Јавниот долг на Франција се зголеми во вториот квартал од 2026 година на рекордни 3,59 трилиони евра, што е нов рекорд и претставува 119 проценти од бруто домашниот производ (БДП), објави денес Францускиот национален институт за статистика и економски истражувања.
Француското Министерство за финансии очекува дека јавниот долг ќе достигне 119,3 проценти од БДП на крајот на 2026 година, и дека ќе продолжи да расте следната година, на 121,7 проценти од БДП.
Тоа е повеќе од двојно од европската фискална граница од 60 проценти од БДП, објавува Фигаро.
Владата очекува буџетски дефицит од 5,4 проценти од БДП во 2026 година, во споредба со 5,1 процент минатата година, додека за 2027 година е поставена цел од пет проценти.
Планираното намалување на дефицитот треба да се постигне со мерки во вредност од околу 54 милијарди евра.
Според плановите на владата, границата од три проценти од БДП, предвидена со европските фискални правила, ќе биде достигната дури во 2029 година.
Растот на долгот истовремено ги зголемува трошоците за негово сервисирање, а каматата, според проценката на министерот за финансии Роланд Лескир, треба да достигне 91 милијарда евра во 2027 година.
Француските десетгодишни државни обврзници во понеделникот имаа принос од 4,7 проценти, додека приносот на германските обврзници со сличен рок беше околу 3,6 проценти, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис








