Економистите анкетирани од Европската централна банка (ЕЦБ) ги зголемија очекувањата за инфлација во Еврозоната за 2026 и 2027 година, првенствено поради повисоките цени на енергијата, но очекуваат и повисок економски раст.
Ова го покажаа резултатите од анкетата објавена денес за четвртиот квартал од 2026 година.
Според нивните проценки, инфлацијата во eврозоната, мерена според хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), ќе изнесува три проценти во 2026 година и 2,6 проценти во 2027 година, што е за 0,3 и 0,4 процентни поени повисоко од прогнозите од претходната анкета.
Учесниците во анкетата очекуваат дека дополнителните ефекти од енергетскиот шок предизвикан од војната на Блискиот Исток најмногу ќе се одразат на инфлацијата во текот на 2027 година, додека не се очекуваат значајни секундарни ефекти, односно пошироко прелевање на порастот на цените на енергијата врз други производи и услуги.
Прогнозите за раст на реалниот бруто домашен производ (БДП) во eврозоната, исто така, се зголемија.
Економистите сега очекуваат раст од еден процент во 2026 година и 1,3 проценти во 2027 и 2028 година.
Долгорочната прогноза за раст за 2031 година е зголемена за 0,1 процентен поен, на 1,3 проценти.
Анкетата е спроведена од 2 до 7 октомври, а во неа учествувале 52 експерти од финансиски и нефинансиски институции со седиште во Европа, пренесува Б92.
Фото Економија и бизнис








