Економија
Светскиот туризам очекува рекорден промет, најуспешна е една земја од Европа
29.09.2025
Светскиот совет за патувања и туризам во 2025 очекува во туристичкиот сектор да се генерираат 2,1 трилиони американски долари на глобално ниво, надминувајќи го рекордот од 1,9 трилиони долари од 2019 година, се вели во извештајот од 25-от глобален самит на советот во Рим, на кој учествуваа повеќе од 200 извршни директори и претседатели на водечките компании за патувања и туризам од целиот свет..
Во извештајот се посочува дека глобалните патувања и туризам продолжуваат да растат. Европа останува срцето на овој раст, а најуспешна е Италија, која, според податоците на WTTC, во секторот за патувања и туризам во 2024 година достигна приход од 248,3 милијарди долари, главно поради силната потрошувачка на меѓународните посетители и растот на конгресната индустрија.
Германија преку туризмот,најмногу придонесе во Европа кон својот БДП со 525 милијарди долари, што ја прави трет најмоќен пазар за патувања и туризам во светот. По неа следува Велика Британија со придонес од 367 милијарди долари во нејзината економија.
Франција, како најпосетувана дестинација во светот, оствари повеќе од 289 милијарди долари приходи од патувања и туризам во 2024 година, а Шпанија, како втора најпосетувана земја во светот е со 270 милијарди долари.
САД остануваат најмоќниот пазар за патувања и туризам во светот, придонесувајќи со 2,6 трилиони долари во својот БДП во 2024 година.
Предвидувањата за 2025 година се дека трошењето на меѓународните посетители на САД ќе се намали за околу 12,5 милијарди долари. Кина е втор по големина пазар за патувања и туризам во светот, придонесувајќи во својата економија со 1,64 трилиони долари во 2024 година, додека се предвидува дека ќе порасне за 22,7 проценти во 2025 година.
Јапонија е на петтото место меѓу светските сектори за патувања и туризам со 310,5 милијарди долари во 2024 година, а чиј раст се предвидува да продолжи и во 2025 година, на околу 325 милијарди долари.
Фото Економија и бизнис