Бизнис

ЗА КОЛКУ ПОРАСНАЛЕ БРУТО ПЛАТИТЕ ВО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН?

Просечната бруто плата во Србија се зголемила два и пол пати во последните 15 години, но сепак не е доволна за да надмине 40 проценти од просекот во Европската Унија, покажува истражувањето на германскиот институт Аспен.

Просечната плата пред даноци и придонеси во Србија, според податоците од октомври оваа година, е точно 38 проценти од просекот на ЕУ, наведува Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии во анализа заснована на неколку европски статистички извори.

Другите пазари на Западен Балкан достигнуваат слични просеци, иако во сите нив е забележано значително зголемување на бруто заработката. Босна и Херцеговина и Црна Гора се на 36 проценти, Македонија на 33, Албанија на 25, а Косово, кое е издвоено како посебен пазар, на 21 процент од нивото на просечната бруто плата во ЕУ.

Јовановиќ наведува дека за 15 години просечните бруто плати се зголемиле тројно во Албанија, се дуплирале во Косово и во Македонија, а се зголемиле за 75 проценти во Босна и Херцеговина и 50 проценти во Црна Гора.

Кога се разгледува постигнатиот напредок во однос на вработувањето, помеѓу 2010 и 2023 година стапката на вработеност се зголемила за околу 15 процентни поени во сите економии. Сепак, разликите остануваат: Албанија, Црна Гора и Србија сега се блиску до просекот на ЕУ од околу 65 проценти, додека Босна и Херцеговина и Македонија се пониски, на околу 55 проценти.

Активноста на пазарот на трудот, исто така, се подобри, иако во помала мера и со поголеми варијации. Албанија, Црна Гора и Србија сега имаат стапки на активност помеѓу 72 и 76 проценти, што е блиску до просекот на ЕУ од 75 проценти и е зголемено од околу 60 проценти во 2010 година. Во Босна и Херцеговина и Македонија, активноста е помала и е помеѓу 60 и 65 проценти.

„Пазарите на трудот во Западен Балкан претрпеа длабоки промени во последните две децении. Невработеноста нагло се намали, додека учеството во работната сила и вработеноста се зголемија, како и платите. Сепак, остануваат големи предизвици. Учеството и вработеноста остануваат многу пониски кај жените, младите и помалку образованите, додека стапките на невработеност остануваат значително повисоки за овие групи“, се наведува во студијата, пренесува Бизнис.рс.


Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано