ЕУ СО НОВА СТРАТЕГИЈА ЗА АРКТИКОТ, ТОПЕЊЕТО НА МРАЗОТ ОТВОРА НОВИ ГЕОПОЛИТИЧКИ И ТРГОВСКИ КОРИДОРИ, како прв чекор, ЕУ планира да воспостави „Арктички центар за кабли“

Европската Унија (ЕУ) денес презентираше нова стратегија за Арктикот, која ја одразува важноста на регионот за безбедноста. Стратегијата вклучува ветувања за зајакнување на сателитскиот надзор, подобро следење на состојбата на подморските кабли, како и обезбедување помош на членките на ЕУ во набавката на мразокршачи.

Арктикот станува сè поинтересен за големите сили, вклучувајќи ги САД, Русија, Кина и Европа, бидејќи постојаното топење на мразот отвора нови поморски патишта во областа на Северниот Пол.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, се обиде да го купи Гренланд – остров што ѝ припаѓа на Данска, членка на ЕУ. Тензиите меѓу арктичките држави и Русија се зголемија по руската инвазија на Украина во 2022 година.

„Геополитичките тектонски плочи се судираат во Арктикот“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Кога ќе видиме дека суверенитетот, територијалниот интегритет и правилата што беа основа на стабилноста во регионот повеќе не можат да се земаат здраво за готово, мора да дејствуваме“, изјави таа пред новинарите во Стразбур, каде што се одржува седница на Европскиот парламент.

Како прв чекор, ЕУ планира да воспостави „Арктички центар за кабли“, чија задача ќе биде да ги следи, заштитува и помага во поправката на каблите, според стратегијата подготвена од Европската комисија и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

ЕУ, исто така, има намера поблиску да го следи Арктикот, како дел од плановите за проширување на својата мрежа за набљудување на сателити „Коперник“.

Во стратегијата се наведува дека на европскиот блок од 27 земји, вклучувајќи ги и арктичките држави Финска, Шведска и Данска, им се потребни повеќе мразокршачи.

Новиот документ – во кој не се наведени трошоците за планираните активности – е првото ажурирање на арктичката стратегија на ЕУ од 2021 година и е најновиот во низата чекори што ЕУ ги презема во регионот.

Минатиот месец, Урсула фон дер Лајен ги претстави плановите за инвестиции на ЕУ во Гренланд во вредност од 200 милиони евра, пренесува Данас.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано