Што кажува за корпоративниот сектор најновиот извештај на Народна банка за финансиската стабилност?

пишува: Зоран Јовановски, авторот е економист

Европската централна банка ја дефинира финансиската стабилност како состојба во која финансискиот систем, кој вклучува финансиски посредници, пазари и пазарна инфраструктура, е способен да издржи шокови и разрешување на финансиските нерамнотежи. Тоа значи дека финансискиот систем може да ги апсорбира шоковите и загубите (институциите во рамки на финансискиот систем имаат доволно капитал и ликвидност) и може да продолжи да ги обезбедува своите основни услуги за економијата — плаќања, кредитирање, финансирање и управување со ризиците — без нарушувања што сериозно ја погодуваат економската активност (проблемите во една институција или на еден пазар не предизвикуваат верижна реакција низ целиот систем, се избегнува системска криза).

Со текот на годините финансиската стабилност стана важна цел на централните банки. Така, во Законот за Народна банка стои дека: „Основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност. Друга цел на Народната банка, која е подредена на основната цел, е да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност.“

Како израз на значењето што и’ го придаваат на финансиската стабилност централните банки започнаа да издаваат посебен извештај на таа тема. Народна банка го издаде првиот извештај во 2007 година. Го имав задоволството, како тогашен директор на Секторот за банкарска супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност, во Народна банка да го иницирам и помогнам издавањето на првиот таков извештај.

За изработка на извештај за финансиска стабилност се користат податоци од повеќе институции кои се надлежни супервизорски органи за поодделни сегменти на финансискиот сектор, како што се Министерството за финансии, МАПАС, КХВ и АСО. Заради природата на податоците, динамиката на објавување на завршните сметки и времето потребно за анализа, извештајот за финансиска стабилност на Народна банка се објавува во септември и се однесува на претходната календарска година. Таков е случајот и со најновиот извештај објавен во септември 2026 година, а се однесува на 2025 година. Иако податоците навидум можат да изгледаат застарени тие нудат вредна „рентген“ слика за состојбата, движењата и ризиците во рамки на финанскиот сектор.

Согласно податоците од извештајот, на крајот на 2025 година во финансискиот систем на земјава има 169 институции, неговата вкупната актива изнесува 20,1 милијарда евра и таа остварила годишен раст од 14,1%. Депозитните финансиски институции имаат учество од 75,7% во вкупната актива на целиот финансиски систем, додека учеството на недепозитните финансиски институции изнесува 24,3%.

Набљудувано по поодделни институции, активата на банките доминира со учество од 75,5% во вкупната актива на финансискиот систем. Потоа следат пензиските фондови (задолжителни и доброволни) со учество од 15,6%. Останатите видови институции имаат релативно помало учество во вкупната актива на финансискиот систем. Друштвата за осигурување имаат збирно учество од 3,4%, инвестициските фондови од 2,4%, лизинг друштвата од 1,3% и финансиските друштва од 1,2%.

Извештајот за финансиска стабилност на Народна банка изобилува со редица интересни поенти кои се групирани по сектори (домаќинства, корпоративен сектор) и по видови на институции во рамки на финансискиот систем. Во продолжение издвојуваме некои од сознанијата поврзани со корпоративниот сектор.

1 Големите компании навистина се од големо значење за корпоративниот сектор

Според бројот на субјекти во рамки на корпоративниот сектор, дури 58% од субјектите се микро субјекти, а 39% се мали субјекти. Тоа значи дека на микро и мали субјекти збирно отпаѓаат 97% од вкупниот број на субјекти. На средни субјекти отпаѓаат 2%, а на големи субјекти само 1% од субјектите во корпоративниот сектор.

Според учеството во бројот на вработени во корпоративниот сектор, микро субјектите вработуваат 10% од вкупниот број вработени, малите субјекти 42%, средните субјекти 17%, а големите субјекти 31%.
Според учеството во вкупната актива на корпоративниот сектор, збирното учество на микро субјектите е 5%, на малите субјекти е 25%, на средните субјекти е 19%, а на големите субјекти цели 50%.
Ова значи дека иако големите субјекти се само еден процент од вкупниот број на корпоративниот сектор, тие имаат половина од активата на секторот и вработуваат речиси третина од сите вработени во секторот.

