Тилев: Новата комуникација за проширувањето на ЕУ: нови правила, нови услови и нашите стари дилеми

пишува: Драган Тилев, aвторот е поранешен државен советник за европски прашања
Новата Комуникација за Проширувањето на ЕУ: нови правила, нови услови и нашите стари дилеми

На 6 октомври 2026 година, Европската комисија ја објави долго најавуваната Комуникацијата „Preparing for a wider Union“ (Подготвувајќи се за проширена Унија), со која подготовката на Европската Унија за идното проширување ја поставува како паралелен процес со реформите што мора да ги спроведат земјите кандидати. Пораката е сосема јасна, а тоа е дека не се подготвуваат само кандидатите за членство, туку и самата Унија за функционирање во значително поширок состав, веројатно со 30+ членки. Зад оваа навидум логична и одамна очекувана определба, на која конкретно се работеше повеќе од три години, се отвораат суштински прашања за иднината на проширувањето, распределбата на политичката моќ, финансиските обврски и условите под кои идните членки ќе бидат примени како полноправни членки.
За Македонија, Комуникацијата и придружниот Работен документ, кој е всушност детална анализа од околу 150 страници, имаат особена тежина и отвораат можности за промена на пристапниот процес, но истовремено не нудат автоматско решение за македонскиот застој во преговорите, па можеби во некои сегменти и ја заоструваат условеноста, особено во делот на признавањето на македонскиот јазик како еден од официјалните јазици на Унијата. Оттука, со право се поставува прашањето дали Унијата ќе создаде попредвидлив систем на проширување или ќе воведе нови механизми на условеност без да ги отстрани постојните политички блокади. Одговорот ќе мора сами да го бараме и да го обезбедиме во отворена дебата и дома и во Брисел. Она што на крајот ќе биде одлучено од страна на земјите членки, ќе биде обврзувачко за сите земји кандидати. Овој текст е само обид да посочам во која насока би можеле да се движиме.

Пакетот документи како предлог на Комисијата доаѓа во момент кога ние формално ги имаме започнато пристапните преговори, но сè уште не сме го отвориле официјално ниту првиот Кластер, Фундаменти. Притоа, Европската комисија предлага промени што потенцијално би можеле да влијаат врз динамиката на преговорите, додека најавените индикативни патокази за дел од кандидатите ја потврдуваат опасноста од создавање на групи земји со различни перспективи за напредување.

Веднаш да разјасниме дека Комуникацијата засега е само политички предлог-документ на Комисијата, чија практична тежина ќе зависи од поддршката и одлуките на земјите членки. Сепак, нејзиното значење никако не треба да се потцени. Таа ја поставува политичката и институционалната агенда за следната фаза на проширувањето и отвора простор за нова генерација пристапни договори. Имено, основната дилема е како да се забрза проширувањето без измена на основните договори на Унијата, што би барало исклучително сложена политичка и правна постапка, која во моментов е невозможна мисија. Комисијата се обидува да извлече максимум од постојната договорна рамка, преку пошироко користење на расположливите механизми, а воедно предлага нови заштитни одредби што би се вградувале во идните пристапни договори, преку преговорите со секоја земја поодделно. Тука се вкрстуваат политичката намера со правната реалност. Предлозите на Комисијата ќе добијат политичка тежина само доколку се преточат во заклучоци на Советот, заеднички преговарачки позиции и договорни одредби. За нас е важно каде новите решенија можат да влијаат врз постојната преговарачка рамка, дефинирана за нас во јули 2022 година.

Најзначајниот елемент во Комуникацијата за пристапниот процес, секако е предлогот Советот на ЕУ од едногласност да премине кон квалификувано мнозинство при одлучувањето за отворање преговарачки кластери и за други одлуки во меѓучекорите во текот на пристапните преговори. Тоа е потенцијално важна промена во процесот кој, во досегашната практика, остава значителен простор за политички блокади од поединечни земји членки, кои честопати го злоупотребуваат своето право на вето во услови кога одлуките се донесуваат со едногласност. Македонија тоа го почувствува на сопствената „кожа“ од неколку земји членки во изминатите над две децении од нашиот процес. Непријатното чувство, за жал, сè уште трае.
Предлогот, иако не е докрај јасен, сепак не значи дека Комуникацијата има волшебно решение за нас и дека предвидува автоматско отворање кластер(и). За епилогот од овој предлог да има позитивен исход за нас, потребни се политички договор, правно и процедурално соодветно решение и јасност за неговата примена врз веќе започнатите преговори. Имено, конечната одлука за пристапување и понатаму е предмет на член 49 од Договорот за Европската Унија, односно едногласност во Советот, согласност на Европскиот парламент и ратификација на пристапниот договор од сите договорни страни. Значи, дури и ако одлуките во текот на пристапните договори и меѓучекорите се олеснат, конечниот прием останува подложен на едногласност.

