МЕГА ИНТЕРВЈУ | Никола Мемов: Потребна е реформа на пензискиот систем

Мега интервју со Никола Мемов, директор на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување
Никола Мемов, Директор на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување

Иднината на пензиите и на пензискиот систем се најдоа во фокусот на јавноста и кај граѓаните. Сосема очекувано темата предизвика одредена нервоза за можни проблеми поврзани со исплатата на пензиите, сега или во иднина. Вие сте на чело на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) и ги имате сите потребни информации. За почеток да го расчистиме ширењето на гласовите. Има ли некаков ризик поврзан со сегашната тековна исплата на пензиите?

Н. Мемов: Последниов период навистина пензискиот систем е во фокусот на јавноста и различните коментари од различни страни на експерти и на аналитичари придонесувааат за различна информираност на граѓаните. Битно е да се знае дека менаџментот на Фондот на ПИОМ има изградено јасна визија и анализа со детектирани слабости и аномалии во пензискиот систем кои треба да бидат предмет на реформа на пензискиот систем во иднина. Сите препораки од релевантните финансиски институции и партнери на државава, ММФ и Светска банка, укажуваат на потребата од реформа на пензискиот систем во Македонија имајќи ја предвид долгорочната финансиска стабилност на пензискиот систем. Ние сме свесни за таа потреба и затоа ги правиме сите овие длабински анализи на структурата на пензискиот систем.

Анализата на стручните служби и на Актуарското одделение во ПИОМ укажуваат на заеднички структурен проблем во пензискиот систем.

Во повеќе сегменти врската меѓу платените придонеси и висината на пензиското право е ослабена. Оваа појава се јавува во долниот сегмент преку релативно високо поставената минимална пензија, во горниот сегмент преку максималната пензија, а меѓу генерациите преку различниот третман на стажот и на платите според периодот во кој се остварени.

Главниот заклучок е дека сегашниот дизајн создава различни дестимулации: за дел од осигурениците нема јасна корист од плаќање придонеси на повисока основица, кај високо платените осигуреници по достигнувањето на максималната пензија исчезнува дополнителниот пензиски ефект од продолжените уплати, а кај различни генерации можат да се појават значителни разлики иако личните параметри се исти.
Пензискиот систем се соочува со проблем што не е само финансиски туку и институционален и поврзан со довербата на осигурениците. Ако системот продолжи да испраќа порака дека повисоките придонеси не носат соодветно повисоки права, тогаш ќе се зголемуваат стимулите за минимално пријавување, избегнување придонеси и барање алтернативни форми на доход.

Најсоодветен пристап е постепена, добро образложена и транспарентна реформа што ќе ја зачува социјалната функција на пензиите, но ќе ја обнови врската меѓу уплатите и правата. Таа реформа треба да биде насочена кон поправични пресметки, посилна придонесна база, јасно раздвојување на солидарниот и на осигурителниот дел, повисока доверба во вториот столб и долгорочна заштита на идните пензионери.
Што се однесува до исплатите на пензиите, тие се исплаќаат и ќе се исплаќаат редовно и навремено. Тврдењата дека ќе нема редовна исплата на пензиите се неосновани и се во функција на вознемирување на пензионерите и на граѓаните. Придонесите за пензиско се прибираат тековно, трансферите од буџетот се редовни и пензионерите својата пензија ја добиваат секој први во месецот.

Сега да направиме пресек за тековната состојба во пензискиот систем од гледна точка на Фондот за ПИОМ. Што покажуваат податоците за вкупниот број на лица кои уплаќаат придонеси и бројот на пензионери, покриеност на секој пензионер со број на лица кои уплаќаат придонеси, износот на најниска, на просечна и на највисока пензија, групи на пензионери според висината на пензијата, на пример колку лица примаат минимална пензија итн.?

Н. Мемов: Вкупниот број на корисници на пензија, со пресек 30 јуни 2026 година, е 350 671 лице. Најниска пензија во трите групи земаат 97 585 лица и таа изнесува, во зависност од групата и од периодот кога е остварено правото, од 20 888 денари до 23 945 денари. Бројот на вработени лица што уплаќаат придонеси, за истиот пресек (јуни 2026 година), изнесува 571 855 лица, а соодносот на покриеност вработени наспрема пензионери е 1,63.

