрај редовните средства кои ќе ги повлечеме согласно Инструментот за реформи и раст постои можност и за дополнителна финансиска награда.

Покрај јавните пораки, се надевам се водени и конкретни разговори зад затворени врати за наоѓање излез од политичкиот лавиринт во кој западнавме последниве четири години. Досега верувам веќе научивме дека „ѓаволот е во деталите“, а излезот мора да се бара преку познавањето на правните прописи и процедури низ кои се градат и се донесуваат одлуките од страна на земјите членки на ЕУ.

Од друга страна, во актуелниов момент мора да ја разбереме и пошироката слика. Имено, во европската политика ретко се случува еден процес истовремено да биде и стратешка неопходност и политички проблем. Денес токму тоа се случува со проширувањето на Европската Унија. По руската агресија врз Украина, проширувањето повторно стана врвен геополитички приоритет, но истовремено Унијата сè поотворено признава дека не е институционално, финансиски и политички подготвена за прием на повеќе од триесет земји членки. Токму во оваа противречност лежи најголемата дилема на денешната Европска Унија. Од една страна, постои јасна политичка волја Европа да го затвори геополитичкиот простор на Западниот Балкан, на Украина и на Молдавија и да го спречи влијанието на конкурентските сили врз европскиот континент. Од друга страна, истите тие држави членки не се подготвени да се откажат од дел од своите национални привилегии, од правото на вето, од сегашниот начин на распределба на европскиот буџет или од институционалната рамнотежа изградена изминатиов период.

Од овие причини, Европската Унија денес се наоѓа во расчекор меѓу способноста да се реформира и желбата да се прошири. Овој расчекор не е само политички, тој е и институционален, финансиски, правен и геополитички. Токму од начинот на кој ќе бидат разрешени овие суштински дилеми ќе зависи не само иднината на Унијата туку и европската перспектива на Македонија.

Не случајно Европската комисија уште во март 2024 година ја објави Комуникацијата за претпристапните реформи и прегледот на политиките. Со овој документ првпат официјално беше признаено дека реформите во Унијата и проширувањето мора да се одвиваат паралелно. Но, две години подоцна, финалниот извештај на Комисијата сè уште не е објавен. Причината не е административна, туку длабоко политичка. Имено, Европската Унија сè уште нема консензус за тоа како треба да изгледа Унијата со 30+ членки. Длабоките разлики меѓу земјите членки за институционалните реформи, за идниот буџет, за системот на одлучување и за распределбата на политичката моќ го одложуваат дефинирањето на конечниот модел на реформираната и проширена Унија. Конечно, според последните јавно достапни информации, објавувањето на Извештајот на Комисијата е најавен за 30 септември, односно две недели пред Европскиот совет кој ќе се одржи на 15 октомври со фокус на политичката дебата на новиот модел за проширување.

Во меѓувреме, празнината ја пополнуваа Француско-германскиот експертски извештај (октомври 2023 г.), писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц (мај 2026 г.) со кое се нуди решение за статусот на Украина, француско-германскиот неформален документ (јуни 2026 г.) објавен пред Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Тиват, со фокус на Западниот Балкан и на Молдавија, по кој логично следеше и исклучително важниот неформален документ (јуни 2026 г.) за новиот модел на пристапни договори, почнувајќи со Црна Гора. Паралелно одеа и анализите на аналитичките центри и неодамнешните медиумски елаборации (ПОЛИТИКО), кои покажуваат дека во Брисел веќе не се разговара дали ќе има нов модел на проширување, туку каков ќе биде тој модел кој треба да послужи како „амортизер“ за неспроведените реформи внатре во Унијата.

Со сите овие официјални, полуофицијални и неформални документи, односно политички пораки, всушност се отвора вратата за посуштински промени во процесот на проширување. Долги години политиката на проширување беше технократски процес според кој земјите кандидатки ги исполнуваа критериумите, постепено го усогласуваа законодавството со правото на Европската Унија, ги отвораа и ги затвораа поглавјата и, по исполнувањето на условите, стануваа полноправни членки.

