Господине Лазаров, вие доаѓате од Адвокатската канцеларија Лазаров. Кажете ни најпрвин за „личната карта“ на вашата адвокатска канцеларија.
Д. Лазаров: Адвокатската канцеларија Лазаров своите корени ги има од 2012 година кога мојот татко, Николчо Лазаров, поранешен судија, ја започна приватната практика на која јас се придружив во 2015 година, по мојата кариера во Владата на Република Македонија. Нашиот фокус од самиот почеток беше и остана трговското, односно деловното право во широка смисла, што впрочем е и формалното образование како на основачите така и на сите адвокати кои денес работат со нас. Тимот има различни професионални искуства и знаења, што ни овозможува да покриваме повеќе правни области со практичен и со деловно ориентиран пристап. Особен фокус имаме на меѓународното право, пред сѐ меѓународното приватно право, но и многу специфични области како банкарство, финансии и пазари на капитал, алтернативно решавање на спорови, регулатива и проекти, реконструкции и стечај. Денес работиме на домашни и на прекугранични проекти во повеќе индустрии, а особено сме фокусирани на комплексни корпоративни, финансиски и спорни прашања со меѓународен елемент.
Ако можеме со еден збор да го опишеме времето во кое живееме сите на планетава, тогаш тој збор е неизвесност. Ваквата состојба се одразува на толку многу области на живеење и на работење. Како изгледа процесот на трансформација на модерната адвокатура во услови на забрзани економски, технолошки и геополитички промени?
Д. Лазаров: Ова е повеќеслојно прашање кое, од аспект на адвокатурата како бизнис, зафаќа повеќе столбови. Адвокатурата во себе опфаќа многу динамични фактори секојдневно. Модерната адвокатура не само што успешно ги надминува овие предизвици туку и го препознава и го користи нивниот потенцијал. Лично, јас, во секоја криза барам и најчесто препознавам некаква можност. Би рекол дека суштински битни карактеристики се прилагодливоста и отпорноста. Начинот како не само да се надминат тие промени туку и да се капитализира од нив е постојаното унапредување на личните знаења и на квалитетите. Во мојата улога на раководно лице, постојано патувам и ги согледувам од прва рака промените што се случуваат или, уште поважно, што ќе се случат. Од почетокот на оваа година посетив неколку за нас важни центри на професионални настани: Лондон, Виена, Амстердам, Белград, Софија, на кои на високо ниво и длабински се анализираат клучни настани и промени. Таквиот постојан ангажман е од исклучително стратешко значење да бидеме неколку чекори напред. Во такви услови, најголем ризик не е самата промена, туку доцнењето во нејзиното препознавање.
Како последица, ја менува ли сето ова генерално улогата на адвокатот од правен советник кон стратешки партнер на бизнисот?
Д. Лазаров: Модерната адвокатура, како што ја споменавме погоре, не започнува и не завршува со правен совет кој при тоа е заштитен од одговорност на адвокатот (н.з. „disclaimer”). Современиот бизнис бара и му се потребни стратешки совет и прецизна навигација. Тоа е возможно само со длабинско и со суштинско познавање на бизнисот и на неговите потреби и со сигурност и со самоувереност во советувањето кое може да произлезе само од комбинација на цврсто познавање на правната проблематика и на вештините на стратегија. Со развивањето на бизнисот во државава се забележува и развивање и поголема свест за правната сигурност како основа за раст и за развој. Најголемата промена е што клиентите повеќе не бараат правно мислење, туку деловно решение кое е правно одржливо.

Времињата на големи промени носат и зголемени регулаторни промени и ризици. Kако да се справат компаниите со сè покомплексното регулаторно окружување кое ги вклучува геополитичките ризици, ЕСГ-барањата, санкциите, и новите стандарди на усогласеност? Како да се обезбеди успешна навигација низ сите овие промени?
Д. Лазаров: Регулаторните промени се нормална работа во една бизнис-средина која расте и се развива, всушност би рекол дека се потреба за да се даде некаква рамка за работа на бизнисот. Впрочем, со постепената хармонизација со правото на ЕУ (acquis) се навикнуваме на една огромна динамика која постои во самата Европска Унија. Разликата меѓу успешните и помалку успешните бизниси е во тоа што успешните го разбираат тоа, го прифаќаат и го ставаат во нивна полза преку имплементација на системи на усогласеност со прописи. Спротивно, доколку не се постигне таков системски пристап, сето тоа може да се претвори во товар на бизнисот, што природно ќе доведе до маргинализација на процесите на усогласеност, а со тоа и до драстично зголемување на правните ризици. Правните ризици не се повеќе апстрактна категорија, туку мерлив показател на бизнисот со сериозни импликации. Да заклучам со конкретен одговор – успешна навигација низ честите регулаторни промени е изработување и имплементација на системски пристап на следење и на примена. Постигнувањето и воспоставувањето на таков систем е сериозен проект кој бара знаење и посветеност, нешто на што ние му даваме приоритетно значење.
