Lifestyle
Возач од Романија следел GPS и удрил со камион во заштитен аквадукт во Шпанија
25.10.2025
Во шпанскиот град Алхесирас се случил сериозен инцидент кога возачот на камион со романски регистарски таблички удрил и срушил еден од лакови на аквадуктот на реката Миел, познат и како Бакарни лакови, кој датира од 18 век. Несреќата се случила кога возачот, и покрај јасните сообраќајни знаци што забрануваат движење на тешки возила, се обидел да помине со својот камион меѓу лакови на аквадуктот.
Силниот удар ги изненадил локалните жители. Три локални полициски единици веднаш пристигнале на местото на настанот. Утврдено е дека возачот бил трезен и не бил под дејство на дрога.
Градоначалникот на Алхесирас, Хозе Игнасио Ландалусе, го посетил местото на настанот за лично да ја процени штетата и да ги координира првите чекори. Тој потврди дека Градскиот совет започнал административни механизми за реконструкција на оштетениот лак. Властите најавија тужба и ќе ги искористат сите законски средства за да бараат целосна отштета од романскиот возач за настанатите трошоци поради, како што наведоа, небрежно возење.
„Возачот се обидел да го вози камионот меѓу лаковите и покрај сообраќајните сигнали. Ова е неодговорност и небрежност што не може да остане неказнета“, рече градоначалникот. Наводно слепо ги следел упатствата на „џи-пи-ес“.
Ова не е прв пат споменикот да биде оштетен; сличен инцидент се случил во 1980-тите, но штетата била многу помалку сериозна. Најновиот инцидент повторно го отвори прашањето за потребата од посилни мерки за контрола и сигнализација во близина на историските споменици во Шпанија, пренесува Индекс.хр.
Фото Економија и бизнис