ЗА ЕДНАКВА РАБОТА ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЕДНАКВА ПЛАТА, реформа до функционален систем на плати во јавниот сектор

Системот на плати во јавниот сектор денес се уште се карактеризира со различни правила, процедури и практики меѓу институциите. Тоа создава нееднаквости и ја отежнува примената на јасни и единствени стандарди за вреднување на работата. Затоа, воспоставувањето поусогласен, транспарентен и праведен систем на плати е една од важните реформи на кои Министерството за јавна администрација посветено работи.

Како што информираат од Министерството, во насока на оваа реформа, денеска започнала петдневната TAIEX експертска мисија посветена на воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор. Мисијата ја отвориле министерот за јавна администрација, Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Република Грција, Христина Василату, а во нејзини рамки експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, модел кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.

-Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да биде реално применлив во целиот јавен сектор – порачал министерот Минчев. Министерството работи на новата законска рамка за системот на плати, со план законското решение да биде заокружено до крајот на 2026 година, а неговото постепено и систематско спроведување да започне во 2027 година.

Тој истакна дека ние не сакаме да копираме туѓ модел.

-Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови да изградиме решение кое ќе биде функционално и применливо за Северна Македонија – рекол Минчев.

Според него, целта е да се создаде систем што нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за носење јавни политики.

За Министерството за јавна администрација, ова е конкретен чекор во реформата за градење на поефикасен и поправеден систем на плати, систем во кој правилата се јасни, одговорноста е прецизно утврдена, а јавните средства се управуваат поефикасно и потранспарентно. 


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано