пишува: Зоран Јовановски | Авторот е економист
Своевремено дипломирав на Економскиот факултет при УКИМ. Значи УКИМ е мојата алма матер (alma mater – латинскиот израз за „мајка која ме негува / храни“ – со знаење). Но, не е важна мојата лична поврзаност со УКИМ. УКИМ е важен за целото наше општество. Тој е нашиот најстар универзитет, формиран во 1949 година, денес со 23 факултети и 5 научни институти, 2 088 лица наставен кадар и 26 547 студенти. Земајќи ги предвид сите овие факти не смее да ни биде сеедно кој е на чело на институцијата што продуцира значаен дел од интелектуалната иднина на земјава. Не заради личните кадровски аспекти, туку заради системското значење и последици. Затоа мора да се отворат прашања што се важни за иднината на земјава и за нив јавно да се разговара, колку и тие да можат да бидат непријатни за кого било.
Такво прашање е неодамна завршениот избор на ректор на УКИМ. Исходот на изборите го знаеме, досегашниот ректор Билјана Ангелова ќе има втор тригодишен мандат кој формално започнува да тече од септември годинава. Изборите и крајниот исход иницираат редица теми за размислување.
На пример, многумина зборуваат за начинот на кој се бира ректор на УКИМ. Согласно тековната процедура, се гласа на секој факултет и на секој научен институт. Притоа, на факултетите гласаат гласаат членовите на научно-наставниот совет (доценти, вонредни и редовни професор) како и претставници на студентското тело (10 % од бројот на гласачи од наставниот кадар). На институтите гласаат само членови на научните совети, нема гласачи студенти).
Резултатите покажуваат дека противкандидатот, професорот Дарко Данев од Машинскиот факултет, доби вкупно 663 гласови или 2 675 поени и мнозинство гласови на 16 од вкупно 23 факултети. Меѓу другите, тој доби мнозинство гласови на следниве факултети: Економски, Правен, Медицински, Фармацевтски, Машински, Градежен, Електротехнички, Природно-математички, Филолошки, Филозофски итн. Но, тоа не беше доволно. Досегашниот ректор Билјана Ангелова освои околу 565 гласови или 2 924 поени и мнозинство на гласови на само 7 од вкупно 23 факултети, но и на сите 5 научни институти. Значи досегашниот ректор освои околу 98 помалку гласови, победи на помалку факултети, но сепак има повеќе поени, победник е на изборите и доби втор мандат.
Ова го овозможија изборните правила дефинирани во досегашниот Закон за високото образование и во Статутот на УКИМ. Тие правила овозможуваат организациски единици со различна квантитативна гласачка „тежина“ да добијат неизбалансирана изборна улога. Секоја изборна единица (факултет или институт) носат по 200 поени. Тоа значи дека гласот на еден професор од, на пример, Институтот за сточарство и рибарство – каде што научниот совет има 10 члена (гласачи) носи 20 поени. Истовремено, гласот на еден професор од научно-наставен совет на Медицински факултет (со околу 150 членови на научно-наставниот совет) носи само 1,33 поени! Ова ги прави гласовите на поединечните гласачи од институтите непропорционално повредни од оние од факултетите. Практично, гласовите на институтите ја поништија предноста од мнозинството гласови што противкандидатот Данев ги доби од гласовите од мнозинството факултети. Секој ќе си донесе оценка дали вака дефинираната изборна процедура е коректна. Но, тоа се тековните изборни правила, тие не беа менувани пред овие избори и тоа е демократијата. Овие изборни правила многу веројатно ќе се изменат во иднина за да обезбедат пореална „тежина’“ на гласовите, но тоа не е релевантно за последниов избор на ректор.
Овој текст нема цел да се фокусира на (не)праведноста на процедурата за избор на ректор на УКИМ. Предмет на фокус не се ниту конкретните личности кои учествуваа во изборниот процес. Овој текст има цел да го бара одговорот на едно многу поважно и посуштинско прашање: Кој и зошто се исплаши од промени на УКИМ па гласаше за тековниот ректор? Во тој контекст, логично е прво да се испита што е она што беше толку добро во текот на првиот мандат на досегашниот ректор за значаен дел од гласовите (иако не и мнозинството гласови) да ѝ бидат дадени нејзе и таа да победи.
