Пишува: Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања
Преку оваа куса анализа на новата регулаторна рамка на ЕУ за увоз на челик ќе се обидам да ги отсликам нејзините импликации врз македонскиот сектор за производство на челик и на челични производи, но и пошироко на македонската економија. Притоа ќе допрам и можни решенија низ правната рамка воспоставена со Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), која е во сила од 2004 година. Постојано потсетувам дека клучната правна рамка која ги регулира нашите политички, економски, трговски, финансиски и институционални односи со Европската Унија е токму ССА, со сите други правни акти кои произлегуваат или се повикуваат на неа (транспорт, енергетика, безбедност на границите итн.). Таа правна рамка, ратификувана од сите земји членки на ЕУ и од наша страна, е дел од нашиот правен систем. ССА ќе остане во сила сè до моментот додека не биде заменета со друга правна рамка, а тоа е Договорот за пристапување во ЕУ, штом ќе ги завршиме пристапните преговори, кога и тоа да се случи. Оттука правната сила на ССА е најмоќното оружје наспроти секој нов правен акт кој го предлага или го воведува ЕУ унилатерално за заштита на својата економија, честопати заобиколувајќи ја институционалната рамка воспоставена со ССА, која има јасен мандат и правила и административни процедури, утврдени со самата Спогодба, но и подетално со Деловникот за работа на Советот за стабилизација и асоцијација и на Комитетот за стабилизација и асоцијација и неговите помошни тела.
На 13 април 2026 година, постигнат е договор меѓу претседателството на Советот на ЕУ (во моментов, Кипар) и Европскиот парламент за новата регулаторна рамка на ЕУ за увоз на челик. Овој правен акт претставува еден од најзначајните и најрестриктивните инструменти во европската трговска политика донесени во последниве години. Не се работи само за техничка замена за времените заштитни мерки (во примена од 2019 година) под чиј удар неоправдано бевме последниве години, а кои истекуваат на 30 јуни 2026 година, туку претставува транзиција кон перманентна правна рамка дизајнирана да го заштити европскиот индустриски суверенитет во контекст на растечките глобални пазарни дисторзии, почнувајќи од 1 јули 2026 година.
За Македонија, како земја чија тешка индустрија е историски и стратешки поврзана со европските вредносни синџири, оваа регулатива не е само промена во царинскиот режим туку и егзистенцијален предизвик за металуршкиот сектор и тест за правната сигурност на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА). Со оглед на тоа што челичната индустрија е еден од столбовите на македонскиот извоз и на индустриско производство, новата регулатива има потенцијал темелно да ја преобликува економската иднина на тешката индустрија, а со тоа и на нашава економија во целина.
Правната основа на регулативата се наоѓа во член 207(2) од Договорот за функционирање на Европската Унија, кој ја регулира заедничката трговска политика на Унијата. Оваа нова регулатива го препознава секторот за производство на челик како сектор од стратешко значење за конкурентноста, за безбедноста и за одбранбената способност на ЕУ, како што е наведено и во Европскиот акциски план за челик и метали од март 2025 година. Најзначајните правни иновации вклучуваат, прво, драстично намалување на квотите за увоз во ЕУ, од приближно 47 % во споредба со нивото на квотите од 2024 година, второ, драстично зголемување на царините од досегашните 25 % на 50 % за увоз во ЕУ надвор од утврдените квоти, и трето, воведување на принципот „истопено и леано“ („Melt and Pour“), односно утврдување на потеклото на челикот каде што тој бил првично истопен во течна форма и леан во неговата прва солидна состојба. На крајот, сепак како мала надеж за нас, со регулативата е воведена и можност за примена на специфични (билатерални) заштитни мерки за земји со кои ЕУ има договори за слободна трговија.
