Германците се загрижени и не сакаат да трошат, според студијата на институтите од Нирнберг NIM и GfK. Германските потрошувачи заштедиле повеќе во септември отколку во кое било време од глобалната финансиска криза во 2008 година.
Склоноста кон штедење нагло се забрза, додека во исто време очекувањата за пад на приходите се зголемија, иако склоноста кон големи купувања само малку се намали, наведуваат институтите во новото месечно издание на студијата, пренесува ДПА.
Очекувањата за расположливиот доход не беа толку песимистички од април оваа година.
„Домаќинствата проценуваат дека скапата енергија ќе ја ослабне нивната куповна моќ. Потрошувачите се песимистички настроени во врска со приходите во следните 12 месеци , рече експертот за потрошувачка на NIM, Ролф Биркл.
Поради ова, се зајакна тенденцијата за штедење, бидејќи во време на неизвесност, поради цената на енергијата и економската перспектива, граѓаните чувствуваат потреба да одвојат повеќе пари настрана.
Тенденцијата за штедење особено се зајакна кај побогатите домаќинства.
„Овие домаќинства се чини дека сакаат да го компензираат губењето на куповната моќ поради инфлацијата со заштеда на пари“, се вели во студијата.
Од другата, позитивна страна, граѓаните ги подобрија своите очекувања во врска со економскиот раст во септември, петти месец по ред. Тој став неодамна беше поткрепен со ревизија нагоре на економската прогноза на водечките домашни институти.
За потребите на студијата, анкетирани се 2.000 потрошувачи помеѓу 3 и 14 септември, како дел од поширока анкета за Европската комисија.
Фото Економија и бизнис







