Интервјуа
Стојановски: Стопанска банка е подготвена да влезе во финансирање на големите енергетски проекти кои се планираат за идниот период
Тони Стојановски, генерален директор за корпоративно банкарство, Стопанска банка А.Д. - Скопје
Економија и бизнис | печатено издание | декември 2022/јануари 2023г.
Добрите познавачи на работите знаат дека вашето назначување за генерален директор за корпоративно банкарство е сигнал дека банката во тој сегмент сака да се врати на силните позиции од минатото. Што е она што ја прави понудата на Стопанска банка АД − Скопје различна во однос на другите банки?
Т. Стојановски: Банката во изминативе три години направи значајни промени во нејзиниот пристап на пазарот на корпоративното банкарство. Како резултат на тоа и наспроти силната конкуренција на банкарскиот пазар во овој сегмент, компаниите го препознаваат новиот модел на работа на банката. Привлечните услови за кредитирање, дизајнирани за секоја компанија посебно согласно нејзините потреби и карактеристики на бизнис-моделот, отворената комуникација со клиентите на дневно ниво која постојано се унапредува, високото ниво на ноу-хау, заедно со силната билансна позиција на банката, веќе резултираат со забележителни резултати. Така, во периодот од крајот на 2019 г. до ноември 2022 г., наспроти предизвиците со кои се соочивме поради ковид пандемијата, енергетската криза и глобалните неизвесности предизвикани од војната во Украина, корпоративното кредитно портфолио на банката е зголемено за 51 %, што резултираше и со раст на нејзиното пазарно учество во овој сегмент од 12,9 % на 16,2 %. Во 2020 г. беше остварен раст на корпоративното портофлио на банката од 14,3 %, во 2021 г. растот достигна 16,2 %, а оваа 2022 г. се очекува раст на портфолиото од околу 14 %. Тоа е потврда дека банката успешно ги остварува своите стратешки цели на пазарот и е цврсто поставена на патеката за зголемување на нејзиното пазарно учество во корпоративното банкарство како логичен след на нејзината големина, јачина и позиција на банкарскиот пазар во земјата.
Какви се очекувањата за 2023 година? Што ќе се случува во корпоративниот сектор и каде го гледате најголемиот простор за раст на корпоративната поддршка што ќе ја нуди банката?
Т. Стојановски: Банката продолжува со интензивна понуда и раст во делот на корпоративното кредитирање. Покрај континуираната силна поддршка во делот на финансирањето на потребите за работен капитал и нови инвестиции на постојните и новите корпоративни клиенти, во наредниов период банката ќе се насочи кон финансирање на големи инфраструктурни објекти. Имено, со експертска и финансиска поддршка од Националната банка на Грција, како доминантен акционер, Стопанска банка е подготвена да влезе во финансирање на големите енергетски проекти кои се планираат за идниот период и се од исклучително значење за енергетската стабилност и идниот економски развој на Република С. Македонија.
Интервју со Диомидис Николетопулос, генерален извршен директор и претседател на Управен Одбор на Стопанска банка А.Д. - Скопје
Интервју со Милица Чапаровска - Јовановска, генерален директор за банкарство на мало, Стопанска банка А.Д. - Скопје
Интервју со Бојан Стојаноски, генерален директор за управување со ризици, Стопанска банка А.Д. - Скопје