Денес, иако целта на сите земји кандидатки официјално и натаму останува полноправно членство, сепак логиката на процесот е сериозно променета. Проширувањето сè повеќе станува инструмент, темел на европската безбедносна политика, и наместо само политика на условување тоа прераснува во средство за геополитичка стабилизација. Со новиот пристап наместо исклучиво правен процес, проширувањето и пристапните преговори стануваат процес во кој политичките одлуки, а со тоа и дискрециските права, вклучително и правото на вето, добиваат сè поголема тежина и сè почесто се користат.

Најсериозните дилеми за идниот модел се поврзани со идното членство на Украина во Унијата. Европската Унија сака Украина што побрзо да биде трајно врзана за европскиот политички и економски простор. Истовремено Унијата знае дека не може преку ноќ да ја интегрира најголемата земја кандидатка во постојниот институционален и буџетски систем без сериозни последици за заедничките политики и без сериозни економски и финансиски последици, особено за помалку развиените членки на Унијата и за соседите на Украина.

Оттука произлегува концептот на постепена или на фазна интеграција, кој изгледа како едноставно и прагматично решение. Тој тргнува од можноста кандидатките постепено да добиваат пристап до делови од единствениот пазар, до европските фондови, до програмите, до одредени институции и до политики уште пред формалното членство, но полноправното учество во одлучувањето, во правото на глас и во институционалната еднаквост би останале одложени за некоја подоцнежна фаза. Концептот е веќе тука, но деталите за правно регулирање на системот и за неговата функционалност отсуствуваат. Длабоката и суптилна дилема е дали Европската Унија, всушност, се обидува да го реши сопствениот институционален проблем преку редефинирање на моделот на членството. Впечаток е дека, всушност, се префрла тежиштето на неможноста да се спроведат реформи во рамките на Унијата врз новите идни членки на ЕУ преку новиот модел на пристапни договори. Имено, правен простор за нов модел на членство во ЕУ во постојниот Договор за основање на ЕУ нема, но правен простор во пристапните договори за новите членки и нивно моделирање сè уште има и евидентно тој простор ќе се користи како солуција со најмал потенцијал за отпор.

Оттука веќе не станува збор само за постепено пристапување туку и за креирање на комплексна политичка и правна архитектура како излезно решение кое треба да создаде временски простор за спроведување на неопходните реформи и обезбедување на функционалност на Унијата. Прашањето е дали ваквата архитектура ќе ја направи Унијата пофункционална или ќе создаде Европа на трајно нееднакви членства. Според европското право, членството досега претставуваше и претпоставуваше еднаквост, додека новите предлози отвораат простор за ситуација во која државите ќе преземаат сè повеќе европски обврски, односно преземање на правото на Европската Унија, прифаќање на политички обврски и пренесување на дел од суверенитетот, а ќе добиваат сè помалку институционални права, односно редуцирано право на глас.

Нашава држава веќе подолго време функционира во услови на асиметрична условеност и опструкции, пред сè од нашите непосредни соседи кои се и членки на Унијата. Пристапниот процес за нас одамна престана да биде исклучиво европски, односно во него се вградија билатерални прашања и политички одредници кои излегуваат надвор од класичната логика на пристапните критериуми. Во таков контекст, постепената интеграција носи дополнителен ризик. Ако напредувањето кон секоја следна фаза зависи од политичката волја на земјите членки заснована на дискрециското право на вето по однос и на идентитетски прашања, тогаш билатералните спорови добиваат уште поголем потенцијал за блокирање на целиот процес. Наместо мост кон членството, фазната интеграција за нас може многу лесно да се трансформира во „трајна чекалница“. Токму затоа ние мора внимателно да ја следиме и да ја читаме еволуцијата на овие процеси. Погрешно би било секој нов предлог автоматски да се отфрла, но уште попогрешно би било безрезервно да се прифаќа секоја нова европска идеја само затоа што доаѓа од Брисел, од Берлин или од Париз.