2 Нето профитната маргина со невоедначена големина помеѓу дејностите

Нето профитната маргина на ниво на целиот корпоративен сектор е 5,4%.

Дејности со највисока нето профитна маргина се градежништвото (13,7%), дејности во врска со недвижен имот, стручни и други услуги (12,6%) и дејноста информации и комуникации (11%).

Во средната зона се дејноста објекти за сместување и сервисни дејности со храна (5,7%) и дејноста транспорт и складирање (5,5%).

Најниска нето профитна маргина имаат дејноста земјоделство, шумарство и рибарство (1,1%), индустријата (3,6%) и трговијата на големо и мало (4,1%).

3 Стапка на поврат на сопствениот капитал според големината на субјектите и дејноста

Стапката на поврат на сопствениот капитал на ниво на целиот корпоративен сектор е 8,9%.

Од аспект на големината на субјектите, најголема стапка на поврат имаат малите субјекти (11,1%), потоа следат средните (10,8%) и големите субјекти (8,1%). Микро субјектите имаат негативна стаока на поврат на сопствениот капитал (-5,9%).

Набљудувано според поодделните дејности, највисока стапка на поврат на сопствениот капитал има дејноста информации и комуникации (17,3%). Потоа следат градежништвото (10,3%) и дејноста трговија, транспорт и угостителство (9,6%). Индустријата има стапка на поврат на сопствениот капитал од 7,4%, а дејностите во врска со недвижен имот, стручни и други дејности стапка од 5,4%. Убедливо најниска стапка на поврат на сопствениот капитал има дејноста земјоделие, шумарство и рибарство од само 0,4%.

4 Задолженоста на корпоративниот сектор придружена од валутен и ризик од каматни стапки

Согласно дефиницијата на Народна банка во Извештајот за финансискта стабилност, вкупниот долг на корпоративниот сектор ги вклучува обврските кон банките врз основа на кредити, камати и други побарувања, износот на регулаторно отпишаниот долг, обврските кон нерезидентите, кон финансиските друштва и кон друштвата за лизинг.

Учеството на долгот на корпоративниот сектор во БДП во 2025 година е 67,7%. Тоа е под нивото од 85%, утврдено од страна на Европската комисија како праг на ранливост за долгот на корпоративниот сектор. Дополнително, поволно влијаат уште две сознанија. Најголем дел од долгот (62,4%) отпаѓа на долгорочна задолженост. Повеќе од половина (55,2%) од вкупниот надворешен долг на корпоративниот сектор отпаѓа на „внатрешно“ задолжување помеѓу поврзани субјекти во рамки на поголема компанија. Сепак, она што бара внимание и внимателност се валутниот и каматниот ризик.

Од аспект на валутната структура, нешто повеќе од две третини (68,1%) од долгот на корпоративниот сектор има валутна компонента. Најголем дел (81,1%) од ваквиот долг е долг кон странство. Валута со доминантна улога во структурата на долгот со валутна компонента има еврото. Она што бара посебно внимание е тоа што обврските на корпоративниот сектор со валутна компонента се покриени помалку од половина (44,7%) со средства со валутна компонента.

Во поглед на ризикот од каматни стапки, 42,7% од вкупниот долг на корпоративниот сектор е со променлива и прилагодлива каматна стапка. Притоа, кај надворешниот долг 31,7% од долгот е со променлива каматна стапка со оглед на тоа што 51,5% од долгот е со фиксна каматна стапка, а 16,8% е бескаматен долг.

Наспроти тоа, 55,3% од долгот на корпоративниот сектор кон домашните банки е со променлива или прилагодлива камата. Во услови на неизвесен развој на настаните во глобалната економија, со особен акцент на цените на енергенсите и опасноста од нивно прелевање во македонската економија, а следствено на тие и можно натамошно затегање на монетарната политика од страна на Народна банка и зголемување на каматните стапки, постои опасност корпоративниот сектор да се соочи со материјализација на ризикот од каматни стапки, односно со повисоки обврски за отплата на кредитите.


пишува: Зоран Јовановски, авторот е економист
Економија и бизнис, 15 октомври 2026

Најчитано