35 години подоцна: каде се другите, каде сме ние?

пишува: Зоран Јовановски, aвторот е економист
35 години подоцна: каде се другите, каде сме ние?

8 Септември е прекрасен датум во македонската историја – годинава славиме 35 години независност! Ваквите јубилеи се многу убав повод за прослава, но и одлична можност да се погледне кон минатото и да се даде оценка за тоа што е (или не е) постигнато во целиот овој период. Притоа, добро е да видиме не само изолирано што се случуваше само со македонската економија и до каде стигна таа, туку и како се движеше таа во однос на економиите на останатите независни држави што произлегоа по распадот на поранешна Југославија. Зошто е тоа релевантно? Затоа што сите живеевме во истиот општествено-економски систем и важно е да се види до каде стигнаа другите.

За да се обезбеди објективност при градењето на оценки за оствареното од страна на македонската и другите економии од поранешна Југославија неопходно е да се примени соодветен методолошки пристап. Така, за потребите на овој текст се користени разновидни селектирани податоци (економски, социјални и институционални) со цел да се состави мозаик од различни аспекти на текот на настаните. Станува збор за јавно достапни податоци од респектабилни меѓународни институции како што се Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Меѓународната организација на трудот, ООН, УНДП. За секој податок користен е еден извор што според утврдена иста методологија дава временска серија на податоци за сите анализирани земји (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово). Доколку за некоја земја за некој период нема податок во конкретната временска серија на податоци, таа празнина не е пополнета со податок од друг извор. Значи, за секој податок се користи само еден извор и една иста методологија што ги опфаќа сите 7 анализирани земји. На тој начин е обезбедена неопходната споредливост на податоците за анализираните земји.

Во текот на анализираниот период поодделни земји поминаа низ специфични случувања. Хрватска, БиХ и Србија беа дел од воени конфликти, Србија беше под меѓународни економски санкции, Македонија се соочи со затворена клучна трговска граница (границата кон Грција), итн. Овие различни историски околности мора да се имаат предвид при толкувањето на резултатите, но целта на анализата не е да ги коригира податоците за нивното влијание, туку да покаже каде се наоѓаат економиите три и пол децении подоцна.

Раст на економијата и приближување кон просекот на ЕУ

Во изминатите три и пол децении сите земји од поранешна Југославија, во помала или поголема мера го зголемија реалниот БДП по жител, според паритетот на куповна моќ. Значи, остварен е раст. Но, споредбата со другите од групата не ја прикажува Македонија во многу позитивно светло. Почетното заостанување во однос на Словенија и Хрватска е дополнително зголемено, а Србија нè претрка. Зад нас останаа само Босна и Херцеговина, која го намали своето почетно заостанување во однос на Македонија и Косово.

Битно е да се види и дали Македонија се приближува кон ЕУ. Податоците од Графикон 2 упатуваат на недвосмислен заклучок, нејзиното приближување кон ЕУ е прилично бавно. Имено, земјава го зголеми реалниот БДП по жител, според паритет на куповна моќ, од околу 36% од просекот на ЕУ во 1991 година на околу 46% во 2025 година. Тоа е пораст за 10 процентни поени. Во истиот период Србија и Хрватска остварија пораст од по 24 процентни поени, Словенија 21 процентен поен и Црна Гора 12 процентни поени. Освен БиХ и Косово, сите други имаат повисоко ниво од просекот на ЕУ во однос на Македонија.

Продуктивност на трудот, вработеност и демографија

Продуктивноста на трудот, мерена преку БДП по вработено лице, по паритет на куповна моќ, е зголемена кај сите држави од поранешна Југославија. Повторно, споредбата на Македонија со другите не е поволна. Во набљудуваниот период Словенија и Хрватска значително ја зголемија почетната предност во однос на Македонија. Србија и БиХ, кои претходно многу заостануваа зад Македонија, со текот на времето значително го намалија заостанувањето. Македонија единствено успеа да го намали заостанувањето зад Црна Гора. Интересно е дека иако во 2025 година Србија има повисок БДП по жител од Македонија, Македонија сè уште има повисок БДП по вработен од Србија. Тоа покажува дека Македонија има повисока просечна продуктивност на вработените, но Србија ангажира поголем дел од расположливата работна сила.

