Интервјуа
Николетопулос: Клиентите може да очекуваат многу од банката во следниов период
Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управен Одбор на Стопанска банка А.Д. - Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022г/јануари 2023г.
Стопанска банка АД Скопје е членка на Групацијата на Нaционалната банка на Грција (НБГ). Да започнеме со вашата севкупна оценка за остварувањата на НБГ Групацијата во 2022 година. Кои се клучните остварувања што треба да се истакнат?
Д. Николетопулос: НБГ Групацијата со своето искуство од над 180 години е една од банкарските групации со најдолга традиција присутна во поширокиот регион. По надминување на исклучително тешкиот период, НБГ Групациjата целосно ги реорганизираше и ги трансформираше сите клучни области во своето работење како во делот на бизнис-линиите и целокупната соработка со клиентите, така и во делот на оперативното работење и ефикасноста. Групацијата стана предводник на дигиталната трансформација преку сеопфатна стратегија за дигитализација која придонесе за изградба на дигитална понуда со бројни функционалности, како и и едуцирани клиенти кои ќе можат ефикасно да ја користат новата платформа.
Позитивните ефекти се веќе препознатливи во сите сегменти и тие се рефлектираат преку извонредните резултати кои беа објавени неодамна. За првите 9 месеци од 2022 година, вкупната нето-профитабилност на НБГ Групацијата достигна 680 милиони евра од кои на оперативната профитабилност отпаѓаат 464 милиони евра. Квалитетот на кредитното портфолио е на одлично ниво со стапка на нефункционална изложеност од 6,1 % % и висока стапка на покриеност со резервации од 82%. Но, пред сè, е високата капитална позиција од 6 милијарди евра, како и високото ниво на ликвидност кое произлегува од 56 милијарди евра депозити од клиенти со што е обезбеден потенцијал за органски раст и одржлива профитабилност за во иднина.
Вака задоволителните перформанси на Групацијата се исто така од големо значење за Стопанска банка бидејќи силна групација може да продолжи да обезбедува ефективна поддршка на банката преку капитал, ликвидност, размена на знаење, инвестиции итн. што ни овозможува да бележиме значаен раст на задоволство на сите засегнати страни.
Во тој контекст, како ги оценувате остварувањата на Стопанска банка во 2022 година?
Д. Николетопулос: Како што е познато, Стопанска банка веќе подолг период покажува одлични остварувања и импресивни резултати, задржувајќи ги притоа стабилноста и отпорноста на шоковите кои се појавија изминативе години, во текот на кои повеќе кризни ситуации влијаеја на банкарскиот сектор и на самата банка. Успешниот модел на дејствување и управување на банката е граден со години и е предмет на постојано подобрување, што резултира со одлични резултати во работењето, вклучително и оваа година. За првите 9 месеци од 2022 година, кредитното портфолио забележа раст од 7,1 % на годишно ниво, со реализирана профитабилност пред оданочување од 37,2 милиони евра. Овие постигнувања нè прават горди и ни даваат поттик и оптимизам да продолжиме со истото успешно темпо на работење и во годините што претстојат.

Како го гледате бизнис амбиентот во земјава, како за целата економија така и за банкарскиот сектор? Дали имате било какви сугестии за носителите на политиките и регулаторите?
Д. Николетопулос: Деловното окружување во голема мерка е под влијание на бројни фактори како политичката клима, економската состојба во земјава, како и на нивото на функционирање и компетентност на институциите. Исто така, познато е дека и покрај вложените напори, како земја имаме уште многу да подобриме, посебно во сферата на јавниот живот. Сепак, сметам дека во конкретниов период треба да се фокусираме на ефективно справување со предизвиците од сериозната геополитичка и економска криза.
За жал, во изминативе години од различни причини бевме соочени со различни кризи кои оставија сериозни последици, но сметам дека сега е многу поразлично бидејќи се соочуваме со длабока глобална криза без преседан и, она што е најважно, криза за која нема решение на повидок.
Нашава економија во голема мера е поврзана и зависна од европската економија, а бидејќи Европа всушност трпи најмногу последици од кризата, негативното влијание несомнено ќе се одрази и на економијата на Република Северна Македонија. Кризата и незавидните услови ја тестираат издржливоста на државниот буџет, но и на компаниите и на граѓаните соочени со висока инфлација, растечки цени на речиси сите производи, пораст на трошоците за плати, зголемените каматни стапки и со тоа зголемени трошоците на кредитите. Поради тоа намален е расположливиот доход на домаќинствата и на компаниите, што им го отежнува редовното сервисирање на обврските од постојните кредити.
