Бизнис

Митевски: Потребно е вложување и во сите останати типови на обновлива енергија како ветерници и биомаса

Групација на обновливи извори на енергија

Сашо Митевски, управител на „ХИДРО ЕНЕРЏИ ГРОУП“
Економија и бизнис, печатено издание, март 2023г.

Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?

Најпрво, од име на компанијата „Хидро енерџи гроуп“ и од мое лично име, се заблагодарувам на поканата за учество во промоцијата на Групацијата на обновливи извори на енергија.
Kомпанијата „Хидро енерџи гроуп“ е основана од домашен капитал во 2010 година и по одѕив на јавен повик од надлежното министерство при Владата на Р Македонија за доделување на концесии за изградба и експлоатација на електроенергетски објекти од типот на мали хидроелектрани. Како еден од најповолните понудувачи има склучено три концесиски договори. Инвестицијата во електроенергетските објекти е исклучиво од домашен капитал, а веднаш по изградбата, на почетокот на 2014 година, компанијата започнува со континуирано производство на електрична енергија од 4 MW вкупна инсталирана моќност, која во целост се предава на електропреносниот систем на Р Македонија. Компанијата брои пет редовно вработени, како и неколку надворешни фирми соработници кои се вклучени во процесите на редовно одржување и континуирано работење на енергетските капацитети. Компанијата е член на Групацијата на обновливи извори на енергија од моментот на нејзиното формирање.
Во сите изминати години, просечната вкупна годишна количина на произведена електрична енергија од трите електроенергетски постројки е околу 12 GWh годишно, што претставува скромен, но драгоцен придонес во домашното производство. Притоа овие постројки во целост ги исполнуваат очекувањата во однос на проектираниот план изработен врз основа на зададената хидрологија. Со оглед на фактот што берзанската цена на електричната енергија на слободниот пазар во изминатава година забележа драстичен пораст, откупната загарантирана цена на производство од секторот мали хидроелектрани, дефинирана од Регулаторната комисија за енергетика на РС Македонија, останува непроменета и засега во просек пониска од берзанската. Ова значи дека нашиот сектор, со секој домашно произведен и неувезен киловат час електрична енергија, претставува заштеда во електроенергетскиот систем, пред сè од разликата во цена. Континуираното 24-часовно производство добиено од малите хидроелектрани, со благите варијации во текот на денот во однос на текот на ноќта, така и во текот на временските сезони, преку целата година обезбедува мало влијание врз стабилноста во електропреносната мрежа. За разлика од малите хидроелектрани, на пример: фотоволтаичните електрани, на чија експанзија од инсталирани капацитети во моментов сме сведоци, кои даваат значајно поголема количина на производство која е максимална во текот на сончевите часови во текот на денот, а преку ноќта е еднакво на нула, создаваат нови предизвици во влијанието врз стабилноста на електросистемот, како и во делот од потребата за складирање на произведената електрична енергија.
Секако, за обезбедување на постабилна електроенергетска иднина, која евидентно ќе ја намали потребата од увоз, освен понатамошно вложување во енергетски објекти за користење на хидропотенцијали, потребно е вложување и во сите останати типови на обновлива енергија како ветерници и биомаса.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано