Автор сте на книгата „Швајцарскиот франк од 1798 до 2055 година“. Станува збор за навистина необичен наслов и несекојдневна содржина. Што Ве поттикна да ја напишете оваа книга? Како започна целата приказна?
К. Вајенас: Како аналитичар со децении собирам и анализирам податоци за различни финансиски инструменти. Отсекогаш сум бил фасциниран од историскиот контекст во кој се развивале тие. Уште многу рано сфатив дека речиси секогаш постојат повеќе историски податоци отколку што може да се најдат во современите финансиски бази, како што е, на пример, Блумберг (Bloomberg).
Пред околу две години забележав дека сум единствениот што успеал да ја реконструира серијата на девизниот курс меѓу швајцарскиот франк и американскиот долар сѐ до 1850 година. Токму тоа беше поттикот за книгата. Посакав да ја надополнам приказната и да ги поврзам историските факти уште подалеку во минатото – до воведувањето на првата сребрена монета на швајцарскиот франк, половина век претходно.
Можеби мислев дека се натпреварувам со вештачката интелигенција. Можеби мислев дека треба да ги поврзам фактите пред тоа да го направи таа. Токму тоа беше мотивот книгата да ја напишам без одлагање.

Кои се главните пораки што ги пренесува оваа книга?
К. Вајенас: Еден читател, кој ја купи книгата, ми рече: „Повеќето книги можат да се сумираат во две или во три реченици, но не и Вашата.“ Според него, книгата содржи толку многу историски слоеви и факти што едноставно не дозволува едноставно и кратко резиме. Во неа има и 62 графикони, што значи дека не е погодна ниту за аудиоиздание.
Исто така не изнесувам однапред поставена теза што на крајот ја докажувам. Наместо тоа им дозволувам на фактите сами да ја раскажат приказната, а на читателот да ги извлече сопствените заклучоци.
По ова долго појаснување, би издвоил неколку клучни пораки.
Првата е дека податоците, почнувајќи од 1798 година, покажуваат дека Швајцарија отсекогаш претставувала своевиден монетарен остров во однос на своето опкружување. Нејзините соседи биле монархии или империи, додека Швајцарија била мала република. Немало дилема кој располагал со поголема моќ – тоа биле соседните држави.
Швајцарија, пак, своето богатство го создавала обезбедувајќи бизнис-услуги за тие држави, вклучително и ангажирање платеници. Соседните земји често биле вклучени во воени конфликти, а тие се скапа работа. Затоа соседните земји имале долгови и инфлација. Во Швајцарија ситуацијата била сосема спротивна: де факто постоел суверен инвестициски фонд, инфлацијата останувала ниска, а националната валута била силна.
Податоците покажуваат дека овој образец продолжува и денес. Швајцарија сега е опкружена со моќната еврозона. Но, и покрај тоа, еврото во просек губело околу два проценти годишно во однос на швајцарскиот франк. Истовремено соседните држави се позадолжени од Швајцарија. Исто така и нивните стапки на инфлација се повисоки.
Цените на државните обврзници со рок на достасување до 2055 година покажуваат дека финансиските пазари и понатаму очекуваат пониски приноси во Швајцарија отколку во соседните земји. Според економската теорија, тоа значи дека инвеститорите очекуваат и натаму да продолжи разидувањето меѓу Швајцарија и нејзиното опкружување во поглед на инфлацијата и на јачината на валутата.
Оттука, како одговор на Вашето прашање, една порака на книгата е дека податоците потврдуваат постоење на јасна диференцијација што се протега „од 1798 до 2055 година“. Потоа книгата се обидува да одговори на прашањето зошто постои таа диференцијација и какви поуки можеме да извлечеме од неа.
Се извинувам за долгиот одговор!
За време на Вашата неодамнешна посета на Скопје одржавте одлично предавање во Народната банка посветено на книгата. Една од пораките што особено се врежа во сеќавањето беше дека валутите се темелат врз доверба. Може ли малку пошироко да го образложите ова гледиште?
К. Вајенас: Ви благодарам за убавите зборови. Навистина ми беше задоволство што имав можност да разговарам со присутните во Народната банка.
Да, кога зборуваме за „доверба“, мислам пред сѐ на тоа да се направи обид и да се оцени што мислат луѓето за институционалната поставеност (вклучително и законите) што се однесуваат на валутата. Постојат директни и индиректни начини да се извлече заклучок за „довербата“, вклучително и од инфлацијата и од она што луѓето го прават со нивните заштеди.
Важен столб на силата на една валута е и силата на институциите во земјата. Како се избира и се именува гувернерот на Швајцарската народна банка? Како изгледа процесот?
К. Вајенас: За вашите читатели, најнапред би сакал да напоменам дека Швајцарија нема премиер ниту шеф на држава во традиционална смисла на зборот. Извршната власт ја претставува Федералниот совет составен од седум члена кои ги избира Парламентот со мандат од четири години.
Долгогодишна традиција е овие седум места да се распределуваат меѓу четирите најголеми политички партии. Со други зборови, политичките конкуренти кои се спротивставуваат едни на други на изборите, откако ќе бидат избрани во Федералниот совет, треба да ги надминат своите политички разлики и да дејствуваат како еден обединет тим.
Гувернерот на Швајцарската народна банка е именуван од Федералниот совет врз основа на формален предлог од надзорното тело на Швајцарската народна банка – Советот на Банката – за фиксен мандат од шест години.
Значи, еден повеќепартиски и разновиден совет му предлага кандидат на друг повеќепартиски и разновиден совет. Тоа е швајцарскиот модел: ниедна поединечна личност не треба да располага со премногу моќ.

Друг важен столб на силата на една валута е управувањето со јавниот долг и што се случувало со него низ текот на времето. Каков е пристапот на Швајцарија кон ова прашање имајќи ја предвид долгорочната стабилност на швајцарскиот франк?
К. Вајенас: Ова е исклучително важно прашање. Имаше период кога јавноста сметаше дека политичарите трошат премногу средства. Тоа доведе до одлуката во 2001 година да се воведе таканареченото „правило на должничка кочница“ (debt brake) кое бара швајцарскиот буџет да биде избалансиран „во текот на економскиот циклус“.
Во практика, ова правило најчесто резултира со балансирани буџети или со мали буџетски суфицити бидејќи оние кои ги подготвуваат буџетските проекции обично се одлучуваат за повнимателен пристап.
И во оваа мерка може да се види карактеристичната логика на швајцарскиот систем – ограничување на концентрацијата на моќта кај една институција или поединец било да станува збор за министерот за финансии, за извршната власт или дури и за Парламентот.
Живееме во време кога јавниот долг на развиените земји значително се зголемува и создава притисоци врз долгорочните перспективи на нивните валути. Истовремено светот се движи кон сѐ поголема дигитализација, вклучително и во финансискиот сектор. Во таков контекст, како ја гледате иднината на книжните валути во светот?
К. Вајенас: Отворате две многу важни прашања.
Првото е прашањето за јавниот долг. Традиционално големите нивоа на задолженост на државите биле поврзани со големи и со значајни настани како што се подготовките за војна или за нејзино избегнување. Адам Смит, во своето капитално дело „Богатството на народите“, објавено во 1776 година, напишал дека способноста на владата да се задолжува ја ослободува од стравот дека ќе го налути населението со големо и со ненадејно зголемување на даноците за финансирање на неопходните расходи.
Денес живееме во период кога владите се задолжуваат за најразлични цели. Граѓаните често не го забележуваат долгот. Но, од бројните должнички кризи низ историјата знаеме дека во одреден момент пазарите немаат желба да ја финансираат државата по дотогашните, пониски каматни стапки. Тогаш, ненадејно, инвеститорите може да побараат значително повисока каматна стапка која не е во состојба владата да ја поднесе. Во таква ситуација, последиците ги чувствуваат и обичните граѓани бидејќи кризата се прелева и врз банкарскиот систем и врз вредноста на нивните заштеди.
Во врска со втората поента, дигитализацијата на финансискиот систем, претпоставувам дека мислите на новите облици на пари, односно приватно издадените форми на пари.
И такви појави сме имале низ историјата. Во одреден период приватните банки издавале сопствени банкноти. Секогаш кога таквиот систем станувал нестабилен, државата морала да се вклучи.
Централните банки денес внимателно ги анализираат последиците и ризиците поврзани со стабилните дигитални монети (stablecoins) и другите форми на приватни пари.
Основната порака е дека луѓето треба внимателно да разберат каде ги чуваат своите заштеди.
Вие сте главен инвестициски директор во лиценцирано друштво за управување со средства во Швајцарија. Како ја гледате иднината на финансиските пазари во ова време на голема неизвесност и значајни промени во глобалната економија?
К. Вајенас: Сите ние постојано учиме. Повторно се наоѓаме во период во кој се случуваат големи и до неодамна незамисливи технолошки достигнувања. Во овој момент не можеме со сигурност да знаеме кои ќе бидат победниците на утрешниот ден.
Затоа најдобриот пристап е да се има диверзифицирано портфолио составено од различни класи на средства што покажале низ вековите отпорност и способност за зачувување на вредноста.
Едно е да се стекне богатство инвестирајќи во една тесно определена област. Но, нешто сосема друго е да се зачува веќе стекнатото богатство со иста таква инвестиција во тесно определена област.
Ви благодарам за интервјуто.
Разговараше: Зоран Јовановски
Економија и бизнис, 15 јули 2026г








