Мастеркард воспостави партнерство со Стопанска банка. Зошто сега и како ова партнерство се вклопува во пошироката стратегија на Мастеркард за нашиот пазар но и пошироко, за Западен Балкан?
Б. Циолковски: Република Северна Македонија се наоѓа во една значајна фаза во процесот на дигитална трансформација. Сведочиме на засилен раст на електронските плаќања, зголемено користење на дигиталните услуги од страна на клиентите и растечка побарувачка за едноставни/брзи и безбедни плаќања. Овие движења создадоа соодветни услови за партнерства кои ќе ја забрзаат иновацијата и ќе донесат опипливи бенефити за клиентите и за бизнисите.
За Мастеркард, ова партнерство е одраз на нашата долгорочна посветеност кон пазарот во Република Северна Македонија и поширокиот регион на Југоисточна Европа.
Нашата стратегија е да работиме интензивно со водечките финансиски институции кои ја делат нашата амбиција за модернизирање на платежните системи и поддршка на економскиот раст преку дигитализација. Стопанска банка обезбедува силна локална застапеност со јасна визија за иновации, поради што претставува природен стратешки партнер за нас.
Заедно, не само што ќе воведуваме нови картични производи, туку и ќе помагаме да се изградат инфраструктура и услови кои ќе ја поддржат следната генерација на дигитални плаќања, финансиска инклузија и деловен раст ширум земјата.
Кои нови производи, технологии или кориснички искуства може да очекуваат деловните клиенти и физичките лица како резултат на партнерството, посебно во делот на бесконтактни плаќања, дигитални паричници, електронска трговија и сајбер безбедност?
Б. Циолковски: Клиентите се повеќе очекуваат плаќањата да бидат брзи, едноставни и безбедни без оглед дали плаќаат преку интернет, на продажно место или управуваат со своите финансии преку мобилен уред. Практичните решенија се повеќе се предуслов за лојалноста, но само доколку се безбедни и доверливи.. Затоа првиот столб на нашето партнерство е да го обезбедиме врвно дигитално искуство, засновано на безбедност и доверба.
Физичките лица ќе може да ги користат придобивките што ги нудат дебитните и кредитните картички од премиум продуктната платформа Мастеркард Платинум, додека деловните клиенти ќе имаат пристап до Мастеркард бизнис решенија наменети во поддршка на нивното работење, деловна отпорност и амбиции за раст.
Покрај картичните производи, Мастеркард денес располага со широк спектар на технологии што придонесуваат за подобро дигитално корисничко искуство. Меѓу нив се токенизацијата, која ја зајакнува безбедноста на дигиталните трансакции, Click to Pay, што овозможува побрзо и поедноставно плаќање преку интернет, како и платежни клучеви (passkeys) кои ја подобруваат автентикацијата u ја намалуваат потребата од дополнителни чекори при потврдување на трансакциите
Дополнително, Мастеркард поддржува интеграција со дигитални паричници, овозможувајќи им на клиентите едноставно и безбедно плаќање преку нивните мобилни уреди.
Нашиот фокус е многу јасен: да и помогнеме на Стопанска банка да понуди врвно дигитално банкарско искуство засновано на безбедност, интуитивност како и решенија што одговараат на современите потреби на физичките лица и бизнисите.

Како го оценувате моменталното ниво на прифатеност на дигитални плаќања кај нас и кои се активностите кои сметате дека ќе ја забрзат транзицијата од готовина во дигитални плаќања во годините што претстојат?
Б. Циолковски: Прогресот кој е направен во изминатите години во Република Северна Македонија е навистина значаен. Електронските плаќања постојано се во раст, клиентите се повеќе стекнуваат доверба во користењето на дигитални финансиски услуги. Според податоците од НБРСМ, вредноста на електронските плаќања и картичните трансакции расте побрзо од повлекувањето на готовина, што претставува јасен показател за структурни промени во навиките и однесувањето на клиентите.
Сепак, потенцијалот за натамошен развој останува значителен. Следната фаза не треба да биде насочена само кон проширување на пристапот до дигиталните плаќања, туку и кон унапредување на квалитетот на корисничкото искуство. Тоа подразбира пошироко прифаќање на дигиталните плаќања кај трговците, понапредни дигитални банкарски услуги, поразвиен екосистем за електронска трговија и решенија што ќе им овозможат на малите бизниси целосно да учествуваат во дигиталната економија.
Доколку клучните чинители/учесници во секторот, вклучително банките, трговците, регулаторите и технолошките компании, продолжат да работат заедно, уверен сум дека Република Северна Македонија ќе ја забрза својата транзиција кон поефикасна, поинклузивна и подигитализирана економија во годините што следат.
Платежната индустрија се соочува со нагли промени од дигиталните паричници, фин тек компанииите итн. Како, според вас, ќе се развива платежната индустрија понатаму и која улога ќе преземе Мастеркард во таа иднина?
Б. Циолковски: Иднината на плаќањата ќе продолжи да биде сè поневидлива, поинтелигентна и побезбедна, а довербата ќе остане нејзин најважен предуслов.
Клиентите се помалку внимание посветуваат на формата на плаќање, а се повеќе на квалитетот на корисничкото искуство кое го добиваат. Без разлика дали плаќаат со картичка, паметен телефон, часовник, дигитален паричник или преку вградено платежно решение, тие очекуваат плаќањата да се случат моментално, безбедно и со минимален број на чекори.
Неколку трендови ќе имаат особено силно влијание врз платежната индустрија во следните 5 години. Меѓу нив се растот на дигиталните паричници, токенизацијата, биометриската автентикација и појавата на платежни искуства базирани на вештачка интелигенција. Паралелно на ова, влегуваме во ерата на интелигентни агенти кои може значително да им помогнат на клиентите да откриваат, избираат и купуваат производи во нивно име. Како што трговијата станува се поинтелигентна и поавтоматизирана, довербата ќе мора да остане во нејзината основа.
