Интервјуа

Чапаровска - Јовановска: Банката продолжува да биде лидер на пазарот во делот на банкарство на мало

Милица Чапаровска - Јовановска, генерален директор за банкарство на мало, Стопанска банка А.Д. - Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.

Како го оценувате сегментот на банкарството на мало во земјава и местото на Стопанска банка во тој контекст?

М. Чапаровска - Јовановска: Сегментот на банкарство на мало на своевиден начин ги отсликува реалниот сектор и севкупното опкружување во економијата. Во изминативе неколку години, овој сегмент континуирано бележи раст од околу 8 % просечно годишно во делот на кредитирање на население и нешто позабавен раст во делот на депозитното работење.
Стопанска банка успева со години да ја одржи лидерската позиција на пазарот во делот на банкарството на мало со стратегија на дефиниран раст за различните сегементи во услови на изразена конкуренција и сè поголема ориентираност на банките кон населението. Покрај редовната понуда на банкарски производи и услуги за граѓаните, сè повеќе се на понуда и останатите комплементарни финансиски услуги во осигурувањето и пензиските фондови. Во желбата да се направи што поуспешна пенетрација кај граѓаните со разновидната понуда на производи, притоа прилагодувајќи ја понудата на индивидуалните потреби на клиентите, се постигна значајна финансиска писменост и информираност на граѓаните за носење на одговорни одлуки, од една страна и, секако, низ овој процес граѓаните еволуираа со поголема пребирливост и настојување за поголема иновативност и подобрено ниво на сервисирање на страната на банките.
За малите бизниси, инвестирањето во енергетски ефикасни проекти, примарно за сопствени потреби, е основен приоритет и секако побарувачката за кредити за работен капитал е неизоставна за голем дел од малите компании во функција на задоволување на потребите за ликвидност заради одржување на редовното работење и на понатамошниот раст. Конкуренцијата во овој сегмент има посебен фокус примарно поради добрата диверзификација, како и поради одличната основа за раст и повеќекратните ефекти на вкрстена продажба.

Што планирате за 2023 година?

М. Чапаровска - Јовановска: Глобалната геополитичка и економска криза продолжува да има силно влијание на локалната економија и во услови на растечка инфлација дополнително ги усложнува условите на секојдневните активности, но сепак очекуваме дека банкарската индустрија која е во добра кондиција ќе се справи со предизвиците кои претстојат во 2023 година.
Во услови на јасни сигнали на монетарната политика, банката континуирано прави ценовни прилагодување на својата понуда на страната на кредитните и депозитни производи, но секако дека временската рамка на прилагодување има забавен тек и се остава постепено да се усогласуваат разликите со цел да се избегнат радикални промени и да се дејствува во едно хармонизирано пазарно опкружување.
Во 2023 година банката ќе финализира повеќе започнати проекти во сферата на дигитализација на операциите и процесите: онлајн достапност на штедна сметка и депозитни производи, дигитализација на картички, онлајн аплицирање за кредити и нивна реализација и секако ќе продолжи со селективни понуди за поттикнување на клиентите и сеопфатна програма за наградување на нивната лојалност. Воедно банката целосно ќе ја обнови мрежата на АТМ со нови 150 уреди со дополнителни функционалности со што значајно ќе се осовремени мрежата за поддршка на готовински трансакции.


Интервју со Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управен Одбор на Стопанска банка А.Д. - Скопје

Интервју со Тони Стојановски, генерален директор за корпоративно банкарство, Стопанска банка А.Д. - Скопје

Интервју со Бојан Стојаноски, генерален директор за управување со ризици, Стопанска банка А.Д. - Скопје

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано