Делегација предводена од Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), во чиј состав се Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина, директори на некои од јавните комунални претпријатија, Инспекторатот за животна средина и на Здружението на давателите на комунални услуги – АДКОМ престојуваат во работна посета на Народна Република Кина.
Како што информираат од РКЕ, размена на искуства и запознавањето со современите технологии за управување и третман на комунален отпад е целта на работната посета што се реализира во организација на Институтот за биогас при Министерството за земјоделство и рурални работи, а во соработка со Амбасадата на Народна Република Кина.
Во фокусот на посетата, како што посочуваат, е споделување на најдобрите практики при воспоставување на процесите за класифицирано собирање и транспорт на отпад, како и можностите за производство на енергија од отпад – нивен развој и технологија.
РКЕ, во согласност со последните законски измени, се стекна со проширена надлежност и е задолжена за регулирање на услугите за управување со комунален отпад. Донесување методологија за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпадот и тарифник за депонирање на отпадот – се дел од процесите што треба да се реализираат во претстојниот период.
Од РКЕ посочуваат дека регулацијата во управувањето со отпадот ќе обезбеди подобар квалитетот на услугите за потрошувачите, а за операторите ќе значи оптимизирање на трошоците и регулаторен мониторинг на инвестициите во системите за управување со отпадот и нивна модернизација сè со цел заштита и унапредување на животната средина.
Фото Економија и бизнис








