АНАЛИЗА: Геополитиката и проширувањето после SOTEU 2026, што може да очекуваме?

пишува: Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања

Говорот за состојбата на Унијата во 2026 година (SOTEU- State Of The European Union) може да се третира и како значаен политички пресврт во начинот на кој Европската комисија ја дефинира улогата на ЕУ во меѓународниот систем. Иако во пресекот на состојбите Претседателката прави осврт и на внатрешната економија на Унијата, енергетиката и климатските промени, вештачката интелегенција и социјалната политика и внатрешната политичка состојба, придружена со миграцијата и бебзедноста на границите, сепак фокусот е на геополитиката, безбедноста и одбранбената политика. На крајот на сите би требало да ни биде јасно, како што и е јасно на политичката елита во Унијата дека сите амбициозни панови почнуваат и ќе завршат со Повеќегодишната финансиска рамка 2028-2034 година, која мора да се затвори до крајот на годинава, како приоритет над сите приоритети, за да во 2027 година се надгради комплексната правна рамка за Буџетот на Унијата 2028-2034 година. Без исполнување на овој услов сите најави и политики на Унијата ќе бидат на стаклени нозе.

Но да се вратам на самиот Говор. Основната порака на Урсула фон дер Лајен е парадоксална, но евидентно со намера и цел, а тоа е дека ЕУ е посилна од кога било, но истовремено се наоѓа во најнесигурната геополитичка средина досега. Оттука произлегува главната политичка теза на говорот, според која Европа мора да стане поспособна сама да ги штити своите интереси, без притоа да се изолира од светот, напротив токму преку наоѓање на искрени сојузници и зајакнување на дооворните односи со нив.

Интересен момент е што САД и Претседателот Доналд Трамп не се споменуваат директно. Тоа е политички значајно, веројатно во ментов и коректно и провокативно. Во говорот ВДЛ зборува за „старите претпоставки и односи“ кои се распаднале, „отворено непријателски свет“, потребата Европа сама да ги обезбедува своите интереси, намалување на зависностите, поголема европска одбранбена способност, нови глобални коалиции, партнерства со Канада, Норвешка, Обединетото Кралство и Украина.

Во овој контекст, особено е важен предлогот Канада да стане првиот „associate member“ на ЕУ, како конкретен предлог за продлабочување на односите со Канада. Предлогот е најавен во присуство на Премиерот на Канада, Марк Карни, секако со негово претходно знаење. Сепак предлогот предизвика многу контроверзи бидејќи во моментов е правно недоречен, но во политичка смисла, тој претставува обид за создавање нов тип европски-партнерски односи со држави кои не можат или не сакаат да станат полноправни членки, но се стратешки блиски до ЕУ. Да не заборавиме дека ваков предлог во своето писмо до ЕУ за Украина даде и Канцеларот Мерц (на 18.5.2026 година). Во правна смисла, меѓутоа, асоцијативна членка на Унијата- „associate member“, не е постојна категорија во правото на ЕУ. Член 49 ДЕУ се однесува на членство на „европска држава“, додека член 217 од ДФЕУ-Договорот за функцинирање на ЕУ, овозможува договори за асоцијација со трети држави, какви што веќе Унијата има во голем број и со држави надвор од Европскиот континент. Затоа предлогот за Канада, доколку продолжи, ќе бара внимателно конструирање на нов договорен и институционален модел.

Русија е најдиректно именуваниот геополитички противник во говорот. ВДЛ наведува дека војната во Украина продолжува и дека руските операции веќе се чувствуваат на територијата на ЕУ. Покрај класичната воена закана, Комисијата ги групира и опасностите од сајбернапади, саботажи, подметнување пожари, напади со дронови, пораст на дезинформациите, и когнитивно влијание, користејќи нови суптилни софистицирани форми на напади, и преку Вештачката интелегенција и социјалните мрежи. Оттука следи еден од најзначајните институционални предлози, а тоа е „Европски член 4“, при што ВДЛ предлага Emergency Security Protocol (Протокол за итна акција за обезбедување на сигурноста на Унијата), опишан како европски еквивалент на член 4 од Северноатлантскиот договор. Идејата е, еден член да може да го активира механизмот со кои сите држави да се здружат и да го координираат европскиот одговор, со цел спречување на ескалација, и намалување или минимизирање на евентуалните последици. Ова е потенцијално многу значајно бидејќи покажува дека Комисијата смета дека постојните институционални механизми не се доволно брзи за „сивата зона“ меѓу мирот и вооружениот напад. ВДЛ експлицитно признава дека европските институции и механизмите на одлучување се создадени за поинаков свет и дека нивната способност да реагираат мора да се преиспита и секако да се симплифицира и забрза.