За Македонија се отвораат три поврзани прашања, и тоа: прво, дали новиот модел ќе се применува и на сите земји што веќе преговараат; второ, зависно од првото, дали неговото воведување ќе бара отворање или адаптација на постојната македонска преговарачка рамка; и трето, како ќе се усогласи процесот со специфичностите на нашата рамка во однос на оние на Црна Гора и Србија, особено во поглед на корективните мерки и механизмите за суспензија?

Во секој случај, Македонија мора активно да се вклучи во европската дебата со аргументирана позиција. Ако Унијата сака да го намали ризикот од билатерални блокади, тогаш мора да покаже како тој принцип ќе функционира во пракса, без да се доведе во прашање исполнувањето на суштинските критериуми за членство.

Притоа не смее да изумиме дека ниту една промена на начинот на одлучување не ја намалува важноста на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата, демократските институции и основните права. Напредокот во овие области го определува темпото на преговорите. Дури и ако се создаде поповолна политичка и процедурална рамка, земјата ќе мора да демонстрира одржливи резултати. Формалното усогласување со европското законодавство не е доволно ако не е проследено со ефективна примена, независни институции и доверба на граѓаните во правосудниот систем. Комуникацијата дополнително ја поврзува реформската успешност со финансиската поддршка, но сепак, според мене, една од нејзините слабости е и фактот дека не е дадена појасна врска помеѓу потребата од економска конвергенција и финансиската поддршка, односно подлабоко вклучување на кандидатите во механизмите на Европскиот семестар. Тоа би овозможило структурните реформи, економското управување и владеењето на правото да се следат во нераскинлива низа.

Една од најнеповолните политички пораки за Македонија е тоа што во Комуникацијата се најавуваат индикативни патокази за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, доколку го задржат реформскиот напредок, додека Македонија не е вклучена во оваа група. Патоказите треба да ги дефинираат приоритетите, редоследот на следните чекори, мониторингот и динамиката на известувањето, и притоа да создадат појасна политичка и административна траекторија за земјите што ќе ги добијат истите. Тоа не значи дека Македонија е исклучена од процесот на проширување, но политичките сигнали треба да се третираат како сигнализација на патот која го регулира правецот на движење, вклучително и динамиката. Лично сметам дека како земја што одамна ја има потврдено својата стратешка ориентација кон ЕУ, што помина низ долг процес на реформи и направи огромни политички компромиси, оставањето надвор од групата кандидати што добиваат појасна перспектива за напредок и членство е голема грешка на Европската комисија. Да не заборавиме, ние сме земја кандидат од 2005 година која има сè уште важечки документ т.н. Пристапно партнерство (Accession partnership), уште од далечната 2006/2008 година. За оние што се помлади, тоа е многу сличен документ како најавените патокази, кој тогаш го имавме само ние и Хрватска!

Понатаму во Комуникацијата Европската комисија предлага поширока и посистематска постепена интеграција (gradual integration) на земјите кандидати во политиките, програмите, агенциите и структурите на Унијата, што значи можности за учество во единствениот пазар, истражувањето и иновациите, образованието, дигиталната и енергетската поврзаност, транспортот, безбедноста и други области, пред полноправно членство. За нас ова не е целосно нов концепт, бидејќи овој пристап се користеше и преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Планот за раст за Западен Балкан, Реформската агенда и учество во програмите и агенциите на Унијата, уште од 2001/2003 година наваму. Новината е само во обидот овие можности да се поврзат во покохерентна рамка, со годишни дијалози, конкретни услови и попредвидлив пристап. Имено, постепената интеграција, заснована врз заслуги, условена со подготвеноста во конкретната област, но исто така и со можност да биде суспендирана или повлечена ако условите не се исполнуваат, само го дополнува пристапниот процес, но не го заменува полноправното членство. Комуникацијата предвидува годишни дијалози за постепена интеграција, според моето разбирање, достапни за сите кандидати што остваруваат напредок, а не само за оние кои ќе добијат патокази, бидејќи во спротивно, постои сериозен ризик од дополнително продлабочување на разликите меѓу земјите кандидати.