Да воспоставиме прецизна дијагноза за „долгорочното здравје“ на пензискиот систем во земјава, да ги детектираме можните аномалиии, да видиме дали нешто може да се направи. Ќе го оставиме настрана вториот столб, да видиме што е со првиот столб за кој е задолжен Фондот за ПИОМ. Да тргнеме од приходите. Во моментов, колкав дел од вкупните приходи на Фондот доаѓаат од уплатени придонеси за пензии, а колкав од Буџетот на државава? Колкав е и апсолутниот износ што го префрла државава во Фондот за ПИОМ годишно? Дали и како се менуваат овие бројки низ годините?

Н. Мемов: Во буџетот на Фондот се планирани приходи во износ од 150 милијарди 947 милиони денари, од кои од придонеси 85 милијарди 811 милиони денари, што претставува 56,8 проценти од вкупните приходи, а трансферот од буџетот е планиран на 62 милијарди 815 милиони денари, што претставува 41,6 проценти од вкупните приходи.

Тука би сакал да нагласам дека зголемувањето на средствата за трансфери од буџетот се должи на зголемувањето на пензиите, од септември 2024 година до март оваа година изнесуваше 7 000 денари за пензионер на месечно ниво, односно на годишно ниво покачувањето на пензиите изнесува некаде околу 500 милиони евра повеќе во 2026 година споредено со 2024 година.

Утврдивме дека постои структурен проблем во пензискиот систем кој создава нееднаквост, дестимулирање за плаќање на придонесите, како и различен генерациски третман на стажот и на платите во зависност од периодот во кој се остварени.

Анализата за генерациска нееднаквост покажува дека лица со исти клучни параметри − возраст, стаж, просечна плата и без посебни бенефиции − можат да добијат различни пензии само поради периодот во кој бил остварен стажот. (Заменските стапки опаѓаат од 2,35 до 1,46 и ако стажот е остварен порано, можна е сериозна разлика во пресметката на пензијата.)

Суштината на проблемот е дека календарскиот распоред на кариерата добива поголема тежина од вкупниот економски придонес. Таквиот исход ја слабее довербата во системот бидејќи осигурениците очекуваат лица со ист вкупен придонес и ист датум на пензионирање да имаат споредливи пензиски права.

Минималната и максималната пензија генерира намалување на правичноста бидејќи повисоките придонеси не се претвораат во повисоко пензиско право. Второ, се појавува рационален економски мотив дел од доходот да се пријавува на минимална основица, а остатокот да се исплаќа преку други форми.
Од друга страна, кај максималната пензија проблемот е обратен, но суштински сличен: системот поставува горна граница по која дополнителните придонеси не резултираат со повисоко пензиско право.

Демографскиот фактор на индексација покажува дека на еден пензионер има околу 1,6 вработени кои придонесуваат. Овој тренд е важен затоа што пензискиот систем од првиот столб е тековно финансиран: денешните придонеси ги финансираат денешните пензии.

Посебен проблем претставува начинот на кој се врзуваат коефициентите за пресметка, за цела година или за период од шест месеци. Ако осигуреникот има само еден или два дена прекин на стажот во одредена година, може да се случи да не му се признае годишен коефициент, туку коефициент само за шест месеци, што претставува огромна неправда за тековните осигуреници. Таквото правило создава несразмерен ефект: минимален административен или фактички прекин може да произведе голема последица во пресметката на пензијата.

Очигледно приходите на Фондот за ПИОМ од уплатени пензиски придонеси не се доволни. Што би можело да се направи за да се зголемат тие приходи? Нешто во врска со висината на стапката на пензиски придонеси?

