Бизнис
Чочороски: Да се работи во туризам и угостителство, особено денес, е навистина многу тешко, непредвидливо, неизвесно
Здружение на угостителството и туризмот
Д-р Тошо Чочороски, управител на ДУТ ,,ХОТЕЛ СИЛЕКС” ДООЕЛ Кратово
Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2023г.
Како ја оценувате тековната состојба во вашиот сектор? Каде е во тие рамки вашата компанија и што носи иднината?
Да се работи во туризам и угостителство, особено денес, е навистина многу тешко, непредвидливо, неизвесно. Да, секако дека е многу благородно, но тоа само во нормални услови. Нашиот сектор последниве години постојано е исправен пред големи предизвици, но во исто време исполнет со силна желба, волја и енергија за опстанок и успех. Корона кризата ја уништи нашата дејност тогаш кога беше во истиот раст и развој. Нејзините последици сè уште се свежи и имаат силно негативно влијание на резултатите од работата во угостителско-туристичкиот сектор во континуитет еве веќе три години наназад. Туристичката сезона во изминатава 2022 година ни донесе оптимизам дека состојбите во туризмот почнуваат да се нормализираат и ни најави следна уште поуспешна сезона (2023 година). Но, крајот на годината пред туризмот и угостителството исправи нов предизвик − енергетска криза која има уште посилно влијание врз нашата работа, а ефектите од таквото влијание допрва ќе се чувствуваат. Паралелно со претходниве предизвици кои ја отсликуваат моменталната тековна состојба во нашиов сектор, се надоврзува уште еден предизвик − сериозна закана, за мене најзагрижувачка: недостаток на квалификуван кадар за работа во угостителство и туризам на сите нивоа од организациската структура кој, за жал, уште повеќе ќе се продлабочува. Овие реални предизвици и закани ја отсликуваат едната страна на моменталната состојба во нашава дејност, додека другата страна е поубавата. Токму на таа страна се барањата за резервации за оваа сезона на гости од странство како дел од балканските тури кои беа во застој поради пандемијата, склучени договори со традиционалните туроператори од Холандија и Полска за гости од овие пазари, зголемен број на резервации за летната туристичка сезона за гости од Србија кои, за среќа, сè помасовно се враќаат на охридско-струшкото крајбрежје. Како ќе успееме да ги изменаџираме овие две страни не можеме да предвидиме, ниту можеме да изготвиме стабилен бизнис-план по кој би се воделе, неизвесноста е голема и секојдневна, но наша обврска е максимално, посветено и навремено да менаџираме согласно моменталната ситуација во интерес на бизнисот и на развојот на компаниите.