Патот за опстанок и за развој на македонската економија неизбежно бара успех на македонските компании на странските пазари. За таа цел е потребно меѓународно отворање на македонските компании и користење професионални услуги. Во тој контекст, колкаво е значењето на прекуграничната соработка, на глобалните правни мрежи и на интеграцијата во меѓународните деловни текови?
Д. Лазаров: Адвокатурата треба да го следи бизнисот и бизнисот треба да ја следи адвокатурата. Сметам дека и за адвокатурата како бизнис е од исклучително значење отворањето за странските пазари и јурисдикции. На пример, во светот на финансиите, особено за овој дел од светот, доминантно е англиското право кое има своја примена и кај нас преку соодветни правни механизми. Во денешниот динамичен свет на инвестиции, многу често се случуваат зделки едновремено во повеќе јурисдикции. Токму поради ваквите фактори, големите меѓународни корпорации со свое присуство овде сѐ повеќе бараат една точка на правни услуги. За нас е од исклучително значење членството и соработката во меѓународни правни мрежи поради повеќе фактори. Најпрво, поради горенаведените причини, односно тоа е еден начин како да бидеме дел од големи зделки. Но, она што за нас е голем бенефит е самата можност да се работи на такво ниво со проминентни учесници кои самите имаат изобилство од знаење и од искуство. Би додал дека нашата примарна работа е да бидеме поддршка на бизнисот, но улогата на адвокатите драстично се промени во последнава декада, па така сега многу често и ние самите сме иницијатори на бизнис. Во таа улога, ваквите мрежи исто така отклучуваат голем потенцијал кој можеме и треба да го користиме.
Деловните односи некогаш водат до спорови. Кои се модерните механизми за правна заштита и за решавање на спорови? Каква е улогата на арбитражата, на медијацијата и на другите алтернативни механизми во современото деловно окружување?
Д. Лазаров: Споровите се неизбежен дел од бизнисот и нивното решавање по суштина не треба да е конфликтно, туку контрадикторно. Го потенцирам ова од причина што кај нас најчесто на споровите се гледа како на војна во која некој мора да изгуби. Модерните алтернативни начини на решавање на спорови даваат друга перспектива и можност за брзо и за ефикасно надминување на спорови. Создадени како одговор на бавните класични судски постапки, медијацијата и арбитражата денес се прв избор во меѓународните договори. Наша стратешка определба е со нашите клиенти најпрво да анализираме вакви механизми како начин на решавање на спорови наспроти судовите. Причините зошто медијација и арбитража се подобрата опција се повеќе. Најпрво, нудат голема флексибилност, но во рамките на процесните правила што овозможуваат правна сигурност. Можноста страните да ги изберат арбитерот, седиштето на арбитражата, јазикот и одредени процесни правила дава многу поголеми можности наспроти судовите во кои ништо од ова не е возможно. Брзината на течење и на завршување на постапката е еден од клучните фактори – страните имаат однапред утврдена динамика со рокови, што им дава предвидливост која се рефлектира врз планирањето, буџетирањето и извесноста од исходот од постапката. На пример, една од најголемите светски арбитражни институции – Арбитражата на Меѓународната трговска комора, со седиште во Париз (ICC), во согласност со новите правила кои важат од 1 јуни 2026 година предвидуваат брза постапка за спорови со вредност до 4 милиони евра, која мора да заврши со арбитражна одлука во рок од максимум шест месеци од започнувањето на спорот. Ваквата ефикасност е неспоредлива со домашните судови и особено ако се има предвид дека странките можат да ги договорат и другите битни елементи како што се јазикот и седиштето на арбитражата. Ваквите механизми кои се развиваа и во нашава држава сѐ уште не успеваат да ги дадат посакуваните резултати, но уверен сум дека вложувањето во нив не треба да се намали, туку да се зголеми.

Правната сигурност е предуслов за конкурентна економија. Што навистина бараат инвеститорите, домашни или странски, од една јурисдикција и како владеењето на правото влијае врз инвестициите, растот и економската доверба?