Што би можело да се земе како објективен критериум за оценка на првиот мандат на ректорот Ангелова? На пример, можат да се оценат постигнувањата на УКИМ на разните меѓународни рангирања на универзитетите бидејќи тие се индикација за брзината на развој на еден универзитет во однос на другите со кои се натпреварува. Постојат повеќе разновидни рангирања, но обично најпопуларни се рангирањата наведени во табелата. Рангирањата се прават по редица критериуми. Податоците покажуваат како е рангиран УКИМ во периодот на првиот мандат на ректорот.

Најпознато и најпрестижно од сите рангирања е она на т.н. Шангајска листа која прави глобално рангирање. Општопознато е дека УКИМ таму го нема. Го немаше во текот на целиот прв мандат на ректорот. За илустрација, на најновата објавена Шангајска листа има три универзитети од земји што произлегоа од поранешна Југославија: Белградскиот универзитет е меѓу 401. и 500. место, Љубљанскиот универзитет е меѓу 501. и 600. место и Загрепскиот универзитет е меѓу 600. и 700. место.
На друго рангирање, Times Higher Education, исто така глобално, УКИМ нема прецизно утврдена ранг-позиција, но се знае дека е рангиран после 1500. место. На оваа листа, покрај претходно спомнатите подобро рангирани три универзитети (Белградскиот, Љубљанскиот и Загрепскиот), подобро рангирани од УКИМ се и Мариборскиот универзитет и Универзитетот на Нова Горица. Сараевскиот универзитет е рангиран исто како УКИМ, после 1500. место.
На трето глобално рангирање (US News), УКИМ е слично рангиран, на 1 456. позиција. Во набљудуваниот период, во првиот мандат на ректорот на сите три презентирани глобални рангирања, УКИМ нема подобрување на својата позиција, напротив, констатираме статус-кво.
Четвртото наведено рангирање (QS) е поинакво, тоа дава ранг-позиција во Европа и посебно во Јужна Европа. Тука податоците веќе не покажуваат ниту статус-кво, туку покажуваат дека во текот на првиот мандат на сегашниот ректор позицијата на УКИМ е влошена. Како резиме, сите овие меѓународни и објективни рангирања не упатуваат на подобрено работење на УКИМ и со тоа не даваат основа за поддршка за реизбор на ректорот Ангелова.
Друг критериум може да биде финансиската „кондиција“ на УКИМ. Најпрвин, не е лесно да ги најдете завршните сметки на УКИМ. Поради некоја не баш разбирлива причина нив ги нема на постојната важечка интернет-страница на УКИМ, туку треба да одите на линк до поранешната интернет-страница и таму да ги барате. Резимирано, финансиите на УКИМ покажуваат дека Универзитетот не се наоѓа пред финансиско пропаѓање, финансиски се покриваат исплатата на плати и основното функционирање, но нема и модернизациски скок преку значително зголемување на капитални инвестиции и научно-истражувачки средства. УКИМ практично финансиски „преживува“, но стагнира, не се трансформира. Досегашниот ректор во својот прв мандат не успеа значително да ги подобри работите. Со тоа УКИМ остана првенствено „наставна институција“ и не се трансформира во истражувачки универзитет со силен истражувачки екосистем. Можеби УКИМ е финансиски стабилен на краток рок, но е стратешки слабо финансиран за долгорочен академски и научен развој. УКИМ финансиски се одржува во живот, но нема развоен исчекор. Без тоа нема напредок во рангирањето на ранг-листите.
Кога ќе се сумираат работите, првиот мандат на ректорот Ангелова може да се опише како административно стабилен мандат, одржано е административно статус-кво, но изостана стратешка трансформација на УКИМ. Притоа отсуствуваше лидерство кое ќе го редуцира функционирањето на УКИМ како своевидна „конфедерација на факултети“.