Графиконот 4, со приказ на стапката на вработеност, го потврдува тоа. Стапката на вработеност во Македонија на крајот од 2025 година е 46%, што е значително под 55% во Србија. Дополнително, графиконот ја покажува високата цена што македонската економија ја плати за економската транзиција од социјализам во капитализам и затворањето на претпријатијата загубари. По осамостојувањето стапката на вработеност во Македонија има надолен тренд и во 2006 година се сведува на нивото од 33,9%. Оттогаш настанува пресврт и започнува позитивен тренд на пораст. Во целина, македонската економија ја карактеризира стапка на вработеност која е меѓу најниските 2 или 3 од набљудуваните земји.

Важен аспект во мозаикот на фактори за објаснување на економските случувања е и промената на бројот на населението. Графиконот 5 покажува дека Македонија во 2023 година (последен податок) има за околу 11% помалку жители отколку во 1991 година. Тоа претставува сериозна демографска загуба. Интересно е дека податоците покажуваат релативно помали осцилации во периодот помеѓу 1991 и 1999 година. Од 2000 година започнува тренд на пораст на бројот на населението во Македонија, но тој тренд се пренасочува во тренд на непрекинато опаѓање од 2007 година па натаму. Индикативно, 2007 година е годината кога Бугарија стана членка на ЕУ и се создаде можноста државјани на Македонија да дојдат до бугарски пасош за да можат да работат во ЕУ. Во однос на останатите земји од поранешна Југославија, пораст на населението има само во Словенија и Црна Гора, додека сите други заклучно со 2023 година имаат уште поголем пад на бројот на населението од Македонија. Следствено, движењата кај населението не можат да го објаснат релативно слабото приближување на македонската економија кон економиите на другите земји од поранешна Југославија. Погледнато кон иднината, за мала економија како што е македонската, со релативно ниска вработеност и релативно ниска продуктивност на трудот, губењето население дополнително го ограничува потенцијалот за раст.

Домашни и странски инвестиции

Многу е важно да се види дали во земјата имало задоволителна инвестициска активност. Во однос на домашниот инвестициски напор, прикажан преку уделот на бруто инвестициите во основни средства во БДП, Македонија е генерално во линија со останатите земји од поранешна Југославија. Притоа уделот се движи најчесто помеѓу 20 и 25% од БДП. По значителниот пад на инвестициите во 1990-тите години домашната инвестициска активност во Македонија заздравува и се стабилизира во понатамошниот период. Прашањето кое што се поставува е зошто при релативно слична динамика на домашно инвестирање не е постигнато позначајно приближување кон Словенија и Хрватска? Чекор понатаму, ако проблемот не е во обемот на инвестициите дали е во нивниот квалитет и способност да создаваат повисока продуктивност?

За Македонија и странските директни инвестиции (СДИ) не биле преголем проблем. Успеала да ги привлече во обем кој генерално е во линија со другите набљудувани земји. Се издвојува Србија во последната деценија со повисоки и постабилни СДИ.

Логичното прашање што се наметнува е зошто македонсата економија има толку скромно остварување кај економскиот раст и конвергенцијата во услови кога нема некое драматично заостанување кај инвестициската активност, било домашна или странска?

Надворешна трговија, биланс на плаќања, дознаки од странство

Еден заклучок поврзан со македонската економија во изминатите 35 години е недвосмислен: таа се трансформираше во високо отворена економија. Тоа е и единствената разумна патека за мала економија. Со исклучок на Словенија, извозот на стоки и услуги како процент од БДП ја позиционира Македонија пред останатите земји од поранешна Југославија. Секако, клучното прашање не е само колку Македонија извезува, туку колкава домашна додадена вредност, технологија, знаење и продуктивност создава нејзиниот извоз.

Што се однесува до салдото на тековната сметка на билансот на плаќања, како показател за екстерната одржливост на македонската економија, Македонија во најголемиот дел од периодот има дефицит на тековната сметка. Тоа укажува дека во вкупната отвореност на македонската економија уште поголема улога има увозот. Споредено со другите земји од поранешна Југославија, импресивно делуваат суфицитите на тековната сметка на билансот на плаќања на Словенија. Македонија генерално не отстапува од останатите, но се отвора прашањето за увозната зависност, структурата на извозот и домашната додадена вредност што тој ја создава.

Податоците за дознаките од странство треба да покажат колку се економиите зависни од нив. Покажуваат дека Македонија е многу помалку зависна во споредба со други земји од поранешна Југославија. На тој план предничат Косово, БиХ и Црна Гора. Важно е да се истакне дека податокот за дознаките од странство не ги вклучува сите девизни приливи поврзани со иселениците.