Интересен и значаен е и предлогот за Европски Совет за Безбедност/ European Security Council, односно, ВДЛ предлага формат во кој би учествувале членките на ЕУ, Канада, Норвешка, Украина, Обединетото Кралство, и по потреба и други партнери кои би можеле значително да придонесат во зголемувањето на безбедноста на Унијата (САД експлицитно не се споменати). Политички, ова е многу пошироко од класичната архитектура на ЕУ, односно моделот што се навестува е ЕУ плус најблиските европски и трансатлантски партнери и Украина, како значителна платформа за поширока европска безбедносна архитектура. Ова е особено интересно затоа што се надоврзува директно на предлогот за канадско асоцијативно членство.

Украина е разбирливо и со право централната геополитичка тема во говорот. Имено, ВДЛ не ја третира Украина само како кандидат за членство, туку како прва линија на европската безбедност, и јасно ја поттикнува нејизната траекторија за членство во Унијата.

Кина е единствената голема економска сила, покрај Русија, која е директно именувана во говорот. Европскиот трговски дефицит со Кина достигнал околу €1 милијарда дневно, што е недоржливо за економијата на Унијата и нејзината стабилност. Во оваа насока е собено важен податокот дека ЕУ е повеќе од 80% зависна од Кина за многу критични суровини, а кај некои ретки минерали/руди зависноста е околу 90%. Но, сепак одговорот не е во прекин на односите со Кина, туку во ребалансирање на трговската размена со цел намалување на ризиците, диверсификација во снабдувањето и реципрочна трговска размена.

Делот од говорот за Газа и Блискиот Исток е политички значаен затоа што ВДЛ признава дека ЕУ нема единствен став, при што отворено нагласува дека земјите членки не успеале да создадат потребно мнозинство за заеднички одговор по однос на газа и случувањата на Блискиот исток. Тоа е една од најдиректните критики на внатрешната фрагментација во Унијата, а индиректно веројатно и на функционалноста и капацитетот на ЕЕАС. Политичкиот заклучок е јасен, а тоа е дека ЕУ има економска тежина, но нејзината геополитичка тежина е ограничена кога членките не можат да постигнат заедничка позиција.

Политиката на проширување е оставен за крајот на говорот, без да се спомене зборот „проширување“. Говорот е пооскуден споредено со претходните години, но сепак е политички многу важен и конкретен. ВДЛ експлицитно ги издвојува Украина, Молдавија и Западниот Балкан, со напомена дека нивната иднина е во Унијата, најавувајќи „roadmaps“(патокази) за најнапредните кандидати со јасно дефинирана траекторија, чекори и временска динамика. Меѓу редови прочитано, јасно е дека станува збор само за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, Македонија за жал не е во оваа група во моментов. Истовремено ВДЛ повторно го потврдува принципот на пристапување засновано врз заслуги и фокус без ниукакви компромиси за европските вредности. Тоа значи дека Комисијата политички ја поврзува безбедноста на ЕУ со проширувањето, но не предлага напуштање на „условеноста“. Во овој контекст треба да се чита и споменувањето на случајот на погребот на воениот злосторник Младиќ. Тоа е единствената директна референца кон Србија, при што ВДЛ експлицитно го поврзува тој чин со воените злосторства, односот кон жртвите, глорификација на воени злосторници, што е во спротивност со европските вредности. Претпоставка е дека ова ќе има директна политичка импликација за критериумите што ЕУ ги применува кон Србија и односот кон неа во пристапните преговори.

Претседателката нагласено се осврнува и на потребата за подготовка (прилагодување) на Унијата за прием на нови членки, како предуслов за натамошното проширување. Всушност овој дел може да се чита и како јасна политичка најава за неопходни реформи внатре во Унијата, но не преку измени на Договорот за ЕУ, што во дадениве околности би било невозможна мисија, туку само преку користење на постојните механизми со проширена интерпретација за нивната примена.

За Македонија ова е особено важно затоа што говорот не ја споменува по име, иако земјата е дел од Западниот Балкан и формално е кандидат за членство. Тоа секако формално правно не е промена на статусот, но укажува дека политичкиот фокус на Комисијата во овој момент е и ќе биде концентриран врз оние кандидати кај кои може да покаже конкретен напредок во преговарачкиот процес.

Опасноста е во тоа што Европската Комисија од сите аспекти има доста ограничени капацитети, а огромен број на приоритети во исклучително сложена геополитичка околина. Од тука, доколку во проширувањето се фокусира само на првата група земји со отворени преговори (Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина), со цел да покаже позитивни резултати до крајот на својот мандат, нема да посвети ниту големо внимание, ниту време, а ниту да ангажира ресурси (и политички капитал) во наоѓање решение за нашето отоворено прашање, било тоа да се третира како европско или билатерално. Македонија останува во процепот помеѓу првата група и втората група со Србија која има избори (незивесност барем за наредните 6-12 месеци), БиХ која исто така има избори (неизвесност секако до крајот на годинава, а веројатно и подолго), и Косово кое се уште не е ниту на дневен ред со својата Апликација за членство во ЕУ.

Ако кон ова се додадат и геополитичките триења (војните во Украина и Иран и на блискиот исток), недостатотк на енергенси и гориво со пораст на цените на истите што резултира и со пораст на инфлацијата и каматите на светскиот пазар на капитал, како и политичката неизвесност со изборите во Франција следната пролет, изборите во Бугарија (претседателски), Германија (претседателски и регионални), во Финска, Грција, Полска итн., како и „мидтерм“ изборите во САД кои може да имаат многу големо влијание на идната меѓународна политика на САД, преку Сенатот и Конгресот.

Говорот на ВДЛ деновите се анализира од сите страни глобално и од сите агли содржински. Некои сегменти ќе бидат предемт и на сериозни длабоки геополитички анализи и реакции, од апсект на тоа кои пораки се само политички изјави, кои се остварливи, кои се само најава и тестирање на пулсот на јавноста, а кои веќе имаат здрав фундамент и реален потенцијал да станат политики на Унијата. Всушност, покрај Говорот, Претседателката ВДЛ достави и детално Писмо на намери до законодавците во Унијата, а тоа се Европскиот парламент и Советот на ЕУ, од кое може да се прочита и појасно што од кажаното ќе се трансформира во конкретни правни акти и одлуки, а што ќе остане за дебата и дискуии за развивање на политики за понатаму.

Дополнително од овој настап на ван дер Лејен, во очекување сме на Извештај на ЕК (преглед на политиките за приширување) чие објавување е најавено за 30 Септември (ќе биде објавен кога се чита овој текст). Основа за Извештајот е Комуникацијата за реформи во процесот на проширување од Март 2024, како и рефлексиите од посетата на ПЕС Кошта на главните градови на членките на ЕУ. Потоа Извештајот ќе биде предмет на политичка дискусија на Европскиот Совет најавен за 15-16 Октомври, по што ќе следи пакетот за проширување на Комисијата за сите кандидати кон крајот на Октомври, како и финалните позиции и официјални заклучоци на Советот на ЕУ и Европскиот Совет на крајот од годината (половината на Декември 2026). Според најавите од Комисијата, но и низата неформални документи кои циркулираа изминативе месеци, извештајот најверојатно ќе се обиде да дефинира мерки во обид ЕУ паралелно да реши три различни проблеми, и тоа, ЕУ да стане способна да функционира со 30+ членки, да ги намали политичките стравови на сегашните држави членки од прием на нови членки, и да обезбеди конкретни придобивки за кандидатите пред формалното членство, без формално да се откаже од полноправното членство.

За да може да се даде политички и технички коректна оценка на предлозите на ЕК, и на земјите членки, треба да се почека финалниот документ на ЕК и неговото објавување, како и официјалните позиции на земјите членки по конечниот предлог-текст. Но, и од оваа дистанца и со расположливите податоци до сега, јасно е дека станува збор за сериозни поместувања во правилата на пристапните преговори, без измени во основачките договори. Товарот ќе се префрли на новиот модел на Пристапни Договори во кои ќе се вметнат нови правила со кои значително ќе се продолжи транзицискиот период од потпишувањето на пристапниот договор, до моментот кога ќе се уживаат сите права на полноправна членка на Унијата.
Она што нас како Македонија посебно не засега, е како ќе се формулираат или преформулираат правилата и како тие ќе се одразат на нашите билатерални проблеми кои ги имаме со нашите соседи, и тука не мислам само на Бугарија. Јасно е дека со овој консултативен процес кој тече повеќе месеци наназад, земјите членки се договараат за промена на правилата за во иднина, а не и за ретроактивни корекции, што значи дека до сега преземените обврски од наша страна, за жал, остануваат.


пишува: Драган Тилев | Авторот е поранешен државен советник за европски прашања
Економија и бизнис, 01 октомври 2026

Најчитано