Николоски: Тунелот кај Пресека на автопатот Охрид-Кичево е речиси завршен, за скоро го пуштиме во употреба

Финеси се работат на завршување на тунелот кај Пресека на автопатот Охрид-Кичево и во следните неколку недели ќе го пуштиме во употреба и целата таа делница од Извор до Врбјани со галериите, истакна вечерва заменик – претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју на МТВ.

-Таму одлично оди работата, сега одиме на фини работи, еве во среда ќе одиме со директорот Коце Трајановски на терен да видиме. Значи сме стигнати буквално до фарбање на тунелот, до поставување на осветлување во тунелот. Значи оние најситни, најфини работи, штом сме стигнале до таму, значи дека е одлично напреднато. Кога ќе се заврши целиот проект, треба да се дадат две дозволи. Едната е од Министерството за транспорт, втората е од Министерството за внатрешни работи. Никој нема да си дозволи да потпише каков било документ доколку сите стандарди не се исполнети- рече Николоски.

Тој во интервјуто потенцира дека ќе остане за изградба најтешката делница кај Ботун, а целиот автопат да биде завршен во предвидениот рок.

-Останува најтешкиот дел на автопатот, знам дека многумина се зачудени зошто е тоа така, тоа е кај селото Ботун, по течението на реката Сатеска. Се избрало како што се избрало решение, таму целата земја е графитна, тоа е црна земја којашто при најмал допир со вода станува кашеста, не можете да ја стабилизирате и затоа решивме да одиме со решение коешто го понуди Синохидро, коешто е најмодерно решение кадешто се внесуваат армиран бетон челични столбови кои што одат по 20 до 28 метри во земјата и на тој начин се стабилизира земјата. Има 156 такви решенија има, веќе ги презентиравме во јавност и очекувам во рокот да бидат завршени- додаде Николоски.

Повеќе од истиот автор

Најчитано