Макроекономска стабилност

Со исклучок на многу високата инфлација во годините по монетарното осамостојување, Македонија во изминатите децении успеа да ја одржи инфлацијата на нискo ниво. Со тоа беше исполнет еден од предусловите за остварување на побрз економски раст, но тој изостана. Во секој случај, инфлацијата, со исклучок на неколку години на почетокот и во пост-Ковид периодот, не може да се окарактеризира како проблем за македонската економија. Генерално, истиот заклучок важи и за сите други набљудувани земји.

Еден од елементите на макроекономската стабилност е и фискалното бреме на државата. Податоците за бруто долгот на општата влада како процент од БДП упатуваат на слабост на македонската економија. Имено, нивото на бруто долгот на општата влада се зголеми од 20% во 2008 година на 52% во 2025 година. Во вакви околности, клучното прашање што се наметнува не е големината на долгот туку колкав раст и развој на економијата е произведен со задолжувањето? Во пост-Ковид периодот Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора успеаја да го намалат учеството на долгот во БДП, што не е случај со Македонија.

Неизбежен елемент во мозаикот е и фискалното салдо на општата влада како процент од БДП. Од глобалната финансиска криза наваму, фискалниот дефицит станува речиси трајна карактеристика на македонската економија. Пандемијата само привремено го продлабочи трендот што започна многу порано. Во пост-пандемискиот период, другите земји од поранешна Југославија успеаја многу повеќе да го консолидираат фискалното салдо. На Македонија и’ оди побавно и потешко. Таа акумулира дефицити и во релативно нормални години.

Човечки развој, вложувања во истражување и развој

Македонија оствари апсолутен напредок во човековиот развој, мерено преку Индексот на човеков развој на ООН. Вредноста на Индексот се зголеми од околу 0,65 на почетокот на независноста на нешто над 0,81 во 2023 година. Но, споредбата со останатите земји од поранешна Југославија дава неповолна слика. Македонија остана во долниот дел од групата, далеку зад Словенија и Хрватска, зад Црна Гора и Србија, а со само мала предност пред БиХ. Оттука, како и кај БДП по жител, главниот проблем не е отсуството на напредок, туку неуспехот во тоа да се приближиме кон другите или да ги претекнеме.

Кога би требало од сите прикажани графикони да изберам само еден и тој да го прикажам, тоа би бил Графиконот 15. Тој јасно ја прикажува една од најголемите структурни слабости на македонската економија во изминатите 35 години и покажува зошто не фаќаме приклучок со другите. Вложувањата во истражување и развој се движеле во распон од 0,2 до 0,5% од БДП. Во 2023 година Словенија вложува речиси шест пати, Хрватска речиси четири пати и Србија 2,5 пати повеќе од Македонија. Ова покажува дека Македонија не покажува доволен интерес или не изградила доволен капацитет за создавање и апсорпција на знаење и технологија. Без радикална промена на тоа поле, тешко е да се очекува трајно забрзување на продуктивноста и конвергенцијата. Едноставно кажано, без тоа нема иднина.

Владеење на правото и контрола на корупцијата

Еден од столбовите на долгорочниот економски раст и воопшто развој на едно општество се квалитетните институции. Тие се предуслов за здрав економски амбиент. За таа цел, во оваа прилика одбрав 2 индикатори, владеењето на правото и контролата на корупцијата, во рамки на Индикаторите за управување на Светска банка.

Владеењето на правото е една од областите во кои Македонија не покажува суштинска долгорочна конвергенција. И покрај подобрувањето во почетокот на 2000-тите, индикаторот во последните петнаесетина години нема јасен нагорен тренд и најважно е дека од почетокот до крајот на временската серија на податоците не излегува од негативната зона. Во меѓувреме Хрватска значително ја подобрила својата позиција, а Словенија останала далеку пред сите останати. Во однос на владеењето на правото од Македонија послаб резултат има само БиХ.

Контролата на корупцијата претставува уште една област во која Македонија не успеа да направи исчекор. Подобрувањето регистрирано во првите години од 2000-тите години не продолжи во понатамошниот период и индикаторот до крај остана во негативната зона. Во однос на останатите земји, борбата против корупцијата не е нешто по што регионот е прочуен за остварените успеси. Очекувано, Словенија е далеку подобра од останатите, Хрватска и Црна Гора се подобри, а Србија и БиХ со послабо остварување од Македонија.