Како и да е, нашиот интерес останува чист и мора да биде недвосмислен и консензуален. Постепената интеграција може да биде корисна само ако претставува јасно дефинирана, временски предвидлива и правно гарантирана патека кон полноправно членство. Доколку новиот пристап стане замена за членството, тогаш тој престанува да биде инструмент за интеграција и станува инструмент за креирање на трајна периферија или членка од „втор ред“. Да потсетам дека во април 2004 година, со целосен политички консензус, Македонија аплицираше за полноправно членство во Унијата, не за фрагментирано или за парцијално членство. Доколку постои сериозна промена на ставот на Унијата за моделот на идното наше членство или доколку кај нас е променет политичкиот правец, ќе треба да се отвори длабока и сериозна политичка дебата со цел постигнување на нов консензус за нашите стратешки цели и ориентација.

Во исто време, и самата Европска Унија ќе мора да одговори на неколку важни прашања. Може ли Унијата да бара целосно почитување на правото на Европската Унија без да гарантира еднакво институционално учество? Може ли европските вредности да останат кредибилни доколку принципот на еднаквост меѓу државите постепено се заменува со различни категории членство? И конечно, може ли Европа да остане политички кохезивна ако создаде генерации држави кои со децении ќе ги исполнуваат сите обврски, а нема да ги уживаат сите права? Овие прашања за иднината на Европската Унија, секако, се многу поважни од дневнополитичките теми. Затоа дебатата за промените и за моделот за функционална унија не е внатрешно прашање само на земјите членки, туку таа директно ја определува и иднината на сите кандидатки за членство во Унијата.

За Македонија, во наш интерес е Унијата да се реформира, да биде функционална, поефикасна и поконкурентна на глобален план. Но, опасноста е реформите да не произведат нов модел на проширување во кој еднаквоста меѓу членките ќе стане релативна категорија. Европската интеграција отсекогаш почивала врз ветувањето дека исполнувањето на истите правила води кон исти права. Доколку тоа правило биде нарушено, ќе биде нарушена и довербата во целиот процес на проширување, а кредибилитетот на Европската Унија ќе еродира до ниво на неатрактивност.

Затоа денес најважната задача за Македонија е активно да учествува во дебатата за реформите во Унијата. Македонската политичка и дипломатска елита мора аргументирано да инсистира секоја нова форма на постепена интеграција да биде проследена со политички, со институционални и со правни гаранции не за полноправно членство во Унијата, туку за елиминирање на каква било можност за трајни политички асиметрии или билатерални злоупотреби. За нас клучна напомена е дека процесите на реформи се толку интензивни и брзи при што не смее ништо да ни помине под радорот на нашите стратешки, државни и национални интереси. Не смее да ни се повтори 2022 година и политичкиот товар што ни го наметнаа погрешните политички одлуки, најголем дел од нив поради недоволно разбирање на комплексноста на механизмите и на процедурите во кои се донесуваа тие одлуки.

Истовремено Унијата треба да прифати дека геополитичката кредибилност не се гради само со нови иницијативи и креативни модели на интеграција, туку таа се гради и со доследност, а тоа знечи дека истите правила мора да важат за сите. Во спротивно, Европската Унија ризикува да стане простор во кој ќе има различни степени на европско членство, но сè помалку чувство за заедничка европска еднаквост, што е во спротивност со основните постулати на кои почива Унијата.

Токму затоа денешната дилема не е дали Европската Унија ќе се прошири, таа речиси сигурно ќе се прошири, прво со Црна Гора, а потоа и со Албанија, со Молдавија и со Украина, многу веројатно и со Исланд. Вистинското прашање е каква Европска Унија ќе создадат реформите, Унија на еднакви членки или Унија на концентрични кругови со различни права, со различни обврски и со различно политичко влијание. Од одговорот на тоа прашање ќе зависи не само иднината на европскиот проект туку и местото на Македонија во него.

На крајот, по кој знае кој пат ќе повторам уште еднаш за да остане забележано: врвен стратешки државен и национален интерес и приоритет за Македонија е да обезбеди „столче на масата“ во институциите на Европската Унија пред Албанија и Србија или во најмала рака заедно со нив, независно од тоа како Унијата ќе се реформира и ќе се редефинира.


Економија и бизнис, 15 јули 2026г

Најчитано