Додека Германија со години се бори со економска стагнација, нејзиниот источен сосед Полска доживува силен раст и сè повеќе се етаблира како една од најуспешните европски економии.
Земјата, која со децении се сметаше за посиромашен дел од Европа, денес привлекува германски инвеститори, компании, но и работници кои сè повеќе одлучуваат да ја напуштат Германија и да се преселат преку границата.
Како Полска успеа да направи таков економски пробив и што може Германија да научи од него? На ова прашање се осврна германскиот јавен сервис ARD.
Додека германската економија беше во рецесија во 2024 година, Полска постигна раст од три проценти. Една година подоцна, Германија забележа скромни 0,2 проценти, а Полска дури 3,6 проценти.
„Полска е најбрзорастечката економија во Европа веќе 40 години“, изјави за ARD Марчин Пионковски, економист од Универзитетот Козмински во Варшава, кој ја нарекува својата земја нов европски шампион во економскиот раст.
Колку се промениле економските односи меѓу двете земји, покажува фактот дека во Полска работат околу 6.000 германски компании, кои таму инвестирале приближно 50 милијарди евра.
Директорите на германските компании ја нагласуваат брзината на администрацијата како една од најголемите предности на работењето во Полска. За изградба на нов магацин или проширување на производството постапката треба да трае од една до една и пол година, наместо да се чекаат дозволи три години.
Во исто време, пониските плати повеќе не се одлучувачки. Инвеститорите се привлечени од квалитетот на работната сила и мотивацијата на вработените. Просечниот приход по жител во Полска е речиси четирикратно зголемен од 1990 година, додека во Германија е зголемен за приближно половина. Полјаците статистички работат до 600 часа годишно повеќе од Германците.
Конкурентноста на Полска се потпира и на даночни олеснувања. Вработените под 26 години не плаќаат данок на доход до годишен износ од приближно 20.000 евра. Таквата политика е една од причините зошто Полска денес има една од трите најниски стапки на невработеност во Европската Унија.
Владата, исто така, разгледува дополнителни даночни олеснувања за семејствата со најмалку две деца. Според предлогот, семејниот приход би можел да биде ослободен од данок до приближно 65.000 евра годишно, под услов двајцата родители да работат и да заработуваат подеднакво.
Помош постојат и на пазарот на недвижности. Купувачите на прв дом се ослободени од данок на пренос на имот, што им олеснува на младите семејства да го купат својот прв дом.
Економските разлики се повеќе се одразуваат во миграцијата. Во текот на 2024 година, речиси 91.000 луѓе се преселиле од Германија во Полска, додека околу 82.000 отишле во спротивна насока. Германија, според тоа, забележа нето загуба од приближно 9.000 луѓе во миграциската размена со Полска.
Полска, исто така, направи голем чекор напред во дигитализацијата на јавната администрација. Преку државната апликација, граѓаните можат да извршуваат голем број задачи, од дигитална идентификација во банки и нотари до основање компании и отворање сметки.
Ларс Гутај, директор на Германско-полската индустриска и трговска комора во Варшава, проценува дека Полска е најмалку десет години пред Германија во дигитализацијата на јавната администрација. Повеќето административни процедури можат да се завршат целосно дигитално.
Сообраќајната инфраструктура исто така брзо се развива. Во последните две децении, Полска ја прошири мрежата на експресни патишта за повеќе од 4.000 километри.
Успехот на Полска затоа се темели на комбинација од инвестиции, даночни олеснувања, дигитализација и побрза администрација. Додека Германија се бори со високи трошоци, бирократија и слаб економски раст, нејзиниот некогаш посиромашен сосед станува сè посериозен економски конкурент, пренесува Б92.
Фото Економија и бизнис