Можеби најдалекусежниот дел од Комуникацијата се предлозите за нови заштитни механизми во идните пристапни договори. Тие опфаќаат секторски клаузули, мониторинг пред пристапувањето и по него, можност за целни мерки во случај на сериозно назадување, па дури и предлог за привремена институционална заштита што во особено сериозни случаи би можела да опфати суспензија на правото на глас во Советот. Логиката на Комисијата е разбирлива, односно Унијата сака да го намали ризикот од сериозно назадување во демократијата, владеењето на правото и основните права по приемот на нова членка. Но, од аспект на идните членки, се отвора прашањето дали проширувањето ќе создаде членство со различни нивоа на права, обврски и институционално учество, или Унија во циклични кругови, или Унија на повеќе нивоа?

За нас од круцијална важност е чувствителноста на предлогот, билатералните прашања што не се поврзани со критериумите за пристапување да се решаваат преку соодветни билатерални или меѓународни механизми и да не бидат дел од пристапните преговори и предуслови. Имено, Комисијата ја наведува можноста идната членка, за ограничен период, да преземе обврска да не се спротивставува на одредени одлуки, односно да не го користи правото на вето за идни проширувања што се однесуваат на билатерални спорови. Ова е особено чувствително за Македонија, која од сопственото искуство знае колку билатералните прашања можат да влијаат врз динамиката на европската интеграција. За жал, предложениот механизам е насочен само кон идните членки и не создава автоматска обврска за постојните земји членки, ниту дава подлога сегашните билатерални спорови да бидат едноставно отстранети од пристапниот процес.

Од наша страна ова е можеби моментот кога треба да сториме сè и да инсистираме на јасна разлика меѓу критериумите за членство и прашањата што по својата природа треба да се решаваат преку билатерални или меѓународни механизми. Без таква дистинкција, принципот на заслуги ризикува да биде потиснат од политичката моќ на поединечни членки. За нас ова не е само правно прашање, туку прашање на предвидливост, еднаков третман и заштита на легитимните национални интереси.

Дополнително, за нас за првпат, Комуникацијата се осврнува на поглавјата 34 – Институции и 35 – Други прашања, кои не се дел од нашата Преговарачка рамка, со што тие добиваат посебна важност и за нас и за самиот пристапен процес. Тие отвораат прашања за институционалното учество, договорните услови и признавањето на официјалните јазици на Унијата. Во однос на македонскиот јазик, особено е важно навреме да се разјаснат процедурата и правилата за донесување одлука за неговиот статус како официјален јазик на ЕУ. Тоа не смее да се остави за последната фаза на преговорите, без претходна правна и политичка подготовка. Работниот документ (придружен кон Комуникацијата) има подетален осврт, но со неповолна и сериозно опасна конотација за нашиот случај и непризнавањето на нашиот официјален јазик од страна на Бугарија.

Предлог-комуникацијата и придружниот пакет документи не го решаваат македонскиот застој во процесот, но сепак отвораат простор за нова аргументирана дебата за начинот на кој ќе се водат пристапните преговори. За Македонија, најважно е да не остане само набљудувач на процесот во кој се дефинираат правилата на идното проширување. Притоа сметам дека се потребни: прво, проактивна европска дипломатија за разјаснување на можноста за примена на квалификувано мнозинство; второ, забрзување на суштинските реформи со мерливи резултати во владеењето на правото и институционалната одговорност; и трето, навремено учество во дебатата за постепената интеграција, идните пристапни договори, заштитните механизми и статусот на македонскиот јазик.

На крајот, вистинското прашање не е дали Европската Унија се подготвува за проширување – Комуникацијата е потврда за тоа. Прашањето е дали таа подготовка ќе доведе до појасни правила, поголема предвидливост и реални можности за напредување на сите кандидати што ги исполнуваат условите. Новата европска дебата отворена со овој пакет документи на Комисијата е можност. Дали Македонија ќе ја претвори можноста во реален исчекор кон членството ќе зависи од тоа дали ќе настапи со јасна стратегија, правно издржани предлози и доследна реформска политика, наместо повторно да чека другите да одлучат за нејзината европска иднина.


пишува: Драган Тилев, aвторот е поранешен државен советник за европски прашања
Економија и бизнис, 01 ноември 2026г.

Најчитано