ЧИКАГО: ПРИЈАТЕЛСТВО ШТО ПРЕРАСНА ВО ИНОВАЦИЈА

- пишува: Жарко Димитриоски, Партнер и креативен директор во BDG, член на Управен одбор на СКСМ

ПАТУВАЊАТА − МОЌНА АЛАТКА ВО БИЗНИСОТ

Пред 3-4 години, во амфитеатар на Kellogg School of Management во Чикаго. Предавачот се викаше Birju Shah. Човек со огромно искуство во овие нови светови на машинско учење и вештачка интелигенција (МУ/ВИ), меѓу другото и како прв човек во одделот за МУ/ВИ во гигантот Uber – еден од оние кои ги граделе алгоритмите што одлучуваат кој возач ќе те превземе, по кој пат, за колку минути итн.

Генерално речиси сите часови со сите професори завршуваат со аплауз, по некој добар збор и заминување. Наместо тоа, останавме да разговараме. Потоа се сретнавме уште еднаш. Потоа, веќе не зборувавме за студиите на случај од предметот, туку за тоа како може да се најдеме во некои заеднички интереси тогаш поврзани со негов старт ап кој се бавеше со спој меѓу земјоделие и вештачка интелигенција и она што јас го носев на масата, капацитетот на мојата маркетинг агенција.

Тука сакам да посветам внимание на нешто што многумина од овој регон, како луѓе кои доаѓаат од мали пазар, несвесно го носат со себе.

Конкретно во ситуацијава, на Kellogg, зборував со луѓе кои раководеле тимови во Uber, Google, MIT, глобални CEO-а, со Мајкл Роџерс побогу, адмирал со 4 ѕвезди во морнарицата на САД и 4 години директор на NSA (National Security Agency). Очекуваш да бидеш два три чекори позади. Очекуваш дека можеби и ќе немаш што да кажеш.

Да не се разбереме погрешно, и те како има ситуации кога е подобро да слушаш и само да останеш на слушање, но се надевам ќе се сложите дека во огромен број случаи ситуацијата е обратна. Излегуваме од состанокот со сосема поинаков заклучок. Во суштинското знаење, во начинот на размислување, во способноста да се постави точното прашање – не се разликуваме. Разликата не ни е во главите, туку во ресурсите, во бројот на нули на крајот на буџетот.

Адмирал Мајкл С. Роџерс, поранешен директор на NSA

Малиот пазар нѐ учи на фокус, брзина, она што го викаат out of the box размислување и прагматизам. Работење и создавање со ограничени ресурси е магија на некој начин, не е недостаток. Да го имаш тој тренинг низ кој голем дел од светот никогаш не поминал е вистинска алхемија за многу западни мозоци.
Назад на моето пријателство со професорот Birju, истото остана живо низ годините. Разговори за производи, за AI, за тоа каде оди светот и неколку проекти каде директно работеше мојата BDG агенција (bdg-agency.com). Токму преку него влегов во контакт со уште еден исклучителен ум – Rene Reinsberg, основач и извршен директор на Self Labs, компанија од Силициумската долина во Сан Франциско. Она што го градат Self Labs ќе биде дефинирачка инфраструктура на веков: суверена вештачка интелигенција. Денес моделите на кои се потпираат стотици милиони луѓе се градени надвор, тренирани на туѓи податоци, усогласени со туѓи вредности, со копче кое вклучува и исклучува некаде таму, наши се само податоците кои своеволно ги продаваме за беспари. За земја како нашата, чиј јазик е меѓу најслабо застапените во глобалните AI системи, ова не е технички детал, туку прашање на идентитет, развој, опстојување.
Затоа оваа година BDG влезе во стратешко партнерство токму со Self Labs, да донесеме суверена AI на Балканот. Работиме меѓудругото на концепт наречен Universal Basic Compute каде што секој граѓанин добива основна количина на AI капацитет, своевиден AI „џепарац“. Онака како што универзалниот основен доход би дистрибуирал пари, ова дистрибуира продуктивна способност.

Групата со која заедно бевме на реализација на програмата за развој на – Kellogg School of Management – Executive Development Program

До ништо од ова немаше да дојде да не беа разговорите и подоцнежното партнерство и почит со Birju во Чикаго, да не беше самодовербата да се релаксираш и да бидеш свој, да веруваш во сопственото искуство и знаење. Навистина е убаво чувството да знаеш дека автентичноста ти донела прогрес и ти отклучила некое ниво кое можеби 5, 10 години пред тоа ти изгледале недостижни.

Сфаќајќи дека не си ништо полош, ти отклучува нова лига. Но, да се натпреваруваш и победуваш во таа лига е секако потешко од тоа да успееш во онаа во која си стигнал до врвот претходно. Сепак, така се расте и само така може одново и одново да почувствуваш глад што повторно ќе го заврти тркалото на иновацијата и растот, на претприемачкиот немир кој не ти дозволува да останеш во место. А нема подобра иницијална каписла за ваквите текови од патување надвор од границите на сопствениот пазар и отворање на умот, амбициите, соништата.


пишува: Жарко Димитриоски, Партнер и креативен директор во BDG, член на Управен одбор на СКСМ
Економија и бизнис, 15 септември 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано