Новата Стратегија за минерални суровини на МАНУ посочува дека рудните проекти во Иловица и Плавица можат да имаат значајно влијание врз економијата и локалниот развој.
Според документот, потенцијалните инвестиции би можеле да донесат околу 770 милиони евра, а дел од средствата би биле насочени кон инфраструктура, отворање нови работни места и активности за заштита на животната средина. Експертите нагласуваат дека реализацијата треба да биде проследена со строги еколошки стандарди и мониторинг.
„Тоа се средства кои треба да се издвојат од Буџетот на Република Северна Македонија и не вклучуваат инвестиции во отворање на нови капацитети на метали, неметали и енергетски капацитети. Според податоците добиени од околу 20 компании со помош на прашалници, се предвидува во следниот период од 5-10 години да инвестираат некаде околу 500 милиони ЕУР. Дополнително на овие средства потенцијалното отворање на Иловица и Плавица се проценува дека би чинело околу 770 милиони евра“, се истакнува во Стратегијата.
Засега не постојат најави во јавноста за рестартиртирање на дамнешниот проект за рудник во Плавица, пробиштипско, додека пак инвестицијата за рудник за бакар во Иловица е во застој поради административни пречки. Инвеститорот, тогаш го најави рудникот како најголема странска ,,гринфилд” инвестиција во нашата држава и само во првите две години, односно првата фаза на изградба на рударскиот комплекс ќе се реализира почетна инвестиција од 340 милиони евра. Дополнително, во текот на целиот период од оперативното работење би се исплаќале околу 75 милиони евра секоја година на повеќе локални и регионални компании за тековно одржување, снабдување со неопходни производи и разни сервисни услуги, а со оглед на претходните тарифи за концесии беа најавени и исплати од по 24 милиони евра годишно за законски давачки, даноци и такси во државниот буџет, како и по три милиони евра за општинските буџети.
Инаку, со новиот план Македонија ќе ги зајакнува ресурсите на Геолошкиот завод, ќе ги испитува капацитетите на критичните минерали кои ги поседува и ќе формира Секретаријат кој ќе биде олеснувач за минералната индустрија. Во период од две години, МАНУ и Заводот треба да изработат Каталогот на минерални суровини. Како што се истакнува, „на Геолошкиот Завод да му се даде задача, во период од две години, да направи анализа на потенцијалите за екстракција и рециклирање на критични метали и критични минерали во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а со поддршка на рударската индустрија и индустријата за рециклирање“.
„Направената анализа треба да се поврзе со вкупните потреби на Европската Унија за критични метали и минерали. Резултатите од таквата анализа би можеле да бидат добра основа за стимулирање на поефикасната употреба и поефикасното искористување на македонските метали и минерални ресурси, да покаже како Република Северна Македонија може да придонесе да се зголеми покриеноста на индустријата на Европа со користење на домашните минерални суровини, а истовремено и да ги зголеми можностите на Европа за извоз на критични метали и минерали, како и да се идентификуваат потенцијалните деловни можности за развој на нови бизниси“, пишува во Акцискиот план 2026-2030.
Задачи се определени и за ресорното Министерство кое ќе треба да создава клима за нови инвестиции.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за финансии, заедно со Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво во следните две години, треба да направи темелна анализа на климата за инвестирање во Република Северна
Македонија, а при тоа да се анализираат и идентификуваат кои фактори имаат посебно влијание врз ова. Анализата треба да ја вклучи и меѓународната перспектива а истовремено да вклучи и анализа на тоа како може да се создадат услови за комбинирање на долгорочна одржлива минерална (рударска) индустрија во Република Северна Македонија со инвестициска клима која може да привлекува странски инвеститори“, се додава во Планот.
Исто така, Министерството за рударство ќе треба да изработи анализа за можноста за основање на фонд за поттикнување на иновации и современи
технологии во рударството. Дополнително, до 2027 година е предвидено да се направи национален водич за имплементација на современи технологии во рударството до 2029 година, а до 2030 година да се спроведе обука на рударските компании за примена на современи технологии во рударството.
Според планот, Министерството ќе треба да работи на зачленување во
меѓународни тела поврзани со минералните суровини како и на потпишување на меморандуми за соработка со ЕУ заради пристап до подобри финансирања на стратешките проекти.
Во следните две години, Министерството во соработка со општините ќе изработува сеопфатна анализа на сите постојни депонии и јаловишта на исцрпени и затворени рударски локалитети, со цел нивно дислоцирање, отстранување и/или рекултивација, а ќе ја испитува и можноста за основање Фонд за рекултивација на простори каде концесијата е престаната, кој ќе се финансира од дел од концесискиот надоместок. Меѓу новитетите се и „изработка на инвентар на активните рудници и нивниот еколошки статус – до 2028 година, како и модернизација на 50% од активните рудници со имплементација на најдобрите технологии – до 2035 година, а 80% до 2040 година, со што ќе се постигне намалување на емисиите на потенцијално токсични елементи (ПТЕ) од активните рудници за 30% до 2040 година.
„Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во првата година, треба на национално ниво да формира Секретаријат кој ќе може да делува како олеснувач за минералната индустрија (GreenMining) чија задача ќе биде да промовира дијалог меѓу актерите засегнати од рударските активности во областите за ископ на руда во Република Северна Македонија. Овој
секретаријат ќе има задача и да го мониторира спроведувањето на тековните проекти и да комуницира и дава насоки на надлежните институции за олеснување на процесот за добивање на потребните дозволи“, се потенцира во планот.
Во него се препорачува Македонија да фати чекор со активностите во ЕУ, за зајакнување на европскиот пристап до метали и минерални суровини. Една од овие активности, како што се додава, е започнувањето на Европско иновативно партнерство за суровини, во кое Македонија треба активно да се вклучи.
(комерцијална објава)