Д. Лазаров: Владеењето на правото е прв и основен услов за развојот на една економија. Нема дилеми, нема нијанси и не треба да има компромиси на ваквата премиса. Треба да биде апсолутно јасно дека постигнувањето на функционален правосуден систем, како предуслов за постигнување на „владеење на правото“, е мултидисциплинарен проект со социолошки и со психолошки импликации. Владеење на правото е состојба на култура на законитост на сите нивоа, а не убаво напишани закони. Сите инвеститори бараат заштита на инвестицијата и на капиталот преку функционални системски механизми. Кога зборуваме за заштита, таа се протега од самиот почеток и се однесува на секоја една етапа од инвестицијата. Тоа значи дека под владеење на правото спаѓа и функционирањето на државната администрација и на државните услуги, а не само (не)ефикасноста на судството. Остварувањето на правна заштита е последна фаза до која не би се доаѓало доколку останатиот дел функционира. Домашните инвеститори многу добро ги знаат состојбите кај нас, добар дел од нив и биле во некаква улога учесници, додека пак странските инвеститори пред носење на одлука за инвестирање се потпираат на релевантни информации во кои, пред сѐ, би ги издвоил релевантните извештаи на Европската комисија и на Стејт департментот, но од особено значење се директните и лични информации и препораки од други инвеститори со искуство во земјава. Постои директна и докажана корелација меѓу состојбата на владеењето на правото со нивото и со квалитетот на инвестициите во државата. За мене нема простор за никаков компромис кога станува збор за достигнување на состојба на владеење на правото како врвен приоритет за економски напредок.
Според оценките на бројни домашни анкети или на меѓународната заедница, нашава земја има проблем со реформите во сферата на владеење на правото. Што е она што би требало да се направи за конечно да се направи опиплив напредок на тој план?
Д. Лазаров: Компаративно со други земји можеме да заклучиме дека не постои универзален проверен рецепт кој би функционирал и кај нас, но постојат драгоцени искуства на земји кои поминале сличен пат како нашиов во нивната историја. Во генерална смисла треба да се фокусираме на развивање на култура на законитост и на правна држава. Тоа се многу апстрактни цели, но има конкретни начини како да се достигнат. Пред сѐ е бескомпромисна борба со корупцијата и ригорозно спроведување на правилата што веќе постојат. Проблемот не е во регулативата, добра регулатива веќе имаме, туку во нејзината имплементација. Малку поконкретно во мојот дел, јас сум силен застапник на идејата за специјализирани трговски судови како еден исчекор кон овозможување на специјализиран механизам за бизнисот да може да остварува правна заштита. Во таа насока потребна е консолидација на ресурсите во правосудството – од преиспитување на потребата од судови во секој град до овозможување на основни услови за работа на вработените во правосудните органи.
Денешните разговори неизбежно водат и до прашањето за влијанието на вештачката интелигенција и дигитализацијата врз правната индустрија? Како ќе влијаат овие нови технолошки трендови на начинот на кој компаниите управуваат со ризици и носат деловни одлуки?
Д. Лазаров: Вештачката интелигенција во правната индустрија се развива со години и веќе постојат високоспецијализирани системи, пред сѐ за САД и за Англија кои не само што се прифатени туку и се развивани заедно со најголемите светски адвокатски фирми. Целта на овие системи е јасна – да бидат корисни алатки во секојдневното работење, да ги зголемат ефективноста и прецизноста. Големата промена дојде во овозможувањето општи комерцијални системи на вештачка интелигенција да бидат достапни масовно за секакви „правни совети“. Вреди да се спомене дека сите тие сервиси, во своите услови за користење, јасно имаат наведено дека тие не даваат правни совети и дека е потребно да се консултира лиценциран адвокат. Оттука може да се заклучи дека со правилна и со насочена употреба, вештачката интелигенција може да ја исполнува улогата на корисна алатка како во адвокатурата така и во бизнисот.
Ќе се одрази ли примената на вештачката интелигенција на бројот на вработени во правната индустрија?
Д. Лазаров: На светско ниво веќе има проценки дека правната индустрија е една од најпогодените во поглед на работни места од развитокот на вештачката интелигенција. Рутинските задачи ќе бидат значително автоматизирани, но побарувачката за стратешко размислување, за преговарање, за застапување и за носење комплексни одлуки ќе остане суштински човечка. Клучот за преживување лежи во очигледното – вештачката интелигенција е алатка и таа може да го замени некој кој извршува иста или слична функција. Затоа е од исклучително значење да развиваме лични вештини кои не можат да бидат автоматизирани, само така адвокатот останува незаменлив.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, 15 јуни 2026г.