Кредитен рејтинг на земјата според Стандард и Пурс

Последен елемент во овој мозаик на индикатори кои овозможуваат да се оформи оценката за македонската економија и поширокиот општествен амбиент во Македонија од осамостојувањето наваму е кредитниот рејтинг на земјата доделен од врвна агенција за кредитен рејтинг, како што е Стандард и Пурс. Ова е релевантно затоа што оценката за кредитниот рејтинг вклучува повеќе сегменти и дава поширока слика.

Во табелата се прикажани првиот и последниот кредитен рејтинг на секоја од анализираните земји, во периодот од осамостојувањето наваму. Така, првиот рејтинг на Словенија бил А, па напредувала до рејтинг АА. Хрватска го подобрила рејтингот од БББ- на А. Првиот кредитен рејтинг на Србија бил Б+ и бил полош од тој на Македонија. До денес Србија значително го подобрила својот рејтинг и тој достигна БББ-, односно до она што се вика „инвестициско ниво“, нивото од кое една земја се смета за земја со прифатлив ризик за инвестирање. Притоа, нумеричката оценка на Србија е зголемена од 8 на 12.

За разлика од овие земји, Македонија започна со кредитен рејтинг ББ, а заврши со кредитен рејтинг ББ-, односно со кредитен рејтинг што е понизок од почетниот! Нумеричката оценка за Македонија се намали од 10 на 9. Колку поразително делува ова сознание!

Патем, БиХ го задржа непроменет кредитниот рејтинг на земјата, а кредитниот рејтинг на Црна Гора се намали од ББ на Б+ или нумерички од 10 на 8. Случајот на Црна Гора покажува дека напредокот во евроинтегративниот процес, од разновидни причини, не мора да коинцидира со начинот на гледање на работите и оценката на агенциите за кредитен рејтинг.

Заклучок

Кога ќе се земат предвид сознанијата од презентираните 17 графикони и една табела, резимето всушност се фокусира на одговорите на три прашања. Првото прашање е дали Македонија во изминатите 35 години воопшто напредувала? Прашањето изгледа бесмислено, одговорот, секако, е потврден: Македонија денес е побогата, попродуктивна и има повисоко ниво на човечки развој отколку пред 35 години. Но, Македонија сега има полош кредитен рејтинг како земја одошто кога првпат го добила од Стандард и Пурс.

Она што е многу поважно е второто прашање: дали Македонија се развивала со потребната брзина, што покажува споредбата со економиите на земјите од поранешна Југославија? Одговорот на ова прашање е разочарувачки за Македонија. Таа напредуваше побавно одошто можеше и побавно од повеќето земји со кои некогаш ја делеше заедничката држава. Немаме причини за задоволство и неуспехот од изминатите 35 години не смее да се релативизира и да се прифаќа како нешто нормално. Како земја немаме оправдување за тоа што до некои земји не се приближивме, а други не’ претркаа.

Третото прашање е што да очекуваме од иднината, имајќи предвид што видовме од досегашните 35 години независност? Неуспехот да оствариме повеќе во изминатите 35 години не се должи на некои еднократни, инцидентни околности туку на длабоко вкоренети и закоравени системски слабости. Оттаму, кога зборуваме за очекувањата за иднината, ако ништо не се измени нема да имаме остварувања што би биле одлични и би биле одржливи на долг рок. Во Македонија имаме комбинација на релативно слаб човечки развој, исклучително ниски вложувања во истражување и развој, слабо владеење на правото и недоволна контрола на корупцијата. Таквата комбинација создава амбиент што не го поттикнува доволно развојот на економија базирана на знаење, иновации и висока продуктивност.

Проблемот на Македонија не изгледа првенствено како недостиг на инвестиции, на странски капитал или на економска отвореност. Всушност, многу повеќе се наѕира проблем со продуктивноста, создавањето знаење, институционалниот квалитет и ефикасноста со која расположливите ресурси се претвораат во развој.

Истовремено, трендот на фискални дефицити кои се прават и во нормални години, кога не би требало, и постепеното трошење на фискалниот простор низ годините без соодветно забрзување на економскиот раст, на продуктивноста и без економско приближување кон останатите земји – ја поткопува економската иднина на земјата. Значителниот одлив на населението дополнително го намалува потенцијалот на Македонија за позабрзан економски раст. Потребни се длабоки реформи, економски и општествени, за коренити промени и посветла иднина.

Нека ни е честит јубилејниот, 35 годишен Ден на независноста! Имаме повод да ја славиме независноста, но и уште поголема причина да бидеме самокритични и да почнеме многу повеќе да работиме!


пишува: Зоран Јовановски, aвторот е економист
Економија и бизнис, печатено издание 01 септември

Најчитано