Економската оправданост за ваквата драстична интервенција на ЕУ лежи во алармантните податоци за глобалниот пазар. Глобалниот вишок на капацитети за производство на челик се проценува дека е пет пати поголем од вкупната годишна потрошувачка на челик во ЕУ. Од економска перспектива, Унијата се соочува со т.н. ефект на истиснување („push-out“) каде што вишокот на производство од земји со непазарни политики (пред сè од Азија) се пренасочува кон ЕУ, а и поради затворањето на другите големи пазари како оној на САД. На овој начин, ЕУ се обидува да заштити околу 2,5 милиони работни места во ЕУ поврзани со производството на челик преку контролирана протекционистичка политика. Причините се и економски и политички.
Како резултат на стриктната примена на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, македонската економија е отворена и силно зависна од извозот во Европската Унија, кој учествува со околу 78,6 % во вкупниот извоз. Челичната индустрија историски е еден од најголемите генератори на девизен прилив. Интеграцијата на Македонија во европските синџири на додадена вредност значи дека секоја промена во трговскиот режим на ЕУ има директни реперкусии врз нашиот БДП. Според податоците на Државниот завод за статистика, главните партнери во трговијата со производи од челик за Македонија во 2024 и 2025 година се Србија, Германија, Чешка, Грција и Бугарија. Високата корелација меѓу извозот и увозот со земјите од ЕУ (Германија, Чешка, Грција, Бугарија) укажува на тоа дека македонските компании функционираат како дел од интегриран систем. Примената на правилата за потекло, за „истопен и леан“ е со особено критични реперкусии бидејќи Македонија увезува значителни количини челик од Турција и од Кина, кои потоа се преработуваат и се извезуваат во ЕУ.
Оттука последиците од новата регулатива на ЕУ за нас ќе бидат повеќеслојни. Најдиректен ефект ќе биде значителното намалување на волуменот на челик што ќе можат македонските производители да го извезат во ЕУ без да подлежат на екстремно високи царини. Ова значи директен пад на приходите од извоз. Исто така, доколку македонските компании ги надминат квотите, со царина од 50 % нивните производи стануваат неконкурентни во однос на челикот произведен во ЕУ. Дополнително построгите правила на ЕУ ќе го интензивираат проблемот со пренасочувањето на челик со ниски цени од трети земји (особено Азија, Турција), меѓу другите и кон пазарите на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, нарушувајќи го домашниот пазар. Оттука потребно е да се размисли за активирање на заштитни антидампинг мерки, согласно нашето национално законодавство, со цел превенција на наплив на челик со ниски цени од трети земји на нашиот домашен пазар.
За да биде проблемот и поголем и покомплексен, новата регулатива се преклопува со целосната имплементација на Механизмот за гранично прилагодување на јаглеродот (CBAM) кој е веќе во сила. Ова создава огромен притисок за македонските компании. Имено, македонскиот челик се соочува со трошоци за емисии на јаглерод преку CBAM, а истовремено ќе биде подложен на 50 % царина доколку ја надмине намалената квота. Неминовно намаленото производство ќе резултира со помали приливи во буџетот од данок на добивка и од персонални даноци. Крајниот ефект ќе биде неизбежен. Падот на извозот и на производството во металургијата ќе има негативен директен ефект на бруто-домашниот производ (БДП). Како гранка со силни мултипликативни ефекти, влијанието ќе се прошири низ целата економија, вклучувајќи ги доставувачите и транспортерите.
Во Македонија, според достапните информации, секторот индустрија за производство и обработка на челик вработува директно околу 3 000 луѓе, но поддржува уште 15 000 работни места во логистиката, во енергетиката и во услугите. Губењето на овие работни места, или дури и само на дел од нив, би имало видлив негативен ефект врз куповната моќ пошироко на државно ниво со потенцијал за социјален притисок и немири и дополнително зголемена емиграција на квалификуван кадар.
Македонската челична индустрија е поделена на примарни производители (со сопствено топење од отпадно железо), само валалници и производители на финални челични производи (цевки, профили и конструкции). Секоја група е различно погодена од новата регулатива. Некои се директно погодени од намалените квоти, некои од високите царини (или и од двете), а некои дополнително и од новиот принцип за докажување на потеклото на суровината, односно правилото „истопен и леан“. Ова бара итно преструктурирање на нивните синџири на снабдување кон доставувачи кои имаат признаено потекло во рамките на европските квоти или се од земји со кои ЕУ има повластени договори кои ги почитуваат новите правила.
