Преговарачите на Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на Европската унија (ЕУ) рано утрово постигнаа договор за Рамковниот договор за трговија меѓу ЕУ и Соединетите Американски Држави (САД), со кој Унијата ги укинува царините за американските индустриски производи и некои земјоделски производи, додека Вашингтон ќе ги ограничи царините за увоз од ЕУ на 15 проценти.
Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ изјави дека ЕУ уште еднаш покажа дека е сигурен трговски партнер кој ги почитува своите обврски, објави Политико.
По месеци внатрешни препирки во рамките на ЕУ, беше постигнат компромис откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царина од 25 проценти за европските автомобили од 4 јули.
Според конечниот текст на компромисот, до кој Политико имаше пристап, Европската комисија би можела, на барање на Европскиот парламент или на земја-членка, да го суспендира трговскиот договор доколку Вашингтон не ги намали царините за европски челик и алуминиум, кои моментално изнесуваат 50 проценти, до крајот на 2026 година.
Договорот предвидува дека Комисијата ќе достави извештај до Парламентот и Советот на крајот од оваа година за американските царини за челик, а доколку процени дека САД не го почитуваат договорот, ќе ја разгледа можноста за негово суспендирање.
Преговорите, исто така, вклучија во текстот таканаречена клаузула за зајдисонце, според која договорот би истекол во декември 2029 година, речиси една година откако Трамп треба да ја напушти Белата куќа.
Договорот, исто така, вклучува заштитни мерки што ја обврзуваат Комисијата да испита, по сопствена иницијатива или на барање на три членки на ЕУ, дали увозот претставува сериозна закана за домашната индустрија.
Фото Економија и бизнис








