Во Србија во 2025 година живееле 6.549.901 жители, а во однос на полот, 51,3 проценти од населението биле жени, додека учеството на мажите било 48,7 проценти, објави денес Републичкиот завод за статистика во Статистичкиот годишник на Србија.
Од РЗС појаснија дека во годините кога нема попис на населението, како што е 2025 година, бројот на жители се проценува и дека проценките за минатата година се базираат на резултатите од пописот од 2022 година, како и на резултатите од годишната статистика за природно движење и внатрешна миграција на населението.
Според податоците од виталната статистика во 2025 година, стапката на природен прираст била негативна и изнесувала минус 5,5 промили.
Уделот на жените во фертилна т.е. во возраста за раѓање деца, се намали од 22,6 проценти во 2011 година на 20,8 проценти во 2025 година, додека просечната возраст на мајките при раѓањето на нивното прво дете се зголеми од 27,5 на 29,1 години во истиот период.
Кога станува збор за браковите, минатата година има намалување на бројот на склучени бракови за 3,2 проценти во споредба со 2024 година, односно пад од 30.376 во 2024 година на 29.402 бракови во 2025 година.
Минатата година, жените се мажеле на просечна возраст од 31 година, а мажите на 34 години.
Во 2025 година, бројот на разведени бракови се намалил за 4,4 проценти во споредба со претходната година и изнесувал 10.148.
Во периодот од 2011 до 2025 година, бројот на бракови на 1.000 жители се намалил малку, бидејќи во 2025 година бројот на бракови на 1.000 жители изнесувал 4,5 во споредба со 4,9 во 2011 година.
Во истиот период, бројот на разведени бракови на 1.000 жители се зголемувал, бидејќи овој број во 2025 година изнесувал 1,5, а во 2011 година 1,1.
Главната карактеристика на движењето на проектираното население на Србија во периодот од 2022 до 2052 година е депопулацијата, според Статистичкиот годишник на Србија, кој денес го објави Републичкиот завод за статистика и во кој се истакнува дека според секоја од 32-те варијанти на проекциите, бројот на жители во 2052 година ќе биде помал отколку во 2022 година.
Во Србија, според овие проекции, до средината на векот може да се очекува негативна стапка на наталитет и демографско стареење на населението.
Се очекува дека во споменатите 30 години, учеството на лицата на возраст од 65 години и повеќе ќе се зголеми од 21,9 проценти на 28,5 проценти.
Иако учеството на децата под 14 години во вкупното население ќе остане на приближно 14 проценти, во периодот 2022 – 2052 година, гледано во апсолутни бројки, бројот на ова население ќе се намали за приближно 25 проценти.
Се проценува дека бројот на деца на оваа возраст на крајот од периодот на проекција, т.е. во 2052 година, ќе биде двојно помал во споредба со бројот на лица на возраст од 65 години и повеќе.
Фото Економија и бизнис








