Федералните резерви на САД (ФЕД) се соочуваат со сè поголем предизвик во ограничувањето на инфлацијата, бидејќи силните инвестиции во вештачка интелигенција ја зголемуваат побарувачката и растот на цените. Централната банка на САД истакнува дека последиците од повисоките каматни стапки би можеле да ги погодат малите и средните претпријатија и домаќинствата кои најмногу зависат од кредити.
Големите технолошки компании, продолжуваат да инвестираат многу во развој на вештачка интелигенција, изградба на центри за податоци и стекнување компјутерска опрема, и покрај високата цена на финансирање.
Затоа традиционалните инструменти на монетарната политика, како што се зголемувањето на каматните стапки, имаат потешкотии да ја забават побарувачката во овој дел од економијата. Централната банка на САД се обидува да ја врати инфлацијата на целта од два проценти, но таа цел не е постигната повеќе од пет години. Се очекува ФЕД да ја задржи референтната каматна стапка во опсег од 3,75 до 4,0 проценти на состанокот на 27 и 28 октомври, додека официјалните лица разгледуваат дали ќе биде потребно дополнително затегнување на монетарната политика.
Економистите предупредуваат дека повисоките каматни стапки би можеле непропорционално да ги погодат бизнисите што се потпираат на банкарски кредити, како и потрошувачите што финансираат купувања преку кредитни картички и други форми на задолжување. Повисоките трошоци за финансирање би можеле да ги забават инвестициите во домувањето и другите сектори што немаат директна корист од развојот на вештачката интелигенција, пренесува Еуроњуз.рс.
Фото Економија и бизнис