Н. Мемов: Дали придонесот од 18,8 % е доволен за покривање на сопствената пензија? Стапката на придонес за пензиско и за инвалидско осигурување од 18,8 % од бруто-платата не треба да се оценува само како тековен приход на ПИОМ туку и како прашање дали осигуреникот преку таа стапка акумулира доволна вредност за сопствената идна пензија. Од друга страна, осигуреникот треба преку својот придонес да ги покрие и ризиците за инвалидитет, за рана смрт или за семејна пензија. (При тоа овде не се спомнати трошоците на повластените категории кои ги исплаќа ПИОМ, односно дали нивните бенефиции треба да се на грбот на овие осигуреници или на товар на Буџетот на РМ.)

Јавноста треба да биде свесна дека од овие 18,8 % за придонеси Фондот на ПИОМ користи само 12,8 % за исплата на пензиите, додека другите 6 % (или околу 30 % од вкупните придонеси) се уплатуват во пензиските друштва од вториот столб.

Потребно е за оваа цел постепено зголемување на стапката на придонес за пензиско осигурување врз база на актуарска пресметка која ќе биде доволна за покривање на реалниот очекуван трошок, во координација со работодавачите и со стопанските комори.

Претпоставувам дека расходната страна на Фондот за ПИОМ е исто така комплицирана. Кои се, според вас, аномалиите во тој дел?

Н. Мемов: Споменав дел од причините за аномалиите на системот. Методологијата на пресметката на пензиите самата создава неправедност и генерациска нееднаквост во остварувањето на пензиските права, во обврската на Фондот на ПИОМ за плаќање на здравствено осигурување на пензионерите, но и во повластените категории на осигуреници во пензискиот систем. Повластените пензиски права не се спорни сами по себе, но мора да имаат јасна јавна, професионална и финансиска оправданост. Посебен третман е оправдан само кај професии со реален ризик, со физичка тежина, со ограничена работна способност или со специфична јавна функција.

АРМ, МВР и слични категории може да имаат основа за посебни правила, но тие треба да бидат мерливи, ограничени и транспарентно финансирани.

Правичноста не треба да се оценува само според месечната пензија туку и според возраста на пензионирање, стажот, заменската стапка и должината на користење на пензијата.

Пораното пензионирање значи подолг период на користење пензија и поголем вкупен трошок за системот.

Ако повластената пензија не е покриена со соодветни придонеси, разликата ја плаќаат останатите осигуреници или Буџетот.

Кај верските лица (плаќаат 50 % придонеси, односно 2 пати помалку од обичен осигуреник), земјоделците (плаќаат 20 % придонес, 5 пати помалку) и други специфични групи треба јасно да се утврди основицата на придонеси и кој ја покрива евентуалната разлика до стекнатото право.

Системот станува неправичен кога исклучоците се шират и пензиските права повеќе зависат од статусот, а не од придонесите, од стажот и од платата.

Меѓународните искуства покажуваат тенденција кон ограничување, усогласување и поголема транспарентност на посебните пензиски режими.

Сумирано, повластените категории треба да се третираат како исклучок, а не како паралелен пензиски систем.

Што би можело да се направи за да се подобрат работите на расходната страна и суштински да се подобри финансиската одржливост на Фондот за ПИОМ на долг рок?

Н. Мемов: Сметам дека во секој случај треба да се преземат чекори кои ќе доведат до поголема доверба во системот и ќе се прекине со испраќањето на пораката дека повисоките придонеси не носат соодветно повисоки права. Исто така во воспоставувањето на новата структура на системот треба да се земат предвид и техничките правила за пресметка, третманот на мажите и на жените, вториот столб, стапката на придонеси, како и возраста за пензионирање.

Сите овие мерки најдобро ќе резултираат со пристап кој ќе биде постепен, добро образложен и транспарентен со зачувување на социјалната функција на пензиите и обновата на врската меѓу уплатите и правата.

Во нашиот пензиски систем се инкорпорирани и елементи на здравствено осигурување и елементи на социјалната политика. Дали е тоа вообичаено решение или работите треба да се разграничат? Тука мора да се допре и прашањето за правичноста на пензискиот систем. Како да се обезбеди таа?