Улогата на Мастеркард ќе биде да помогне новите искуства (вклучително и трговијата поттикната од вештачка интелигенција и агентската трговија) да се одвиваат на безбеден и доверлив начин, со јасна согласност и контрола од страна на корисникот, силна автентикација и со вградена заштита на потрошувачите уште од самиот почеток.
Дигиталните валути, вклучително и дигиталните валути на централните банки и т.н. stablecoins привлекуваат глобално внимание. Дали на овој развој гледате како на предизвик или како на можност за Мастеркард?
Б. Циолковски: Улогата на Мастеркард значајно еволуираше, од компанија фокусирана првенствено на овозможување на картични трансакции до технолошки партнер кој обезбедува доверливо, интероперабилно платежно искуство преку различни платформи, канали и облици на плаќање.
Денес, Мастекард е технолошка компанија која окрестрира широк екосистем што опфаќа платежна инфраструктура, сајбер-безбедност, аналитика, решенија за дигитален идентитет, спречување на измама и алатки за дигитална трговија. Нашата амбиција е да дадеме поттик на дигиталната економија без оглед на методот на плаќање кој го избираат клиентите.
На дигиталните средства и на таканаречените “stablecoins” гледаме како на можност за проширување на изборот што граѓаните и бизнисите го имаат при плаќање и наплата. Наш фокус е овие нови решенија да бидат развивани во согласно со највисоките стандарди за безбедност, усогласеност, интероперабилност и доверба, во склад со очекувањата на клиентите.
Основното прашање не е во каква форма ќе постојат парите во иднина, туку како граѓаните и компаниите може да ги користат безбедно, практично и во соодветен обем. Во текот на својата историја, Мастеркард се развиваше паралелно со развојот на технологијата и промените во однесувањето на клиентите. Дигиталните валути претставуваат уште еден чекор во еволуцијата на платежниот екосистем.
Нашиот фокус е насочен кон обезбедување на интероперабилност, безбедност, заштита на корисниците и градење доверба. Без разлика дали иднината ќе вклучува дигитални валути на централните банки, stablecoins, токенизирани депозити или други форми на дигитални средства, граѓаните и бизнисите ќе продолжат да очекуваат доверлива инфраструктура, високо ниво на сајбер-безбедност, сигурна верификација на идентитетот и заштита од злоупотреби. Мастеркард располага со докажана експертиза во сите овие области.

Активно инвестираме во капацитети и технологии кои ќе ни овозможат да ги поврземе новите форми на дигитални валути со поширокиот платежен финансиски екосистем, истовремено задржувајќи ги високите стандарди за безбедност и сигурност кои клиентите ги очекуваат.
Повеќе од една деценија ја градиме основата за иднина во која клиентите ќе имаат пристап до повеќе начини за пренос, управување и размена на средства преку повеќе поврзани платежни екосистеми.
Со аквизицијата на BVNK, дополнително го зајакнуваме нашиот капацитет за безбедно, интероперабилно и усогласено поврзување на дигиталните валути со традиционалната платежна инфраструктура. BVNK носи докажана експертиза и технологија која е на допирната точка помеѓу stablecoins и традиционалните финансии, додека Мастеркард придонесува со своето глобално присуство, долгогодишни партнерства, напредните безбедносни капацитети и децениско искуство во управување со обемна платежна инфраструктура.
Заедно, можеме да помогнеме клиентите да управуваат, да ги разменуваат и да праќаат средства на безбеден, доверлив и интер-операбилен начин, во согласност со нивните очекувања.
Вештачката интелигенција ги трансформира индустриите. Како ВИ го менува плаќањето, заштитата од измама и управувањето со ризиците во Мастеркард?
Б. Циолковски: Вештачката интелигенција веќе има значајна улога во платежниот екосистем, а очекуваме нејзиното влијание дополнително да расте во годините што следуваат.
Една од најзначајните примени е во делот на заштита од измами, област во која Мастеркард со години користи напредна аналитика и вештачка интелигенција за заштита на платежниот еко-систем. Вештачката интелигенција овозможува анализа на огромни количини на трансакциски податоци во реално време и препознавање на сомнителни обрасци со поголема брзина и прецизност од традиционалните методи. Ова им помага на финансиските институции поефикасно да спречуваат измами, а истовремено да го сведат на минимум влијанието врз корисничкото искуство на легитимните клиенти.
Вештачката интелигенција го трансформира и корисничкото искуство. Таа овозможува
оперсонализирани дигитални интеракции, подобри препораки, поефикасна корисничката поддршка и поинтуитивно корисничко искуство од банкарството до трговијата.
Во областа на управување со ризиците, вештачката интелигенција ги унапредува предиктивните можности на институциите и им помата порано да ги идентификуваат потенцијалните закани и поефективно да одговорат на нив. Дополнително, гледаме голем потенцијал во т.н. агентска трговија, каде интелигентни дигитални асистенти ќе им помагаат на корисниците да носат информирани одлуки и безбедно да спроведуваат трансакции во нивно име. Ова претставува фундаментална промена која ќе бара ново ниво на инфраструктурни стандарди за зачувување на безбедноста и довербата на корисниците.
Во Мастеркард нашиот пристап се темели на одговорни иновации. Фокусирани сме на користење на вештачката интелигенција за плаќањата да ги направиме побезбедни, поинтелигентни и подостапни, истовремено одржувајќи ги највисоките стандарди на сигурност, приватност и доверба.
Разговараше: Кирко Бошкоски
Економија и бизнис, 01 септември 2026г