Банкарскиот сектор не може да биде изолиран од сето тоа бидејќи како централен фактор и огледало на економијата отсликува сè што се случува во реалната економија, и лошото и доброто. Најголемиот ефект се согледува во намалената ликвидност поради нултиот пораст на депозитите и потенцијалниот пораст на нефункционалните кредити како резултат на намалениот расположлив доход на клиентите. Ова е клучен предизвик за банките, со намалени извори на ликвидност да ги поддржат клиентите без да преземат ризици кои ќе го загрозат квалитетот на кредитното портфолио и капиталната позиција.
Во однос на креаторите на политиките, мислам дека во најголема мера се целосно свесни и ја согледуваат сериозноста на ситуацијата и секој од своите позиции е во можност да донесе соодветни одлуки. Главно, посебно сега поради кризата, сметам дека фокусот на креаторите на политиките треба да биде на тоа како државата да ги следи најдобрите европски практики, избегнувајќи преголема регулација на пазарот со одлуки кои можеби не се потребни ниту соодветни на конкретните услови во нашава економија.
Во случај кризата да се пролонгира, банките ќе треба да преземат дополнителни мерки за да ги поддржат и да ги заштитат клиентите, но и себеси. Банките имаат алатки и капацитет за вакви активности. Меѓутоа, ако дојде до тоа, креаторите на политиките и особено регулаторот треба да ги поддржат банките со неопходните одлуки сè со цел мерките да се имплементираат ефективно и да имаат позитивно влијание на пазарот.
Кои ќе бидат импликациите за вашиот бизнис од новата регулатива што се однесува на платниот систем?
Д. Николетопулос: Новиот закон за платни системи ги следи директивите на ЕУ и PSD2-рамката со што се создаваат услови за поблиско поврзување на земјава со ЕУ. Во овој сегмент одредбите од ЕУ-регулативата се инкорпорирани во новиот закон со што во најголема мера се регулира платниот промет кај населението, се проширува дигитализацијата и се воведува концепт на „отворено банкарство“. Со тоа се овозможува влез на нови учесници, таканаречени ТПП (third party providers).
Законот ја зголемува конкуренцијата меѓу давателите на услуги во платежните системи, ја подобрува транспарентноста на информациите и создава рамка за поврзување со други платежни системи.
Концептот на „отвореното банкарство“ можеби е малку предвремен за нашава земја ако се имаат предвид искуствата и достапните податоци за успешноста на имплементацијата, но и за нивото на користење во многу земји, кое сè уште е „претежно теоретско“. Во многу земји во Европа, банките, поради ризикот од несоодветна заштита на податоците, имаат сериозни резерви во однос на на споделувањето на овие податоци со трети страни. Станува збор за ситуација во која постојат ограничени препораки и искуства за техничките аспекти, а банките користат технички решенија за интеграција кои не секогаш се компатибилни со решенијата на надворешните даватели на услуги.

Сведоци сме на тренд на пораст кај сигнализирачката каматна стапка на тукашната централна банка. Како реагира Стопанска банка АД Скопје на овие сигнали? Дали ерата на ниски каматни стапки и евтини пари заврши и тоа на подолг период?
Д. Николетопулос: Каматната политика е една од ефикасните алатки која им стои на располагање на централните банки во водењето на монетарната и економската политика. Подолг период наназад сведоци сме на околина на ниски каматни стапки како резултат на претходната Глобална економска криза и напорите кои ги презедоа централните банки за инјектирање на повеќе пари во економиите. Но, ковид пандемијата и Украинската криза ги нарушија редовните синџири на снабдување и влијаеја на пораст на цените на основните производи и на енергентите, што резултираше со значително зголемување на инфлацијата во глобални рамки. Како резултат на тоа, а со цел да се справат со високата инфлација, централните банки драстично ги зголемија референтните стапки, а истите мерки беа преземени и од страна на нашата централна банка, што предизвика верижна реакција кај каматните стапки од понудата на банките.
Се разбира, напорите на централните банки се насочени кон справување со високата инфлација преку инструментот на каматните стапки, но по сè изгледа дека оваа мерка нема да биде доволна, пред сè, поради причините кои стојат зад високата инфлација на глобално ниво. Тука постои ризик дека, од една страна, нема да може целосно ефикасно да се дејствува на инфлацијата, а од друга страна, поради високото ниво на каматни стапки и недостиг на ликвидност, бизнис-секторот може непоправливо да биде погоден и да се соочи со сериозни последици како отпуштање на вработени, неможност за сервисирање на обврските кон банките и доставувачите, водејќи ја економијата кон рецесија со сите негативни последици.
