Општина Делчево официјално го стави во употреба новоизградениот современ скејт-парк, кој претставува нова спортско-рекреативна содржина наменета за младите, авантуристите и љубителите на алтернативните спортови. Скејт-паркот е дел од поширок инвестициски циклус за унапредување на спортската и туристичката инфраструктура во граничниот регион.
На свеченото пуштање во употреба, градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека ова ново катче има многу поголемо значење од самата инфраструктура.
-Денес не отвораме само нов простор, туку простор за енергија, храброст, нови пријателства и нови можности. Вистинската вредност на овој скејт-парк нема да се мери само во изградените патеки и елементи, туку во насмевките, новородените пријателства и храброста повторно да се стане по секој пад. Ова е место каде што ќе се учи дека вистинската победа е во меѓусебното охрабрување и поддршка“, порача Гоцевски.
Изградбата на скејт-паркот е дел од проектот „Интегрирани прекугранични туристички акции во Благоевградско-Делчевскиот регион“, финансиран преку Програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Северна Македонија (ИПА).
Вредноста на скејт-паркот изнесува 2,4 милиони денари, а вкупната вредност на целиот проект околу 1 милион евра (за двете партнерски општини Делчево и Благоевград).
Партнери во реализацијата на проектот се Општина Делчево, Општина Благоевград, Здружението „Регионален центар за застапување“ од Делчево и туроператорот „Алфатур“ од Бугарија.
Раководителот на Одделението за ЛЕР во Општина Делчево, Тони Стојменовски, посочи дека ова е петти успешен проект што се реализира во партнерство со збратимената општина Благоевград, овозможувајќи градење мостови меѓу заедниците и подобрување на квалитетот на живеење.
За значењето на европските фондови за развој на локалните средини се обрати и Јане Вангеловски, раководител на прекуграничната програма од Министерството за локална самоуправа, кој честиташе за успешната реализација и истакна дека Делчево предничи во искористувањето на ИПА фондовите за проекти што директно им користат на граѓаните.
Во понатамошниот дел од активностите најавено е комплетно уредување на спортско-рекреативниот комплекс. Градоначалникот Гоцевски најави дека со поставувањето на скејт-паркот не завршуваат обврските за уредување на просторот.
Тој додаде дека веќе се поставени канделабри за осветлување, а во следната фаза е предвидено целосно оградување на просторот и поставување дополнителна опрема.
-Работите предвидуваат и заштита и уредување на коритото на Брегалница. Во пакет со овој проект се гради и кејот на реката Брегалница во должина од 300 метри возводно, со што се спречува ризикот од поплави и се формира естетска и функционална целина со спортскиот центар – подвлече Гоцевски.
Тој Гоцевски најави и реконструкција на спортската сала во близина на Градскиот стадион, која, според најавите, треба да започне до крајот на неделата. Заедно со стадионот, базенот и тениските игралишта, новите инвестиции треба дополнително да ги подобрат условите за спорт и рекреација во Делчево.
Свеченоста заврши со симболично сечење на црвената лента, по што младите скејтери ја демонстрираа функционалноста на новите патеки и реквизити.
Извор/фото МИА