Н. Мемов: Фондот на ПИОМ секој месец одвојува средства за здравственото осигурување на пензионерите. Оваа обврска, која се реализира согласно законското решение, претставува посебен товар за Фондот. Средствата што се издвојуваат и се префрлаат во Фондот за здравство се во висина од 11,8 проценти од нето-исплатената пензија. Претходно, односно до 31 декември 2025 година, се одвојуваа 13 проценти од нето-исплатената пензија. На годишно ниво, таа сума изнесува 13,7 милијарди денари, односно над 220 милиони евра. Да појаснам дека Фондот одвојува средства за здравствено осигурување на пензионерите од средствата од придонесите за пензиско осигурување на сегашните осигуреници. Тука треба да има промена и да се најде поинаков начин на финансирање на здравственото осигурување на пензионерите, а не како што е сега, да се финансира од придонесите за пензиско осигурување.

Досегашниов разговор беше фокусиран на Фондот за ПИОМ, односно првиот, државниот столб на пензискиот систем. Сега да се свртиме и кон вториот (приватниот) столб на пензискиот систем, делот на т.н. задолжително капитално финансирање. Како функционира тоа во практика? Неверојатно е како лесно можат да се сретнат паушални тврдења од типот ги снема парите, потрошени се парите, не се префрлаат парите итн…

Н. Мемов: Во моментов, законскиот модел за исплата од втор столб е следен: пензијата од вториот столб се исплаќа од акумулираните средства на индивидуалната сметка преку програмирани повлекувања, доживотен непосреден ануитет или комбинација од привремени програмирани повлекувања и доживотен одложен ануитет.

ПИОМ не ја исплатува редовната пензија од вториот столб, туку има улога во признавањето на правото на старосна пензија од првиот столб, размена на податоци и евентуална доплата до најнизок износ на пензија. Кај програмирани повлекувања, во случај вкупната пресметана пензија да е помала од минималната, пензиското друштво ја зголемува исплатата додека има средства на индивидуалната сметка. Ако средствата се потрошат, пензиското друштво престанува со исплата и го известува ПИОМ, а ПИОМ продолжува со пензијата од прв столб и разликата до најнизок износ. Според одредени актуарски калкулаци што ги правиме во ПИОМ, идните пензии на членовите во вториот столб ќе бидат слични ако се членови само на првиот столб. Ние како менаџмент на ПИОМ заедно со Владата бараме начини и мерки како и на кој начин идните пензионери, членови на вториот столб да можат да остварат повисоки пензии. За оваа цел секако ќе бидат потребни измени во законската регулатива.

Во фокусот на јавноста во моментов е фукционирањето на задолжителниот приватен втор пензиски столб? Каков е вашиот став по ова прашање?

Н. Мемов: Посебна дилема е дали е оправдано значителен дел од средствата од вториот столб (приближно околу 60 %) според наведениот аргумент и слично на податоците за висока концентрација во домашни државни обврзници да се вложува во обврзници издадени од државава, а потоа државава преку буџетски трансфери да го покрива дефицитот во ПИОМ.

Во ваква поставеност се јавува кружен тек: придонесите не влегуваат директно во ПИОМ, туку дел од нив се акумулираат во вториот столб; пензиските фондови купуваат државни обврзници; државава се задолжува и со тие средства, меѓу другото, го финансира дефицитот на првиот столб. Ова може да биде стабилно од аспект на домашно финансирање на јавниот долг, но го отвора прашањето дали капитално финансираниот столб ја исполнува својата основна цел: реална диверзификација, повисок принос и намалување на идниот притисок врз ПИОМ.

Оттука прашањето не е дали државните обврзници треба да постојат во портфолиото, туку дали нивното учество е премногу високо и дали создава прикриен механизам на финансирање на првиот столб преку вториот.

Како заклучок, сметам дека системот треба да го фаворизира инвестирањето во акциско портфолио на слободниот пазар на хартии од вредност на странските пазари и депозити во странски банки, се разбира под строго пропишани правила и контрола од МАПАС. Тука треба да се обезбеди инвестирањето да биде со скалест ризик на инвестициите во зависност од тоа колкава е возраста на осигурениците.
На овој начин ќе се овозможи вистински пасивен приход и реално оплодување на средствата од вториот столб.


Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис. 15 август 2026

Повеќе од истиот автор

Најчитано