Треба, секако, да забележиме и дека, поради политички, правни или економски причини, новата регулатива разликува неколку групи на земји кои ќе имаат различен степен на повластен третман или целосно изземање, додека пак за некои земји се воведуваат построги рестрикции. На пример, земјите од Европската економска област (ЕЕА), Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, се целосно изземени од тарифните квоти и од царината од 50 % надвор од квотите, но сè уште ќе ја имаат обврската да го почитуваат и да го применуваат принципот „истопен и леан“ за потребите на следењето на потеклото на челикот. Понатаму, како исклучок, Украина, која е земја кандидатка за членство во ЕУ со специфична безбедносна ситуација, добива целосно изземање од квотите и од давачките додека трае воената состојба, но не и на CBAM-механизмот на кој останува целосно изложен украинскиот извоз. За останатите земји кандидатки за членство во ЕУ (вклучително и за Македонија) не постои автоматско изземање, односно тие се третираат како трети земји. За Обединето Кралство се задржува специфичен режим за трговските текови кон Северна Ирска, во согласност со посебно утврдениот меѓусебен режим. За Русија и за Белорусија е дефиниран најнеповолен третман, односно за нив се предвидува целосна забрана за увоз на производи каде челикот е „истопен и леан“ во Русија или во Белорусија, што значи дека таквите производи воопшто нема да имаат пристап до квотите. Предвидено е и постепено целосно укинување на увозот на руски полупроизводи (слабови) до септември 2028 година. За сите останати трговски партнери (како Индија, Турција, Кина, Јужна Кореја), регулативата се применува во целост со сите рестрикции.
Во контекст на новата регулатива, за нас посебно внимание заслужува можноста за користење на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ како заштитна правна (и политичка) бариера. Како специфичен меѓународен договор, ССА има правен приоритет пред општото внатрешно законодавство на ЕУ, како што е оваа регулатива на ЕУ за заштита на производството на челик, согласно член 216(2) од Договорот за функционирање на Европската Унија, според кој договорите склучени од Унијата се обврзувачки за институциите на Унијата и за нејзините земји членки. Ова значи дека Македонија има правна основа да преговара за специфичен третман. Имено, делот од регулативата, членот 4 и членот 4а, се клучниот „правен простор“ во кој Македонија би можела да маневрира за да се избегнат крајно неповолните економски последици за нејзината индустрија за челик.
Членовите 4 и 4а од регулативата ѝ обезбедуваат правна основа на ЕУ за распределба на вкупната квота од 18,3 милиони тони за што Европската комисија подготвува „имплементирачки акт“ (секундарен акт). Притоа Комисијата може да го земе предвид и статусот на земјата кандидатка, што значи дека Македонија може низ преговори (доколку веќе не сме побарале), користејќи ја ССА, да бара билатерален излез од проблемот или „национална квота“, повикувајќи се на фактот дека нашиот челик не е дел од проблемот со глобалниот вишок бидејќи имаме реално производство, а не само препакување на кинески челик и дека сме стратешки партнер во синџирот на снабдување. Сепак, ризикот за нашата индустрија реално и натаму постои. Додека правните аргументи за супериорноста на ССА се непобитни, реалната политичка моќ на Брисел може да ги наметне рестриктивните мерки. Доколку низ координирана дипломатска активност не се избориме за специфична национална квота пред 1 јули 2026 година, нашите компании (како Макстил, Либерти или ИГМ) ќе мора да се натпреваруваат во „општата/глобална квота“ со гигантите од Азија каде што квотите се трошат за неколку дена. Тоа би значело дека секторот за производство на челик и на челични производи ќе се соочи со структурна контракција што ќе го повлече надолу целиот индустриски раст и ќе ги загрози макроекономските цели за периодот 2026 − 2028 година. Оттука Македонија мора да се потврди како интегрален дел од европското индустриско семејство, а не како колатерална жртва на глобалната трговска војна.
Економија и бизнис, 01 мај 2026г.