Ова е, секако, ризик и за банките, иако на прв поглед може да се каже дека високото ниво на каматни стапки е во нивна полза. Имено, зголемените расходи на клиентите влијаат на можноста за сервисирање на нивните обврски и тоа може да предизвика нов бран на нефункционални изложености и загуби и целосно да се надмине позитивниот ефект од зголемените камати кај банките.
Од тие причини, банките во земјава, вклучително и Стопанска банка, се многу претпазливи и постепено формираат нови цени на своите кредитни и депозитни производи, обидувајќи се да ги минимизираат последиците за нивните клиенти.
Колку долго ќе трае периодот на високи каматни стапки? Никој не може да знае, се надевам дека состојбата ќе се нормализира што поскоро, каматните стапки ќе се намалат и ќе се помогне економските активности да се вратат на преткризните нивоа.
Како ги надградува Стопанска банка АД Скопје своите операции во контекст на процесот на дигитализација, итн. Уште повеќе, дали има и нови услуги што ќе ги понудите во периодот што доаѓа?
Д. Николетопулос: Дигитализацијата е процес кој непрекинато се одвива повеќе години. Меѓутоа, поради брзите промени во достапните технологии, како и нивното брзо прифаќање од клиентите, оваа тема е постојано актуелна. Се разбира, ние на нашите клиенти, на граѓаните и на компаниите им нудиме, пред сè, сигурни и безбедни дигитални решенија кои ги задоволуваат нивните најзначајни потреби. И повеќе од тоа, работиме на иновации и им нудиме нови производи и услуги со кои се прошируваат полињата за соработка и се зацврстува заедничката релација. Се приближуваме и кон заокружување на унапредувањата на целосниот бизнис-модел, што ќе ни ја подобри ефикасноста, а поголема ефикасност интерно значи подобрена услуга и позадоволни клиенти. Веруваме дека сме на вистинската патека, посебно откако во изминативе неколку години нашиот тим постојано испорачуваше помали или позначајни новитети, а во подготовка се и бројни други, што значи дека клиентите може да очекуваат многу од банката во следниов период.
Што очекувате од 2023 година? Која е вашата порака до клиентите?
Д. Николетопулос: Се чини дека 2023 година ќе биде тешка година, дури и да се изнајде разрешница на кризата, изгледа дека негативниот одраз ќе биде присутен подолго време. Многумина се загрижени дека високите цени ќе продолжат, дека сите обиди да се надмине инфлацијата нема да бидат многу успешни, дека ќе постои континуиран притисок за покачување на платите во економија која нема таков потенцијал, и овој маѓепсан круг може да трае подолго доведувајќи ги во ризик и компаниите и граѓаните.
Во врска со нашата порака до клиентите, морам да кажам дека тие ги чувствуваат од прва рака ефектите од кризата и знаат што да направат, но на овој крстопат ќе им треба нашата поддршка, дотолку повеќе. Изминативе години нè подучија да се надеваме на најдоброто, но во исто време да сме подготвени за најлошото. Сè што можам да им кажам е дека секоја криза во одреден момент ќе биде надмината, да бидат силни и истрајни, да бидат внимателни и прудентни во изборите кои ќе ги прават, но во исто време да не ги губат оптимизмот и динамичноста во наоѓање на решенија и искористување на нови можности.
Разбирам дека ова звучи многу општо и како замислување на желба, меѓутоа тоа е моето поттикнување, да ги уверам дека ги правиме сите напори и дека во рамките на дадените можности ќе продолжиме да бидеме на нивна страна, да ги поддржуваме за да можеме заедно да излеземе од оваа криза на најдобар можен начин.
Стопанска банка продолжува да биде банка од избор на клиентите поради здравите основи, силната капитална позиција и прудентните политики за управување со ризиците, со кои сме подготвени да се соочиме со глобалните и локалните предизвици и премрежја. Ќе продолжиме да еволуираме заедно во банкарство на иднината.
Разговараше: Зоран Јовановски
Интервју со Тони Стојановски, генерален директор за корпоративно банкарство, Стопанска банка А.Д. - Скопје
Интервју со Милица Чапаровска - Јовановска, генерален директор за банкарство на мало, Стопанска банка А.Д. - Скопје
Интервју со Бојан Стојаноски, генерален директор за управување со ризици, Стопанска банка А.Д. - Скопје