Неколку фактори можат дополнително неповолно да влијаат на идниот развој на УКИМ. Постои демографски ризик, населението старее и се иселува, тоа значи помалку матуранти и запишани студенти, а со тоа и помалку приходи по тој основ. Во тековните околности расте ризикот сè повеќе да си заминуваат и младите асистенти и истражувачите. Постои инфраструктурна застареност (лаборатории и објекти). Конечно, УКИМ има слаба интернационализација, односно недоволно странски студенти, малку наставни програми на англиски јазик (за диплома и со сериозна акредитација) и меѓународни проекти.
Што понудија двајцата кандидати за ректор во нивните изборни програми, кои беа нивните три клучни столбови?
Ректорот Ангелова практично понуди континуитет, административна функционалност и административна стабилност на системот. Таа понуди зголемена интернационализација (меѓународна видливост и проширување на меѓународната соработка) и европска интеграција на УКИМ. Трето, ректорот понуди дигитализација во работењето на Универзитетот и подобрување на услугите за студентите и на условите за студирање. Во нејзината Програма отсуствуваше засилена реформска реторика и темелна определба за длабока трансформација на УКИМ во истражувачки универзитет.
Противкандидатот, професорот Данев, понуди засилена реформа на УКИМ. Тој понуди трансформација на Универзитетот од „набљудувач“ во „создавач“, посочувајќи дека УКИМ треба да биде двигател на развојот преку проактивен однос во поглед на иновациите, на соработката со економијата и на сопствената позиција во општествените процеси. Професорот Данев понуди посилна сеопфатна дигитализација и модернизација на Универзитетот. Трето, професорот Данев понуди поврзување на УКИМ со индустријата, со компаниите, трансфер на технологии, сето тоа во насока на креирање на она што е тренд во Европа − „претприемачки универзитет“. Врз основа на понуденото, изборот на професорот Данев ќе значеше динамика, свртување кон промени, модернизација и побрзо фаќање приклучок со поразвиените меѓународни универзитетски средини. Се појави кандидат кој ќе го внесеше УКИМ во понапредна зона на развој, но шансата е пропуштена.
Кога сè ќе се земе предвид, мојот впечаток е дека некој на УКИМ се исплаши од промени и победи поривот за статус-кво. Не може да се каже дека гласаа неедуцирани гласачи. Напротив, со исклучок на студентите (максимум 10 % од вкупните можни гласови), сите други гласачи се луѓе со академско звање доктори на науки. Од вкупно 1 434 гласачи запишани во избирачките списоци, гласаа 1 286 лица, значи излезноста беше извонредно висока и достигна 89,7 %. И, резултатот од изборите беше континуитет на постојното.
Тоа не е добро решение ниту за УКИМ ниту за земјава. Стабилно одржување на статус-кво може на краток рок да спречи распад на системот, но не може да биде долгорочно решение за Универзитетот. УКИМ не е само главен симбол на државниот интелектуален капацитет туку произведува и голем дел од елитниот кадар за потребите на економијата, на администрацијата, на здравството, на инженерството итн.
Опасноста е во тоа што, во услови на демографски пад и на одлив на мозоци, на технолошка трансформација и на вештачка интелигенција, на регионална и на глобална конкуренција, стабилноста на УКИМ во форма на статус-кво, всушност, станува форма на назадување!
Но, има и една друга, подлабока општествена поента која не е поврзана само со УКИМ. Дали исходот на изборите за ректор на УКИМ е, всушност, одраз на генералната состојба во општествово? Дали начинот на кој размислуваат доктори на науки, луѓе со знаење и со информации, и нивниот избор на статус-кво е всушност одраз на начинот на кој размислува целото македонско општество? Дали нашето општество всушност се плаши од промени и сака да го сочува статус-квото, па какво и да е тоа? Ако ова остане доминантниот начин на размислување − Македонија тешко ќе тргне позасилено напред!
Економија и бизнис, 15 мај 2026г.











